Говорот на омраза стана омилена алатка на модерните инквизитори на слободниот говор, претворајќи ја критичката мисла во ерес
Волтер не живее повеќе во Македонија. Не живее ниту во Европа, за волја на вистината. Ја ререлативизираа и урнисаа неговата позната максима дека: „можеби не се согласувам со она што имате да го кажете, но до смрт ќе го бранам вашето право да го кажете тоа“, како и неговата констатација дека „правото на слободен говор е поважно од содржината на таквиот говор“. Правото на Европската Унија, следејќи ги стапките на националното законодавство, наметнува извршни должности на социјалните платформи за чистење на „говорот на омраза“ и „дезинформациите, иако застапниците на слободата на говорот предупредуваат дека овие правни ограничувања се несмасни и опасни алатки што се закануваат да ја потиснат слободата на говорот далеку од границите на нејзините вистински цели. Во новиот извештај за „спречување на ’напливот на омраза’ или задушување на слободното изразување на интернет? – иднината на слободниот говор, тинк-тенк со седиште на Универзитетот Вандербилт предупредува дека онлајн регулативата во Германија, која се променила во 2017 година, со цел да се бори против нелегалните онлајн содржини како што се клевета, поттикнување и религиозни навреди“, ги инспирирала законодавците низ светот, особено во Европа, за носење слично законодавство со кое им се дава премногу моќ на владините агенции да означуваат и отстрануваат потенцијално нелегални содржини од социјалните мрежи. „Законот за дигитални услуги“ на ЕУ од 2022 година во суштина ги обврзува компаниите во ИТ-секторот да дејствуваат како приватизиран цензор во име на владите цензори, кои ќе уживаат голема дискреција под нејасни и субјективни стандарди, со застрашувачкиот ефект врз слободното изразување и потенцијалното потиснување на легитимниот дискурс на слободниот говор на интернет. И, токму последниот извештај за имплементација на ваквото законодавство на ЕУ потврди дека значително мнозинство (од 87,5 до 99,7 отсто) од избришаните коментари на Фејсбук и Јутјуб во Франција, Германија и Шведска биле законски дозволени, што укажува на тоа дека платформите, страниците или каналите на социјалните мрежи претерано отстрануваат (читај цензурираат) содржини за да избегнат регулаторни казни. Овие податоци покажуваат дека е застрашувачка новата форма на цензура што „хара“ на социјалните мрежи, задушувајќи ја и убивајќи ја слободата на говорот.
Кај нас? Ние сме во темниот среден век на слободниот говор. Си ја наѓубривме демократијата со ментални слуги во новинарството, создавајќи, со текот на времето, модерни инквизитори на слободната мисла и говор. Говорот на омраза стана омилена алатка на модерните инквизитори на слободниот говор, претворајќи ја критичката мисла во ерес. Дека забегаа потврдува последниот случај со новинарот Богдан Илиевски, каде што не само говорот на омраза туку и поттикнувањето говор на омраза требало да биде санкционирано во македонското општество. За они што љубат цензура на слободната мисла и говор ќе го цитирам мислење на американската делегација поднесено до Комитетот за елиминација на расната дискриминација (ЦЕРД) на 20 август 2012 година за разгледување во врска со тематската дискусија на Комитетот на ЦЕРД за расистички говор на омраза: „Забранувањето и казнувањето на навредливиот и говор на омраза ниту е ефикасен пристап за борба против таквата нетолеранција, ниту е соодветна улогата на владата во обидот да промовира почитување на различностите. Како што изјави претседателот Обама во говорот одржан во Каиро, Египет, во јуни 2009 година, потиснувањето на идеите никогаш не успева да ги натера да исчезнат. Всушност, тоа може да биде контрапродуктивно, па дури и да го подигне профилот на таквите идеи. Сметаме дека најдобриот противотров за навредливиот и говорот на омраза е конструктивниот дијалог, кој се спротивставува и одговара на таквиот говор со негово побивање преку принципиелни аргументи, предизвикувајќи говорот на омраза да падне под сопствената тежина. Дополнително, ние веруваме дека владата треба да зборува против таквиот навредлив говор и да употреби алатки за справување со нетолеранцијата што вклучуваат комбинација од силна правна заштита од дискриминација и злосторства од омраза, проактивно информирање на владата, образование и енергична одбрана на човековите права и основни слободи, вклучувајќи ја и слободата на изразување“.
И токму она што нашите модерни инквизитори на слободата на говор нема да можат да го разберат со својот ограничен ум е констатацијата на САД дека нивната сопствена историја ги научила дека ограничувањето на слободата на изразување со забрана на навредлив и говор на омраза е погрешен и опасен потфат. „Подобро да се осигуриме дека патиштата на изразување остануваат отворени – со цел да се разоткрие, спротистави и да се удави говорот на омраза на пазарот на идеи“. Американскиот одговор на говорот на омраза е комбинација на проактивно информирање до заедниците и спроведување на законите за антидискриминација и злосторства од омраза како одговор на говорот на омраза. Алтернативната опција – забрана на говор поради неговата навредлива содржина – не само што ги жртвува слободата на изразување и нејзините придобивки туку ја принудува идеологијата на омраза да загнои и да најде нови форуми во кои ќе се манифестира. Покажувањето страв од идеи со омраза подразбира дека тие се моќни; исмевањето и побивањето ги прават помалку привлечни“. Нашите новинарски инквизитори на слободниот говор градат срамна историја на слободата во случајот со Богдан Илиевски. Понекогаш се прашувам дали може да бараш повеќе слобода од обични ментални слуги што успеаја да ја загнојат македонската демократија и како чумата во средниот век да ја заразат слободата? Одговорот е очигледен: не можеш. Добро, зошто?
Проф. Звонимир Јанкулоски