Корисниците на јавните паркиралишта ќе мораат да ги ажурираат податоците за користењето паркинг кај ЈП „Градски паркинг“, како последица на законските измени со кои е задолжително да се направи промена на ознаките на регистарските таблички од МК во НМК (NMK). Со самото тоа ќе се врши промена и на бројот на регистарската ознака т.е. ќе се добиваат нови регистарски таблички и нова сообраќајна дозвола. Граѓаните негодуваат поради овие измени, бидејќи само трошокот изнесува 1.500 денари, а дополнително им се отвораат и други непланирани обврски
СО ПРОМЕНАТА НА РЕГИСТАРСКИТЕ ТАБЛИЧКИ СЛЕДУВА ПРОМЕНА И КАЈ ЈП „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“-СКОПЈЕ
Промената на личните документи и регистарските таблички е обврска за граѓаните што мора да ја завршат до 12 февруари наредната година. Тоа значи дека граѓаните, сакале или не, ќе мораат да ги сменат сите документи, а тоа ќе мора да го направат и со договорите за паркирање, но и со регистарските таблички на своите возила. Револтирани поради ваквата ситуација, голем број граѓани негодуваат затоа што постојано им се наметнуваат нови обврски, кои не ги одбрале, а сепак мора да ги направат ако не сакаат да добиваат казни.
ДОГОВОРИТЕ МОРА ДА СЕ АЖУРИРААТ
Неодамна јавното претпријатие „Градски паркинг“ ги извести своите корисници односно корисниците на јавните паркиралишта дека, како последица на законските прописи со кои сопствениците на возила ќе мора да ги сменат регистарските таблички, ќе треба да ги ажурираат и податоците кај ова јавно претпријатие.
Како што информираа оттаму, категориите станар, вработен, правно лице и физичко лице, до 12.2.2024 година, доколку сакаат да продолжат да ги користат паркиралиштата на ова јавно претпријатие, ќе мораат да ги ажурираат податоците.
– Ажурирањето на податоците се врши со пополнување на образецот „Пријава- одјава“, при што на увид се доставува и сообраќајната дозвола од возилото. Апелираме до сите корисници навремено да ги ажурираат податоците, со што не би се соочиле со санкционирање од страна на службите на претпријатието – информираа од „Градски паркинг“.
НОВИ ТАБЛИЧКИ ЗА ВОЗИЛАТА
Од „Градски паркинг“ велат дека при промената на ознаките на регистарските таблички од МК во НМК (NMK) ќе се врши промена и на бројот на регистарската ознака, т.е. ќе се добиваат нови регистарски таблички и нова сообраќајна дозвола.
– Таа обврска на граѓаните е во согласност со законските прописи на државата. Истакнуваме дека претпријатието не им наметнува дополнителна обврска на граѓаните, од причина што дозволите за користење на услугите на ЈП „Градски паркинг“-Скопје се издаваат врз основа на бројот на регистарските таблички. Апелираме до сите корисници, по направените промени во МВР, да извршат промена и во ЈП „Градски паркинг“-Скопје. Со тоа корисниците не би се соочиле со санкционирање од страна на службите на претпријатието – велат оттаму.
Од претпријатието додаваат дека, во согласност со членот 6 од образецот „Барање-Договор“, во делот Права и обврски на корисникот и давателот на услугата за паркирање, „корисникот е должен сите измени што ќе настанат по склучувањето на ова барање-договор да ги пријави до давателот на услугата“.
Дека ќе мора да се заменат целите таблички потврдија и од МВР, од каде што нагласија дека над ознаката МК нема да стои налепница, па затоа табличките ќе мора да се заменат.
– Во врска со формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на РСМ“ бр. 293/20), не е предвидена налепница, а при менувањето на регистарската табличка се менуваат и бројките – велат од Министерството за внатрешни работи.
ГРАЃАНИТЕ ПОВТОРНО БЕЗ ВИНА НАТОВАРЕНИ СО ДОПОЛНИТЕЛНИ ОБВРСКИ
Сепак, самото тоа што произлегуваат дополнителни обврски за ажурирањето податоците, а и финансискиот товар од околу 1.300 денари што граѓаните ќе мора да го поднесат за да ја заменат табличката, предизвика низа незадоволства кај скопјани.
– Ајде лични документи да менуваме, сега и таблички и да ажурираме договори… Во ова време, кога се нема пари, навистина е премногу ова што се бара од нас. Нови таблички чинат 1.500 денари, тоа е износ што во денешницата воопшто не е за занемарување. Јасно е дека мораме да го направиме тоа и мора и да се помириме со тој факт. Сепак, можеше да се најде и друго решение, на пример кога ќе истече регистрацијата да добиваме нови таблички, кои за нас ќе бидат бесплатни – вели Јована Стефановска.
Граѓаните реагираат дека сите овие информации им доаѓаат како гром од ведро небо, особено затоа што се свесни дека мора да го направат тоа ако сакаат да продолжат да ги користат услугите.
– Сите овие информации треба некој да му ги објасни на народот. Целата обврска паѓа на наш грб. Зошто да трошам време и пари за нешто што не сум го направил јас по мој избор? Знаеме дека со договорите сме запишани со старите регистарски таблички и автоматски со новите ќе немаме право да паркираме. Како воопшто ќе докажеме дека сме ние тие – вели скопјанецот Зоран Јованов, кој користи паркинг-услуги како станар.
И експертите сметаат дека сето ова можеше да се регулира на поинаков начин, кој нема да биде на товар на граѓаните.
Според професорот Борче Давитковски, кој на Правниот факултет „Јустинијан Први“ реализираше настава од областа на јавната администрација и административното право, овие измени ќе предизвикаат дополнителни обврски и за обнова на договорите за паркирање.
– Дополнително ќе се создава невиден метеж, сите ќе треба да ги менуваат документите. Ќе има и дополнителни обврски за реажурирање договори за паркирање. Коректно беше само тоа што објавија една година однапред, за граѓаните навремено да бидат известени и дека имаат една година за да го направат тоа. Сега сите се запознаени дека при првата регистрација на возилото ќе треба да бараат и замена на табличките – смета тој.