Екотероризмот и злосторствата против природата

Настани, симболи, алузии

Нова опасност се надви над Македонија. Не се причина сувите облаци што не носат дожд, туку облаците од густ и црн чад од низата пожари на целата државна територија. По трагичниот пожар во дискотеката во Кочани на 16 март кога настрадаа 62 млади животи, огнот се префрли на нивите, на планините, во селата и градовите. За среќа, без човечки жртви, но со тешки еколошки, здравствени, социолошки и психолошки последици. Најверојатно и со политички што допрва може да се пројават и живнат.

Весникот „Нова Македонија“, трагајќи по вистината, доста рано и храбро, но со сигурни претпоставки, посочи дел од можните причини за овие еколошки хаварии, ако се само еколошки. Една од нив е еколошкиот тероризам, термин што беше речиси непознат во Македонија, а што ја крие веројатноста за доближување до фактите и откривање на намерите на подметнувачите на пожари. Сомневањата постојат, се чекаат директни и убедливи докази.

Еколошкиот тероризам како можна и реална закана го лоцираше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој навести измени во законите со кои подметнувањето пожар би било оквалификувано како дело на тероризам, а фрлањето смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години. За да го најави ваквиот чекор, премиерот најверојатно има сознанија што му се пренесени од органите на полицијата, на државната и јавната безбедност, не исклучувајќи и други извори поврзани со разузнавањето.

Екотероризмот не е само запалено Вардариште крај Скопје, не е избувнат пожар во една фабрика или сточна штала, една напуштена нива или голо ритче, тоа е игра со оган што не смее да се толерира и треба да се нарече со вистинското име. На прв поглед таа опасност некому му изгледа апсурдна, некому далечна, но не се малку примерите низ светот од кои се гледа дека пожарите се намерно подметнувани како дел од субверзивни дејствија против државата или против некоја актуелна влада. И во Европа веќе е заклучено дека еден дел од пожарите се користат како политичко средство за уривање на угледот на владите или за нивен пад.

Иако не може со сигурност да се тврди, но има причини да се претпоставува, дека низата необјасниви пожари на територијата на Македонија се случуваат токму во период на подготовки за одржување локалните избори и дека може да содржат субверзивни елементи за компромитирање на владата и намалување на огромната предност што ја имаат партиите од власта. Во овој момент пресмело е да се рече или да се тврди дека зад пожарите стојат лица од опозицијата, но ако некој прави такви планови или применува такви катастрофални постапки, сигурно не е токму со умот. Дали ќе биде СДСМ, дали ќе биде ДУИ, доколку се утврди дека пожарите ги подметнуваат лица од опозицијата, тогаш нивните раководства ќе треба да бидат пратени на психијатриско набљудување.

По трагичниот во Кочани, новите пожари повторно го актуализираат прашањето дали затајува системот или се виновни луѓето што го сочинуваат системот. Одговорот би бил дека колку што вината може да се бара и наоѓа во влијанието на лошиот, недограден, нејасен и конфликтен политички и општествен, законодавен и извршен систем, толку е и во луѓето што се трудат да ја заматат водата околу него. И дали проблемот е во законите или во нивното спроведување?

За триесет и пет години нема закон што не е најмалку десет пати менуван, во многу случаи се брише она што функционирало добро, а се впишува она што не може да профункционира. Нема држава во светот што за три децении продуцирала толку многу закони на кои не може да им се изброи бројот. Во напорите за усогласување на македонските закони со европското право низа закони се преведуваат речиси буквално, препишани на неразбирлив јазик, со фрази што не значат ништо, а во многу случаи неприменливи на македонска почва. Крајно конфузни, здодевни, често двосмислени, некои полуписмени, други формалистичко преписмени четива, неразбирливи за корисниците, често нејасни и за самите пишувачи. Затоа не случајно се раѓаат недоразбирања, конфликтни ситуации и неправди. Закони има, правда недостига. И одговорност недостига.

Може да се земат како пример законите за нотарите и извршителите, законите со казнените одредби во сообраќајот (посебно ненормалните и крвнички казни за паркирањето и пајаците во Скопје), за државните службеници, за просветните и културните работници, за полицајците, за војниците. Да не ги спомнуваме законите за здравството, кое од година на година е поболно. Шума од законски сматоци, кои формално се прават во корист на корисниците и на граѓаните, а најчесто се на нивна штета. Нема закон што не бил критикуван, не бил доведен во прашање и кој содржи одредби што не може да се спроведуваат во секојдневната практика. Или обратно – ако се спроведуваат доследно, така како што се напишани, речиси ништо не може да функционира. Многу нешта би застанале. Сведоци сме на многу примери кога настануваат правен вакуум, правна збрка или општествена и политичка забуна за која не може да се најде соодветно решение.

Кога би се направила една најповршна споредба, ќе се согледа дека Република Македонија по осамостојувањето е светски рекордер по промена на лица што извршувале функција – министер за правда. Народски кажано – уште едниот не седнал во фотелјата, дошол нов. Едниот работел на една половина од некој закон, другиот на втората, третиот на третата. И дека ниту еден министер не ги чита, а камоли да ги знае законите.

Сведоци сме дека и пратениците во Собранието, во најголем дел, немаат поим кои и какви закони се носат и што пишува во нив. Примерите кога во еден ден се изгласуваат по сто закони доволно говорат за тоа. Кој е тој пратеник што сите тие томови хартија може да ги прочита, министерство да ги спроведе, граѓанинот да ги разбере?

Денес клучно е прашањето, односно давањето одговор дали последните трауматични настани со пожарите ќе ја променат свеста и кај власта и кај граѓаните за одговорноста кон државата. Екотероризмот мора да се спречи и законски да санкционира, но не е само тој на дневен ред. Тука може да се набројат и злосторствата против природата какви што се бесправното, масовно сечење на шумите, загадувањето на водите, реките и езерата, уништувањето на речните брегови при вадење песок, загадувањето на воздухот во Скопје.

Деновите по локалните избори се можност конечно да се тргне по вистинскиот пат. Тоа е задача и одговорност на актуелната влада и на партијата на власт, која, најверојатно ќе владее и со најголем дел од општините во Македонија.