Антиупатства за лична употреба
14.07
Мила моја,
Во книшката (многу, многу ти благодарам) има извонредни податоци: безгласното разбирање на мајката и ждребето, учењето хигиена (окапито е, тоа особено ми се допадна, најчист жител на џунглата), предокот! – кусовратната жирафа со рокчиња, Samatherium, што живеела некаде во терциерот (пред 60 милиони години), заштитниците од друштвото „Водите и шумите на кибали Итури“, кои, во што е можно побезбедни стапици, т.н. зему (внимавај на акцентот), еден вид меки дупки, го ловат окапито, за живо и здраво да го пуштат на оние подрачја каде што е заштитено.
Добитникот, пак, во дилемата jonstoni, иако навивав за Оза и Мартин, е сепак Џонс-т-он, ценетиот сер Хари, некогашниот гувернер на англиска Уганда. Интересно е дека човекот речиси не видел живо окапи, но социјалната привилегираност, поткрепена со голема упорност во хобито „трагач по возбуди“ го наградува токму тој да го назначи своето име во зоолошките лексикони до името на окапито. Фиксираноста на сер Хари за окапито е, навистина, за секоја почит: почнува уште од 1882-та кога од полнокрвниот explorer Хенри Стенли за првпат ја слушнал приказната за магарето во конгоанските прашуми. Дваесетина години подоцна, во 1901-та, заразата сѐ уште трае: сер Хари конечно доаѓа до неколку парчиња кожа од кутрото окапи (што, инаку, пигмејците со векови ја користеле за правење торбички). Кожата им е поделена на двајца врвни британски зоолози: професорот Склатер изјавува дека тоа е непознат вид зебра, а професорот Ланкестер (кој од Хари добива и два черепа), пресудува, со право, дека окапито ѝ е роднина на жирафата. Потребно е да поминат уште десетина години, за да се улови окапито и уредно да се класифицира во чест на доследниот сер Хари (се надевам, тогаш сѐ уште овоземен), како okapi jonstoni.
Тоа е кусиот преглед на животната авантура на непоколебливиот Британец, кој, веројатно до крајот на својата издржлива мисија во средувањето на окапито, не пропуштал, како достоинствен поданик на империјата, во пет часот попладне, да испие шолја чај, за чиј квалитет гарантирала Источноиндиската компанија. Кога сум кај англискиот, едно друго, исто толку моќно зборче, just a moment (please), е доволно (90 сек.) да ти ја најавам приказната што брзо и неосетно се вплете во оваа за окапито. Значи тој привилегиран миг, инаку толку чест во нашата комуникација (токму сега повикав еден таков од неодамна кога низ шумата од молики се симнувавме од Копанки до Бегова чешма, а твојот глас весело детски чрчореше за идното наше патување на Тибет, за малечките ѕиркави пенисоидни печурки, за дизниевските џуџиња…), овој пат се случи во диландоговска атмосфера. Некаде по полноќ, во гостопримливиот дом на нашиот штипски пријател, ме разбуди удирањето на отворениот прозорец. Надвор беснееше бура од која не само што се тресеа електричните столбови и се свиткуваа дрвјата туку и паркираните автомобили се поместуваа напред-назад, како да се играчки во рацете на разгалено дете. Истата таа ноќ, на стотина километри подалеку, и ти ја имаше својата средба со темното под стреата на полуразурнатата куќа од 1905-та (на фотографијата што ми ја покажа таа е камена, цврста, дури и убава; нормално не може да се намириса смрдеата, ниту да се види лепливиот килим од мртви лилјаци). На масата на нашиот пријател, со кого понекогаш имам мали расчекорувања во сфаќањето на точноста (според него, таа ноќ само заросило, со неколку грмежи), од купчето книги, испратени од заедничкиот бугарски сродник, ја извлеков најдебелата, жолта – Виткаци. Ја свртев корицата. Сега знаеме дека таа фотографија е всушност издвоена од серијата фаци, но по полноќниот стрес, со сиот застрашувачки декор околу таа сама, единствена фаца на првата страница, ми го втурна во најоддалечените субрегиони на свеста сатанското лице на Виткаци. Суровост што парализира! Зарем и тебе, најмил Хермес, не те опседна слична наеженост кога ти ја покажав фотографијата два дена подоцна? Па, дури и сега, во друштво со другите снимки, направени во ист простор, во истиот тој ден, во истиот качкет и во истиот елек, со часовник и синџир, кога е јасно дека тој, како и во многу други пригоди кога бил пред апаратот – си играл! Но дури и сега останува првобитното чувство на непријатност, поткрепено со речиси театралната стриповска драматичност на бурната ноќ.
Предвидливо, се случија и други коинциденции. На пример, астролошки. Роден е во мојот ден, на 24 февруари. Татко му – моќен. Кај Станислав Виткјевич Постариот, потребата да го подучува, да го подисправа, духовно и естетски да го обликува, да го води синот свој е наметливо присутна. Сличноста е на друг план – во острината, непоколебливоста на интелигенцијата, и во онаа ретка потпора за таква интелигенција – да биде не само почитувана туку и сакана. Можеби звучи болежливо, но во тој дел од таткото на Виткаци го препознавам – сопствениот: „Како што знаеш, за мене е важна суштината на животот, а не неговото надворешно забележување“. Кога ќе го вдомат изгубениот син, тој можеби ќе сонува дека е Петар Пан. „Лебарки“, „Принцезата Магдалена или натрапливиот Принц“, „Комедиите од семејниот живот“, „Менажеријата или каприцот на слонот“ претставуваат чисто сведоштво дека најпрвин започнал летот, и тоа во закрилата на домот, а скршнувањето или ослободувањето, во зависност од која страна се гледа, следувало подоцна. Во 1914-та синот заминува во елитната офицерска школа во Петербург, за потоа да биде ранет во првата битка на Павловскиот полк, сосема одвоен од смртта на таткото – воспитувач во малото јадранско летувалиште, не само од другата страна на границата туку и од спротивната страна на завојуваните империи. „Ќе се воспитам сам. Во тоа ќе биде и мојата величина – во самообразованието при кое нема да ги повторам грешките на родителите и случајните учители. Татко ми треба да умре, во спротивно не ќе можам да започнам нов живот“. Тука, сонот и јавето си ги замениле местата. Детето марионетка, со тело на ранет руски офицер, се враќа во татковината, останувајќи до крајот недопрено и маргинално. Како и окапито, зарем не? И покрај екстравагантноста, а и поради неа, ослободен од баластот на вкочанетите формули за колективно опстојување.