Кон романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, („Матица македонска“, 2023)
„Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски е чудесен роман за чувствата со комплексна структура и наративна постапка. Романот жанровски може да се дефинира како историографска метафикција. Врз фонот на историските факти како предлошка, Миневски преку љубовта меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче создава фикционална приказна во чиј центар е палетата на човековите чувства низ историјата на човештвото. Приказната се движи меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивидуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста. Преку призмата на трите женски лика: Бадема како хигиеничарката на историјата, Мамаја или Маја како колекционерката на историјата и Фила како анулирана историја, авторот создава исклучителен роман за сублимираните емоции и чувства во човештвото. Историјата ја создавале мажите, а жените ги негувале чувствата. Женската отсутност во историјата Блаже Миневски ја деконструира преку правење приказна пренесена од три женски лика со кои постигнува комплетна вистинитост. Писателот пишува, а Бадема чисти и паралелно интервенира во историјата на напишаниот контекст. Тој е и сезнаечки лик, наратор, но и лик на фељтонист што собира податоци за Гоце преку информантот Маја, односно Мамаја. Меѓу Бадема, Маја и Фила се создава тројна структура на роман триаголник. Еден пишува, друг ја чисти историјата, а третиот зборува за вистината. Триаголникот е парергон и може да се чита спротивно на неговиот симбол за рамнотежа. Приказната триаголник покажува три агли на гледање, три влеза во куќата што не постои и не е единствен дом. Се покажуваат нескладноста во животот и векот, односно дека субјективни се и вистината и историјата.
Романот започнува со историскиот факт дека седум и пол децении по враќањето на моштите на Гоце во Mакедонија, извесни центри бараат да се отвори саркофагот за да се видат коските и да се утврди дали има своерачен потпис на авторот на саркофагот и дали е внатре сликата на Јанка. Гоце почнал да се гледа со Јанка кога таа имала дваесет и две години, а тој дваесет и шест. На крајот на Михаил Герџиков му рекол: „Ако се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени.“ Пет години по убиството во Баница, Герџиков се жени со Јанка и го исполнува аманетот. Дали една љубов може да замени друга љубов? Во таа насока имаме приказна во приказна, жанр во жанр, структура во структура. Аналогна на приказната на Гоце и Јанка е приказната за љубовта на Никола Карев и Коца Тасева-Хаџова. Коските на Карев фрлени под Македониумот и бришењето на Карев од химната е метафора за самоунишувањето и братоубиството на Македонецот. Љубовта на Гоце и Јанка е аналогна и на љубовта на Гарибалди и Анита. Во тој круг историјата се помни како љубов. Делото има кружна, мозаична и структура на игра. Во завршниот дел се објавени прилози со фотографии и факсимили, кои Миневски ги собрал како реален факт. Претпоставениот фељтон почнува со разделбата на Гоце и Јанка и токму тоа ги зголемува чувствата што прераснуваат во роман река, а паралелно со тоа се развива и идејата за филмско сценарио „Вива Гоце, Вива Гарибалди“. Секој дел од фељтонот е изделен со наслов што е затемнет, па така тој е изделен од другите гласови и дејствија на ликовите. Има раскршена структура, монтажа на парчиња текст преку повеќе наративни точки и фокализатори. На тој начин хрониката за една љубов прераснува во роман, а романот на крајот преминува во зборник од чувства и факти. Има електронски писма, вистински писма што се фотокопии, вистински глас на Гоце и Јанка, глас на фељтонот и глас на писателот на фељтонот. Читателот е на крстопат меѓу фељтонот и романот за Гоце. Маја праќа писма од љубовта на познатите писатели и на платформа од пациентите бара да ги подвлечат чувствата. Има дел во кој на платформата на Маја се опишани големите љубови на светските познати писатели класици како: Флобер, Есенин, Мајаковски, Достоевски, Елијар, Лермонтов, Кафка итн. Во минатото љубовта се изразувала со пишување писма, а денес со електронски пораки. Низ сето тоа пајаците постојано плетат мрежа како што писателот гради мрежа од зборови. Пајаците се присутни фокализатори и сведоци на приказните за чувствата. Токму големите писатели што живееле во 19 и почетокот на 20 век и нивните љубовни приказни се сврзувачко ткиво и клуч на романот. Особено е интересна метафикционалната сцена кога Јанка во воз кон санаториумот „Бергхов“ го среќава Јан Касторп од романот „Волшебниот рид“ на Томас Ман. Рендгенските слики на Ханс и коските од саркофагот се испреплетуваат. Ова е само една сцена на цитатно поврзување со романите и авторите од минатите времиња.
Вториот женски лик, Бадема, која според речникот на симболи ги претставува чистотата, скриената вистина и бесмртноста, постојано ги чисти вратите, прозорците и ходникот како „историска куќа“ врамена во времето. Таа е чистачка на историјата. Го слуша авторот, кој пишува фељтон, и повремено го поправа; таа е коректор на вистината и историските факти. Таа е санитарниот закон на моќта на посилните што ги бришат фактите, историјата, вистината. Бадема е фиктивен лик, алтер его на писателот, коректор на потсвеста на тој што е фељтонист, но и на историската предлошка. Таа е толкувачка на соништа, имагинарен глас како од соновите, затоа фактички и ги толкува и разбира значењата. Третиот лик, сосетката Фила Кадир е стара неколку века. Таа е фокализатор што постои само во јазикот на Бадема. Таа е прва сосетка, но таа не се гледа и не гледа, само слуша како отсутен лик, односно во приказната учествува само преку гласот на Бадема. Едниот глас е повремено во другиот, а другиот во првиот како подмножество од гласови. Токму Фила Кадир е фиктивна составувачка на зборникот. Книгата завршува со пишаната порака на Фила со која изразува „благодарност за видливата и невидливата помош во врска со љубовта на Гоце и Јанка“. Токму во благодарноста се наоѓа анаграмот како крајна игра во структурата на романот. Најдобрите романи се тие што се посветени на љубовта, оти само љубовта останува да се памти. Според Фила: „љубовта се раѓа во срамот, а умира во стравот; сите се раѓаат со љубов, никој со омраза; чувствата се нешто стабилно, вкоренето, вечно.“
Романот „Ако се родат некакви чувства“ отвора многу прашања, а меѓу нив и прашањето за тоа како се трансформираат чувствата, каква е денес љубовта и што ќе остане од неа утре?
Станува збор за ремек-дело што секој човек со чувства мора задолжително да го прочита и да го има во својата колекција со книги.
Автор: Марина Мијаковска