Делегитимизација на вредните подизведувачи на Брисел

Во непокорена Македонија последниот збор го има македонскиот народ, заедно со сите други граѓани на македонската држава, а не странците. Ова е една од главните пораки што произлегоа од штотуку завршените македонски локални избори, кои беа многу повеќе одошто само изјаснување на граѓаните за нови претседатели на општини и за членови на општинските совети. Од каде ваква констатација? Во „втората, суверенистичка Франција“ пред неколку дена двете тамошни партии Непокорна Франција и Национален собир поднесоа во парламентот барање за изгласување недоверба на претседателот Емануел Макрон, незадоволни од неговите пензиски даночни, економски и политички реформи. Но и од неговата надворешна интервенционистичка политика, обележана со навика за мешање во внатрешните работи на други суверени држави наместо да ги решава домашните француски проблеми. Не им успеа барањето да го урнат Макрон, засега. „Сепак, францускиот народ го има последниот збор“, порача Марин Ле Пен, еден од двата лидера на Националниот собир, во обраќањето до јавноста веднаш потоа.
Зошто ги поврзувам македонските локални избори и внатрешните француски околности? Затоа што на 9 септември тимот на Макрон во Париз му одржа „инструктажа“ на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и потоа овој ја донесе во Македонија „Резолуцијата на СДСМ“ за „македонските црвени линии“ за „евроинтегрирањето“. Донесе, всушност, „француско-бугарска резолуција“ со наредба до 10 февруари 2026 година да се спроведе операцијата „Бугари во Устав“ и да се оствари конечно „правдата за бугарските барања“. Според теркот на Емануел Макрон. Токму поради ова беше дојдена на 14 октомври и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, само на пет дена пред да се одржат локалните избори.
Да не доживееја политиките на СДСМ толкав катастрофален пораз и да не забележеше таков успех коалицијата Вреди во однос на ДУИ, тогаш СДСМ и ДУИ како „вредни градежни подизведувачи“ за доктрините на „цементирањето“ на Македонија како „втора бугарска држава во Балканот“ ќе добиеја „крилја“ да инсистираат на предвремени парламентарни избори. Поточно да добијат шанса за можен, потпомогнат однадвор избор на нова „пролиберално-европска“ влада на попустливост и колосални идентитетски отстапки, како онаа претходната на Заев, Ахмети и Ковачевски. Таквиот концепт е делегитимиран, а локалните избори претставуваа уште една потврда на македонските граѓани за цврстата волја за опстојот на Македонија и за нејзиното успешно натамошно функционирање како држава.

Меѓутоа, овие избори имаа уште еден значаен надворешен, меѓународен аспект: ја претставија Македонија пред ЕУ, пред Европа и светот како демократска држава, способна да одржува мирни, регуларни избори, без инциденти, каде што граѓаните непречено ги остваруваат своите права на изјаснување на својата политичка волја. Иако мнозина ѝ се мешаат во нејзините внатрешни работи. Мирното и демократско гласање испрати порака до меѓународната заедница за Македонија како стабилна држава, што задобива исклучително значење во овие мигови на превирања, воена психоза и длабоки несогласувања и поделби во ЕУ.
Во согласност со терминологијата на двете, според мене, веќе водечки француски партии и на нивните лидери, и јас велам дека во непокорна Македонија на овие локални избори последниот збор го имаше македонскиот народ, заедно со сите други граѓани на македонската држава. А не странците. Сепак, во наредниов период ќе мора да се пристапи кон градењето внатрешен консензус околу натамошната судбина на евроинтеграциите, ако остане неизменлив условот на Брисел за „вметнување на Бугарите во Уставот“. Но, и тоа е решливо, бидејќи ние веќе понудивме едно „креативно решение“ во кое Бугарите и сите други досегашни „делови на народи“ ќе бидат со уставно правен статус како – конститутивни малцинства. Токму според меѓународното право и според уставите на повеќе земји членки на ЕУ.
Во врска со потребата од внатреграѓанското согласие, ќе ја парафразирам изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена веднаш по завршувањето на локалните избори. Отсега натаму ќе претстои потребата за наоѓање нови точки на заедничко градење развој и перспектива, за создавање нова „македонска национална енергија“ во македонското национално тело во насока на постепено пренасочување кон ЕУ на суверени нации, без нагло напуштање на постојната апликација кон оваа и ваква ЕУ.

Но по овие локални избори ќе претстои нужно и неизбежно создавање нова и „македонска државна енергија“ заедно со Албанците и другите етнички заедници, во смисла на заедничко градење на правецот на развојот на државата, во која сите имаат еднакви стремежи, потреби, права и интереси.
И уште за крај, во светлината на првиот круг на локалните избори…
Сметам дека од годинашниве локални избори беа упатени и некои други важни пораки: дека ниедна општина не може да се третира како „етничка сопственост“, како нечија „етничка тврдина“, а уште помалку како „воен плен од 2001 година“. Во Тетово, Македонци гласаа за едниот или за другиот кандидат Албанец за градоначалник… Ниту Тетово ниту Кичево не се „етничка сопственост“ на Албанците, тоа се општини еднакво и на Македонците и на Албанците и на Турците, на сите граѓани што живеат во нив. Кога ќе заседнат во своите фотелји, новите градоначалници во овие и сите други општини ќе мораат својата работа и општинската администрација да ги отворат за сите, без оглед на етничката и политичката припадност.

Свето Тоевски