ЕУ на нишан од сопственото оружје

Во ситуација кога ЕУ се вооружува до заби, во втор план одат повеќе важни прашања меѓу кои е и политиката на проширување, чие спроведување можеби дополнително ќе биде отежнато. Во тој контекст се наметнува уште еден логичен заклучок. Ако ЕУ е толку незаинтересирана, тромава и неажурна за да се зафати со планот опишан како пресуден за нејзиниот опстанок и понатамошно функционирање, тогаш што може да се очекува во однос на другите теми како што е приемот на нови членки

На социјалните мрежи деновиве ми излезе кратко видео во кое е прикажано некоординирано и несмасно марширање на повозрасна група мажи во воени униформи, навидум на воена парада, во прилог на кое е напишано дека тие се европската армија. Во коментарите некои се потсмеваа, други тврдеа дека се работи за лажно видео создадено со вештачка интелигенција, а трети дека станува збор за автентична снимка на ветерани на белгиската армија. Без разлика дали е вистинито или не, намерата за пласирање е јасна – да послужи за потсмев на амбициите на Европската Унија за зајакнување на воените капацитети, кои сѐ погласно се истакнуваат.
Таквите амбиции јасно се претставени преку програмата за заеми за одбрана од 150 милијарди евра, наречена САФЕ (Безбедносна акција за Европа), за која интерес изразија 18 земји членки на ЕУ, односно главните сојузници на Украина во Европа, кои се подготвени „да позајмат десетици милијарди евра за заедничко купување оружје за земјата што е опфатена во војна, како и за зајакнување на сопствената воена моќ“. Дополнително се потврдени преку концептот на таканаречената „сила за уверување“ како централен столб на безбедносни гаранции што Европа ќе ги обезбеди за повоена Украина. А заверени се со последните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон, кој нагласи дека „му е потребна нација што може да се мобилизира“, како и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која од Стразбур ја повика Европа да се бори, во нејзиното годишно обраќање.
Тие се забележуваат дури и во имплементацијата (иако бавна) на предлозите од извештајот за перспективите на конкурентноста на европскиот блок, на поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка, Марио Драги, претставен пред една година. Драги изнесе 383 препораки, предупредувајќи дека Европа се соочува со „егзистенцијален предизвик“. Но една година подоцна, и покрај ветувањата на Европската комисија за брзо дејствување, имплементирани се само 11,2 проценти од идеите на Драги (што би било oколу 40 од нив), според ревизијата на Советот за иновации на европските политики со седиште во Брисел. Притоа поголемиот дел од забележаниот напредок е постигнат во областите за кои има најмал отпор, а во кои спаѓа и заедничкото задолжување за одбрана, односно за вооружување, според аналитичарите на „Дојче банк“.
Франција и Германија, кои важат за предводнички на Унијата, се справуваат со економски проблеми и сериозни политички кризи, а разединетоста во европското семејство се забележува при снабдувањето на голем број членки со оружје од неевропски производители, што самиот Драги го потенцира во својот извештај како едно од главните прашања. Се стекнува впечаток дека сѐ во ЕУ се врти околу вооружувањето, а таквото расположение се прелева и на Балканот и во други делови од Стариот Континент, каде што се создаваат воени сојузи што не навестуваат на добро во актуелната безбедносно-политичка состојба.
Драги и сега апелира до европските лидери да го сторат она што тој им го посочи во извештајот. Земјите членки ги пофалија неговите предлози кога беа доставени, но тие сè уште одолжуваат со следење на советите. Ако Драги е „мозокот“ што ја осмисли програмата за економски реформи на ЕУ, тогаш бирократите на Европската комисија се „рацете“ задолжени за нејзино спроведување. Но забележливо е дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која го задолжи Драги да го напише извештајот, е премногу преокупирана со спречување целосна трговска војна со САД и со задржување на ангажманот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Украина, па веројатно нема време за спроведување на препораките на Драги. А се смета оти националните лидери во Европа не се подготвени да ги остават настрана ниту личните и националните интереси, за да прифатат повеќе од предлозите, меѓу кои за голем дел е потребна согласност од сите 27 членки на ЕУ.

На Драги претходно му успеа да биде спасител на еврозоната за време на должничката криза во 2012 година, но се остваруваат предвидувањата дека реализацијата на неговиот план за спас на ЕУ претставува невозможна мисија. Во ситуација кога ЕУ се вооружува до заби, во втор план одат повеќе важни теми меѓу кои е и политиката на проширување, чие спроведување можеби дополнително ќе биде отежнато. Во тој контекст се наметнува уште еден логичен заклучок. Ако ЕУ е толку незаинтересирана, тромава и неажурна за да се зафати со планот опишан како пресуден за нејзиниот опстанок и понатамошно функционирање, тогаш што може да се очекува во однос на другите теми како што е приемот на нови членки. Затоа може да се каже дека вооружувањето се заканува да ги застрела политиките на ЕУ, кои извесно стануваат колатерална штета на воените амбиции на Унијата. Зафаќањето на Унијата со планот на Драги требаше да претставува мотивација за земјите од Западен Балкан и самите да ги засукаат ракавите и да се зафатат со многу потребните реформи на сите полиња. Почнувајќи од самите односи со ЕУ и со соседите, па до справувањето со корупцијата, реформирањето на судството, здравството, образованието… Но од оваа перспектива се заклучува дека може да има контраефект, ако ЕУ не се посвети сериозно на внатрешното реформирање.