Цветни бомби се топчиња што се прават од глина, хумус и од разни семиња за цвеќе и други растенија… Тоа е техника што се применувала уште многу одамна во Јапонија… Така направените бомби од хумус, глина и семиња треба да се исушат, а по неколку дена да се расфрлаат на соголени ридови и полиња, на празни и запуштени ливади, паркови… Штом таа бомба ќе дојде во допир со вода, семчињата ќе почнуваат да ’ртат и од нив растат нови растенија… Сепак треба да се размисли добро какви семиња на кое место ќе бидат фрлени…

Наш предлог како да се одбележи 21 март – Денот на пролетта и на екологијата

Драги деца, се ближи 21 март – Денот на пролетта – рече наставничката и продолжи. Знаете дека секоја година на тој ден имаме училишна еколошка акција. Минатата година садевме дрвца во училишниот двор, пред тоа ја фарбавме оградата, пред тоа пошумувавме во околината на градот, ги чистевме училниците… Дали некој од вас има некаква идеја како би го одбележале овој ден годинава? – праша наставничката Маја.
Дваесет и први март не е само Ден на пролетта тој е и Ден на шумите. Да посетиме некој од нашите национални паркови – рече Михаил.
Убава идеја Михаил. Дали некој друг има некоја друга идеја? – повторно праша наставничката.
Дваесет и први март е и Ден на дрвјата. Да насадиме пак некое дрвце. Брезата од лани е прекрасна и ќе разлисти и оваа пролет – рече Сара.
Браво Сара. Ајде следен ученик…
Дваесет и први март е и Ден на врапците. Да направиме куќарки и хранилки за врапци… рече Адам.
Прекрасно Адам…
Во меѓувреме Вики и Влатче шушкаа меѓусебно смислувајќи што да предложат…
Влатче, ти секогаш имаш убави идеи… Ајде кажи нешто интересно да предложиме – рече тивко Вики…
Хммм… мислам, мислам… во моментов не ми текнува… – се допира со показалецот по главата. Ајде Вики и ти знаеш некогаш да изненадиш… – со насмевка одговори Влатче.
Знам! Се сетив! – гласно извика Вики и сите го слушнаа тоа.
Ајде Вики, повели – рече наставничката.
А Влатче ја гледаше со прашален поглед.
Бомби! Да правиме бомби – извика Влатче.
Викиии, не ми се верува. Каква е таа идеја? Како можеш тоа да го кажеш? Бомбите се оружје, тие сеат страв и ужас… Ние зборуваме за екологија, а ти предлагаш да правиме бомби – со прекор зборуваше наставничката.
Некои од децата се смееја, некои чудно ја гледаа, а некои се уплашија… Влатче никогаш не ја напаѓа Вики пред другите, па затоа само збунето ја гледаше…
Ама наставничке…
Нема ама. Баш ми си чудна откако дојде во шесто одделение.
Сакав да кажам да правиме цветни бомби!
Цветни бомби?! – Какви се тие? Што е тоа? – праша наставничката…
Што е тоа – прашаа соучениците.
Што е тоа – праша Влатче.
Цветни бомби се топчиња што се прават од глина, хумус и од разни семиња за цвеќе и други растенија… Тоа е техника што се применувала уште многу одамна во Јапонија…
Аааа… сите слушаа подзинато…
Ааа… – се чудеше наставничката…
А Влатче, Влатче секогаш се гордее кога другарка му Вики брилира со нејзините знаења…

Ајде продолжи, слушаме понатаму. Што се прави со нив? – праша наставничката.
Така направените бомби од хумус, глина и семиња треба да се исушат, а по неколку дена да се расфрлаат на соголени ридови и полиња, на празни и запуштени ливади, паркови… Штом таа бомба ќе дојде во допир со вода, семчињата почнуваат да ’ртат и од нив растат нови растенија… Сепак треба да се размисли добро какви семиња на кое место ќе бидат фрлени…
Па тоа е одлично. Јас досега не сум слушнала за ова. Дечиња што велите, како ви се допаѓа идејата на Вики? Да правиме ли цветни бомби за Денот на пролетта?
Дааа… едногласно и громогласно извикаа сите соученици.
Се радувам што прифативте. Ајде сега да направиме план и да се подготвиме за работа… Предлагам нашите цветни бомби да содржат семе од цвеќиња што ги сакаат пчелите. Може?
Дааа…

Нема мед без пчели – рече Марко.
Нема опрашување без пчели – рече Иван.
Јас ќе донесам семиња – рече Мила. Баба ми има цветна градина и секоја есен собира семе, а напролет го сее.
Јас ќе донесам глина. Рече Петар. Татко ми е рибар и ќе донесе глина од крај реката…

А биохумус ќе обезбедам јас, рече наставничката. Ќе му се јавам веднаш на нашиот пријател Владимир што произведува компост од калифорниски црви. Тој секогаш ги поддржува еколошките акции.
Ѕрррр – заѕвони ѕвончето и го означи крајот на часот по биологија.
Значи се договоривме, дечиња. Се гледаме утре и почнуваме со работа. По часовите дојдете во овој кабинет по биологија.
Речиси сите деца со нетрпение чекаа да дојде следниот ден, за да прават цветни бомби. Некои едвај заспаа од возбуда. За некои беше невообичаено толку со нетрпение да го очекуваат новиот училиштен ден.
Следниот ден кабинетот по биологија ечеше од смеата на трудољубивите дечиња. Сите работеа со многу посветеност. Секој ученик ја направи својата бомба со семиња од цинии, сончогледи, невен, џунџулиња, рудбекии… Ги наредија крај прозорецот и ги оставија да се исушат.
Денеска е петок, а 21 март е дури во вторник. Леле, кој ќе чека дотогаш – рече Вики.
Па, таман има доволно време да се исушат бомбите – рече Влатче.
Во право си – рече Вики.

Наставничката Маја веќе имаше договорено со директорот кој дел од училишниот двор да биде местото каде што ќе се расфрлаат цветните бомби.
И, ете, дојде дваесет и први март… Секое одделение во училиштето си имаше своја еколошка активност. Одделението на Вики и Влатче со наставничката по биологија отиде на определеното место во задниот двор од училиштето.
Едно пиштење на свирчето од наставникот по физичко го означи моментот и сите бомби од рацете на дечињата полетаа нагоре, а потоа паднаа врз земјата… Каква радост!!!
Сега останува да се надеваме наскоро да заврне дожд, па да почнат да никнуваат и да цветаат нашите бомби.
Сите деца од другите одделенија беа многу љубопитни и работејќи врз своите активности, ѕиркаа и кон одделението на Вики и Влатче… Посакаа од директорот и тие да се вклучат во правењето и фрлањето цветни бомби… Директорот, изненаден од ентузијазмот на дечињата, вети дека ќе организира ваква акција во која ќе се вклучат сите деца од училиштето…
Нашето училиште има над петстотини ученици, ако се вклучат сите или ако се вклучат сите училишта во градот, или сите училишта во државава, или во светов… Па светот ќе биде расцветан, мирислив и шарен, а пчелките радосно ќе летаат насекаде и ќе има доволно мед за сите деца…
Ех…, со насмевка на лицето размислуваше Вики.