Еден ден, пак ќе ви освоиме сè што сте освоиле

Сосема сум аут од збиднувањата дома и насекаде. Сам на себе си направив траума. Толку многу се товарам со обврски, а морам, бидејќи од пишувањето живеам, сосема заборавив на еден книжевен рок што во недела истекува. И кога се сетив, сфатив дека материјалот е тука, ама сето тоа треба внимателно да се средува. А мене ми е далеку потешка работа напишаното да го средувам, отколку кога нешто од ништо создавам. Па така, сега малку спијам, тука сум, ама отсутно лебдеам, знам дека како што вообичаено бидува на ништо од изминативе денови нема да се сеќавам, оти малку се губам низ книжевноста кога си патувам, и реално, аут сум од збиднувањата дома и насекаде.
Океј, го видов оној тизер од новата француска теленовела во кој Брижит му залепи шлаканица на Емануел пред симнување од авион. По кусата епизода што ветува забавен серијал, сопружниците изјавија дека се шалеле. Тоа е супер, само мене ме нападна прашањето, а што прави Брижит кога не се шали? Не сакам ни да помислам. Ама па и јас да сум му фамилија на Ману, жена, брат, татко, мајка, дедо, баба, сигурно би го шлакосал. Да му бев баба и со влечка ќе го натепав. Не за друго, запнал да ѝ го направи на француската нација тоа што ѝ се случува на украинската. Макрон би да војува со Русија. Еднаш веќе напишав, ако Франција се топори да се тепа со Руси, тоа значи дека на парижани им недостига нов мост на Сена, само никој не се нафаќа да го изгради и потоа на некој му текнува, а да ја нападнеме Русија?
Не, стварно, и мене да ми се плетка Ману по дома облечен во униформа при напади на страст за војување, има да заигра воспитната. Затоа што бегал од часови по историја на кои се стекнува знаење дека не треба да си глуп и да влегуваш во војна со Русија. И не, не затоа што по територија Русија е огромна или многу се на број како популација, ниту поради фактот дека се нуклеарна воена сила. Ништо од тоа. Па и кога оној висок, згоден, русокос натчовек, Адолф Хитлер упадна воено во Русија, Црвената армија беше во очајна состојба и потоа знаеме што се случи, така што кај Русиве никаква врска нема дали се нуклеарна суперсила или држава во економска, воена и емотивна депресија. Сакам да кажам, не фаќаш да тераш крвопролевање со фанатици, кои по некое време војувањето им станува забава, спремни се половина нација со песна да ја жртвуваат за на крајот да ти стигнат до престолнина за мост да изградат. И не е ова никакво воспевање, туку обична прагматична логика што ти шепоти, за да влезеш во војна со Русија треба да си глуп со тапија. Ама терајте кај знаете сосе оние муабети, ама знаеш ли ти колку е исцрпена Русија, па само ако САД, ЕУ и НАТО им тргнат со сите сили, а знаеш ли ти дека мој вујче Сем и пофраер од твој вујко Вања и така натаму. Кој сум па јас да ви се мешам во геополитика?
Секако, ги проследив и срамот, бламажата, бруката, безидејноста, некреативноста и неспортскиот дух на грчки АЕК и Европската ракометна федерација, ама за тоа веќе нешто напишав во „Нова Македонија“, па нема да се повторувам. Поентата е едноставна. Ако и овој пат со помош на ЕХФ, Грците неспортски се провлечат како со Партизан, тогаш ракометот заслужува да биде исфрлен од Олимпијада, како и што планира Олимпискиот комитет поради скандалите токму на Европската ракометна федерација.
Понатаму, нешто ми прелета пред очи, ама не успеав да му ги пофатам деталите, а немам намера сега да си губам време на гуглање, оти ме чека оној рок во недела и книжевноста. Не разбрав што тоа Европскиот парламент ќе прави со македонскиот идентитет, дали ќе го гласа дека постои, дали ќе го ратификува или не знам колку пати ќе го споменува во оној фамозен европски извештај за државава. Немам никакви замерки или восхити Европскиот парламент да го издвои македонскиот идентитет како посебен, проблем е што јас сум сомничав околу идентитетот токму на тој Европски парламент. Тоа се една група фини луѓе со огромни плати што гласаат сериозни одлуки што потоа никој жив не ги есапи. Што и да одлучат избраниве на избори е само форма без суштина, оти потоа доаѓаат ЕУ-бирократите што никој не ги избирал, па носат одлуки што фактички се спроведуваат.
Мене ми се сосема јасни добрите намери на македонската политичка елита што сега владее со државата, нивните ангажмани во борбата против неправдата што ни се нанесува од независност наваму, а која претходниците не само што ја предадоа, туку и постојано шуруваа со оние што нè оспоруваат помагајќи им во нивните геноцидни намери кон нас, сето тоа го разбирам, мора да се позиционираме среде новите светски превирања, иако сум убеден дека и самиот свет не знае веќе кај тера, ама јас сум писател, не политичар или експерт аналитичар и стварно имам проблем со целата оваа перверзија, не знам како поинаку да ја наречам и не мислам дека таа перверзија од нас доаѓа, напротив, зборувам за срамот, бламажата, бруката на Европската Унија, оти од нив почна негирањето на посебноста на македонската идентитетска приказна. Да не мислите дека Грците и Бугарите имаат моќ самите да ја шират својата нацишовинистичка глупоштија? За оние што упорно и свесно сакаат да заборават, негирањето на нашиот идентитет започна кога ЕУ ја извади онаа наци Лисабонска декларација. И Советот за безбедност нашето име (читај, идентитет) го прогласи за безбедносен проблем.

А тоа ми е скроз кул. Се шлаам со идентитетов под мишка низ постоењето и се чувствувам како „бед мадафака“ безбедносен проблем. Си велам, ова државиве со империјалистички бекграунд, а повеќето се такви, особено оние во Советот за безбедност и членките на ЕУ што танцуваат во ритамот на западната страна од приказната, нè гледаат сиромашни, полни самоомаловажување, ама комформисти, лигави и безидејни, освен во ситуации кога си вадиме очи еден на друг, а тоа најчесто го правиме, ако ни речат ползи, ние ползиме и одеднаш им текнува, чекај, остај ти вакви никакви, не можеш да знаеш во кој од нив се крие некој нов Александар Македонски што може удобноста да ни ја испреврти. И безбедносен проблем. Тоа е, империјални фрустрации.
А знам да го злоупотребувам тоа. Ќе налетам на некои фини луѓе од државите членки на Совет за безбедност или ЕУ, ќе се размуабетиме, ќе се запиеме и јас го чекам моментот кога се опуштиле, па одам во тоалет, ме нема некое време и потоа враќајќи се, му се прикрадувам од зад грб на еден од нив и тивко, како потсвест, му шепнувам: еден ден, пак ќе ви освоиме сè што сте освоиле.