Секогаш кога уживате во сладолед на стапче или кога ставате грејачи за уши кога надвор е студено, за овие изуми можете да ѝ се заблагодарите на детската креативност или на остроумноста на тинејџерите

Времеплов

Извонредните идеи што речиси на сите им се познати или кои секојдневно ги користиме не доаѓаат само од возрасните. Децата можат на инспиративен начин да решат различни проблеми или да ги направат нештата многу позабавни, наведува сајтот „Ридерс дајџест“.
Издвојуваме неколку изуми за кои сите знаеме, но речиси е непознато дека ги откриле деца или тинејџери, иако повеќето од нив доста долго се во употреба.

Трамбулина

Доколку како дете сте сакале да скокате на трамбулина или сѐ уште тоа ви причинува задоволство, за тоа можете да му се заблагодарите на Џорџ Нисен. Тој како 16-годишник ја изумил оваа направа, откако гледал како уметниците од трапез паѓаат во сигурносни мрежи под нив. Тој мислел дека би било позабавно за време на циркуските претстави доколку тие самите би отскокнале од мрежата. Трамбулината е родена во 1930 година, а меѓу нас е цели 90 години.

Грејачи за уши

Во 1877 година, на 15-годишниот Честер Гринвуд му здодеало да има студени уши секогаш кога оди да се лизга на мраз. Така, дошол на идеја да направи рамка од жица, а баба му му помогнала да пришие парчиња од кожа од дабар за да ги заштити ушите од студот. Грејачите за уши биле полн погодок, а особено им биле важни на војниците во текот на Првата светска војна.

Брајово писмо

Пред 1824 година, кога 15-годишниот Луј Брај измислил серија релјефни точки што ја сочинуваат Брајовата азбука, за слабовидните и слепи лица да можат да читаат со опипување на релјефните букви со врвовите на прстите, тоа било бавен и напорен процес.
Брај и самиот бил слеп, откако како тригодишник го повредил окото со алат од работилницата на татко си, а инфекцијата го зафатила и другото око.
Тој ја превел техниката на комуникација што ја користи француската војска во азбуката за слепи и слабовидни, која можела лесно да се чита.

Новогодишни свеќички

Новогодишните елки биле вистинска опасност за создавање пожар, бидејќи на нив се ставале запалени свеќички. Во 1917 година, 15-годишниот Алберт Садака ѝ застанал на пат на оваа опасност со својот изум на евтини светилки поврзани со жица и им овозможил на луѓето да уживаат во магичното осветлување на елката без страв дека поради невнимание може да се запали куќата.

Сладолед на стапче

Како и многу интересни продукти, така и сладоледот на стапче е направен по грешка. Единаесетгодишниот Френк Еперсон една студена ноќ во 1905 година го заборавил надвор филџанот во кој имало вода помешана со ароматичен прав, кои ги мешал со стапче. Изутрината кога си го зел филџанот ја затекнал замрзната течноста со стапчето во средината. Речиси 20 години по неговото случајно откритие почнал да се продава овој десерт, а денес секоја година во светот се продаваат над две милијарди сладоледи на стапче.

Првиот телевизор

Еден од пионерите што дале свој придонес во воведувањето на оваа технологија имал само 15 години кога почнал да сонува за неа. Фило Т. Фернсворт создал дијаграми за систем на електронска телевизија во 1921 година, а првата слика ја пренел шест години подоцна.

Водни скии

Осумнаесетгодишниот Ралф Самуелсон сакал да ја спои својата страст кон скијањето на снег со љубовта кон водата. Така, во 1922 година ги направил првите дрвени водни скии, најавувајќи раѓање на еден нов спорт – скијање на вода.

Пераи за пливање

Познатиот писател, пронаоѓач, научник и филозоф Бенџамин Франклин имал само 11 години кога ги направил своите први пераи, за да може полесно да плива. Меѓутоа, за разлика од денешните гумени пераи на нозете, неговиот изум, смислен во 1717 година, биле весла прицврстени на рацете.