Како што минуваат годините, луѓето стануваат сѐ поопседнати со тоа да изгледаат помлади. Вечната тема за тоа што би можело да биде еликсир на вечната младост е инспирирана уште од античко време, а излегува дека гените се главниот показател за тоа колку добро (или лошо) ќе стареете. Сега научниците се осврнаа на оваа тема и дојдоа до заклучок дека ако живеете лошо, ќе стареете полошо, а тоа ќе се покаже на вашето лице.
Данските истражувачи ги следеле видливите знаци на стареењето кај 11.500 возрасни лица во текот на единаесет и пол години. Учесниците во студијата периодично биле прашувани за тоа колку пиеле и пушеле како дел од општ преглед на нивните животни навики. Истражувачите ги испитувале и нивните уши, очи и коса.
Резултатите откриле дека жените што пијат по 28 или повеќе пијалаци неделно имале 33 отсто поголеми шанси да развијат промена на бојата на очите поврзана со возраста во споредба со жените што пиеле помалку од седум пијалаци неделно. Кај мажите, ризикот скокнал на 35 проценти кога пиеле 35 или повеќе пијалаци неделно.
Пушењето кутија цигари дневно повеќе од 15 години ја зголемува веројатноста дека очите на жената ќе покажат знаци на стареење за 41 отсто во споредба со непушачите; ризикот скокнал за 12 проценти кај пушачите од машки пол.
– Ова е прва студија што покажа дека алкохолот и пушењето се поврзани со развојот на видливи знаци на стареење – велат истражувачите.