„Незаконските дејства не можат да создадат закон“ или „законот (и правото) не произлегува од неправдата“
Прифаќањето на наметнатите услови за прием во ОН не ја легализира нелегалната постапка за прием, како и нелегалните наметнати обврски
Во врска со актуализирањето на прашањето за воспоставување на уставното име на Република Македонија во Обединетите нации (ОН), понекогаш се поставува прашањето:
А) Дали таков чекор е правно возможен кога се знае дека Македонија ја прифати резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното собрание на ОН со која беше извршен приемот (а која ги содржи условите да Македонија) и го прифати привременото име („реферирање“) ПЈРМ за користење во системот на ОН? И второ,
Б) Да преговара со Грција за своето име?!
(Вториот услов е даден во имплицитна форма: референцата ПЈРМ ќе се користи „сѐ додека не се разреши разликата која се појави околу името“, но во резолуцијата на Советот за безбедност 817 (1993), со која приемот се препорачува, тој има експлицитен вид).
Прифаќањето на оваа резолуција од страна на Македонија имплицира дека таа го прифаќа и „реферирањето“ ПЈРМ во системот на ОН и обврската да преговара за своето име со Грција. Од друга страна, во нотата на тогашниот претседател на Владата на Република Македонија од 24 март 1993 година до претседателот на Советот за безбедност, во врска со нацртот на резолуцијата 817 (1993) на Советот, се нагласува дека „Република Македонија ни под кои услови не е спремна да го прифати ПЈРМ како име за земјата“. Во истата нота исто така се изразува и „разочарување“ што Советот за безбедност не ја следел стандардната форма на резолуциите за прием на нови членки во ОН. Овој протест на македонската влада во врска со текстот на препорачувачката резолуција на Советот за безбедност, меѓутоа, е наполно игнориран во дефинитивните текстови на резолуциите 817 (1993) на Советот за безбедност и 47/225 (1993) на Генералното собрание. Произлегува дека условите а) и б) при приемот на Македонија ѝ се наметнати! Дали при овие околности македонската влада би требало да ја повлече својата апликација за членство во ОН е политичко прашање.
Нас овде ќе нѐ интересираат правната валидност и правните последици на прифаќањето на резолуцијата 47/225 (1993) со наметнатите обврски за Македонија. Особено, дали прифаќањето на условите а) и б) може да биде пречка за преземање чекори кај ОН за испитување на нивната законитост, односно нивната согласност со одредбите на Повелбата на ОН.
Како што покажува правната анализа на резолуциите 817 (1993) на Советот за безбедност и 47/225 (1993) на Генералното собрание на ОН, поставувањето на условите а) и б) за Македонија при нејзиниот прием во ОН претставува грубо кршење на Повелбата на ОН. Бидејќи со аргументите и резултатите на таа анализа нашата (па и светската научна) јавност е веќе запознаена, овде, заради дефинирање на контекстот на овој напис, ќе ги споменеме само најважните заклучоци на анализата.
Приемот на државата во членство на ОН е регулирано со членот 4 на повелбата, чиј прв став ги пропишува условите за прием. Според советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година, прифатено и од Генералното собрание на ОН (со резолуцијата 197/III (1948)), тие пропишани услови се исцрпени (потребни и доволни) и не можат да се прошируваат со дополнителни услови. Членка на ОН, која во Советот за безбедност или Генералното собрание гласа за прием во членство во ОН на некоја држава, „правно не е овластена да ја даде својата согласност за прием во зависност од услови што не се изрично предвидени во ставот 1 од речениот член (4)“, се вели во споменатото судско мислење што е потврдено со резолуцијата 197/III (1948) на Генералното собрание.
Во резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност се оценува дека Македонија ги задоволила критериумите за прием наведени во членот 4, став 1 од повелбата (со што Македонија стекнува право на членство), но се додаваат уште и гореспоменатите два услова, со што се проширува исцрпното множество на потребни и доволни услови на членот 4. Вклучувањето на овие услови во резолуцијата за прием има нелегален карактер, бидејќи членот 4, интерпретиран со прифатеното судско мислење од 1948 година, претставува правна норма.
Гласањето во Советот за безбедност и во Генералното собрание за соодветните резолуции, поврзани за приемот на Република Македонија во ОН, кои ги содржат дополнителните услови, очигледно претставува пречекорување на овластувањата на овие органи. Вклучувањето на овие услови во резолуциите за препорака и одлучување за приемот, според оние од членот 4 за кои се тврди дека Македонија ги исполнила, доведува до ад хок воведување во системот на ОН нова институција на „условен прием“, што не е предвидено со повелбата или со кој било друг документ на ОН. Имено, дополнителните услови поставени за Македонија при приемот не се услови што таа треба да ги исполни пред влегување во членство, туку обврски што таа треба да ги прифати како членка (ако сака да стане членка). Ова укажува дека дополнителните услови поставени за Македонија немаат правна, туку чисто политичка природа! Поставањето на (и гласањето за) дополнителните услови во соодветните резолуции за препорака и прием на Република Македонија во членство на ОН, според тоа, претставува грубо кршење на членот 4 на повелбата и одземање на правото на кандидатот на прием во членство кога ги исполнува пропишаните (во членот 4 на повелбата) критериуми за прием.
Нелегално поставените дополнителни услови за Македонија при нејзиниот прием во ОН имаат и други, значително поважни правни ефекти. Со наметната деноминација ПЈРМ (за користење во ОН), на Македонија ѝ се одзема нејзиниот правен идентитет (и заменува со друг) и според нејзиното противење во напред споменатата нота на македонската влада. Одземањето на правниот идентитет на државата, како битен елемент на нејзината правна личност (заштитена со Декларацијата за принципите на меѓународното право од 1970), претставува грубо кршење на правниот принцип на суверена еднаквост на државите членки, прокламиран во членот 2, став 1 од повелбата. Повеќе од тоа, со вториот услов Б) за прием, Македонија е натерана да прифати обврска да преговара за своето име, со што ОН (како, впрочем, и со условот А) навлегува во доменот на строгата внатрешна јурисдикција на државата, спротивно на членот 2, став 7 од повелбата. Изборот на името е инхерентно право на секоја држава (самоопределување на сопствениот легален идентитет), односно влегува во јус когенс нормите на меѓународното право.
Со обврската за преговори со Грција за името, на Македонија ѝ се одзема едно инхерентно право, а на еден надворешен фактор (држава) му се дава можност за мешање во внатрешните работи на државата. Тоа е исто така спротивно на членот 2, став 4 од повелбата. Деградираната правна личност на Македонија во ОН и обврската да преговара со Грција за името ја поставуваат Македонија во дискриминирана положба во однос на другите држави членки на ОН, т.е. во нерамноправен членски статус.
Принципите на ОН внесени во членот 2 на повелбата претставуваат правни норми, кои ги обврзуваат како членките така и Организацијата на ОН, како меѓународен правен субјект. Нивното прекршување повлекува правна одговорност. Како и повредата на членот 4, став 1, повредите на став 1 (суверена еднаквост на државите – членки) и став 7 (немешање во внатрешната јурисдикција) од членот 2 на повелбата претставуваат акти на пречекорување на овластувањата на Организацијата (ultra vires акти).
Да се вратиме сега кон прашањето поставено во почетокот на написот: дали прифаќањето од страна на Македонија на резолуцијата со која е примена во членство во ОН, заедно со дополнителните обврски за Македонија што таа резолуција ги содржи, ги отстранува повредите на членовите 4 (став 1) и 2 (ставови 1 и 7) на повелбата направени со таа резолуција? Одговорот е очигледно негативен. Членот 4 е правна норма и нејзината содржина и дејство не можат да зависат од „договорот“ меѓу апликантот и Организацијата за нивно менување. Бесправниот карактер на дополнителните услови А) и Б) за прием на Македонија во членство на ОН произлегува од самиот карактер на таа норма (да ги фиксира условите за прием) и од фактот што дополнителните услови го трансцендираат чинот на приемот и, според тоа, немаат правна природа. Во согласност со принципот во меѓународното право EX INjURIA JUS NON ORITUR (од бесправност не може да произлезе право), прифаќањето на незаконски поставените услови нема правна релевантност, т.е. не може да ги легализира таквите услови. Согласноста на апликантот да ги исполнува обврските поврзани со дополнителните услови за прием не ја ослободува Организацијата од одговорноста за пречекорување на своите овластувања и за повредите на членовите 4 (став 1) и 2 (ставови 1 и 7) на повелбата. Правните норми на повелбата имаат функција да воспостават одредени права и обврски за државите членки и за Организацијата, кон кои тие треба да се придржуваат. Членот 4, став 1, на пример, го заштитува правото на државата да биде примена во членство кога ги исполнува пропишаните (во тој член) услови. Проширувањето на овие услови од страна на Организацијата претставува повреда на оваа норма, па дури и ако апликантот се согласил со таквото проширување.
Правниот принцип EX INjURIA JUS NON ORITUR важи и во домашната јурисдикција. Ако е, на пример, законски пропишана минималната цена на работниот час, а работникот, заради нужда, се согласил да работи и за пониска цена, тоа не го ослободува работодавачот од одговорноста пред законот за понудената (односно платената) пониска цена на работниот час.
Во прашањата поврзани со приемот, суспензијата или исклучувањето од членство, Организацијата и државата членка (односно апликант) се појавуваат како меѓународни правни субјекти, и тоа во однос што има контрактуални карактеристики. Како што е познато од договорното право, согласноста дадена за контрактуалниот однос престанува да биде валидна ако таа е дадена под притисок, на измама, во заблуда, по грешка или со кршење на правилата на меѓународното право и особено неговите јус когенс норми (како што се правната еднаквост, самоопределувањето, недискриминацијата и сл.). Во случајот на приемот на Република Македонија во ОН, прифаќањето на дополнителните услови за прим можело да биде резултат на можни притисоци од разен вид, заблуда за законитоста на предложените нацрт-резолуции за приемот и сл. Во секој случај, контрактуалниот однос (приемот) е воспоставен со нарушување на принципот на самоодредување на легалниот идентитет и со воспоставување дискриминиран членски статус (правна нееднаквост) на Република Македонија, што укажува на правната невалидност на приемот (односно резолуцијата 47/225 (1993)).
Заради сите овие причини, прифаќањето од страна на Република Македонија на дополнителните услови (обврски) содржани во резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното собрание не може да се смета дека има правно дејство. Затоа Македонија има полна правна слобода да го постави прашањето за легалноста на тие услови пред Генералното собрание на ОН, односно да предложи резолуција во Генералното собрание со која Генералното собрание бара советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата за согласноста на поставените дополнителни услови кон Македонија при нејзиниот прием со одредбите на повелбата!