Изминатава седмица децата од детската градинка „Олга Мицеска“ од Кичево на возраст од пет до шест години реализираа еднодневна екскурзија до главниот град, при што го посетија македонскиот парламент. Таму се сретнаа и се фотографираа со првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери. Истиот ден ја посетија и Зоолошката градина во Скопје и преполни со впечатоци и презадоволни од тоа што го виделе се вратија во Кичево.
– Благодарение на помошта од фабриката „Џојсон сејфти системс“ од ТИРЗ Кичево, која ни обезбеди превоз до Скопје и назад, реализиравме еднодневна екскурзија во главниот град, при што дечињата од најстарата возрасна група за првпат го посетија законодавниот дом каде што ги прими и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Ги разгледаа и салата за седници и кабинетот на претседателот Џафери. Во сите простории што ги посетивме направивме повеќе фотографии, кои засекогаш ќе нѐ потсетуваат на овој ден. Еднодневната екскурзија ја завршивме со посета на Зоолошката градина каде што децата од нашата градинка за првпат имаа можност да се сретнат со животни што досега можеле да ги видат само преку телевизиските екрани или на фотографии – рече директорот на детските градинки од Кичево, Садик Ахмети.

З.А.