Ченто е предводник на македонската групација што се залагала за создавање широк македонски народноослободителен фронт, ослободување на целата национална територија и обединување на Македонија, создавање самостојна независна македонска национална држава со демократско уредување, при што не се исклучувала можноста за нејзино пристапување, како суверена држава, во една идна балканска или југословенска федерација
Сто дваесет и една година од раѓањето
на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ
На денешен ден, 17 август, пред точно 121 година е роден македонскиот великан Методија Андонов-Ченто, кој во македонската национална меморија останува запаметен како борец за македонските национални права, но и како првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, поради што честопати се нарекува и како прв претседател на Македонија. Во ликот и делото на Методија Андонов-Ченто е сублимирано македонското антифашистичко движење, но и спојот на македонското национално ослободување и илинденската традиција преку создавањето на македонската држава.
Запаметен е и како еден од учесници во подготовката и реализацијата на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, во кој јасно се вели: „Ние требе бездруго да ги изпадиме сите предатели на македонскиот народ, се едно дали се они во служба на Хитлера, на големоболгарската, ели на големосрпската хегемонистичка реакција. И ние ќе го создадеме полното единство на македонскиот народ, почнувајќи от комунистите, па се до старите илинденски борци, во борбата за една нова, слободна и народна Македонија“.
Методија Андонов-Ченто е предводник на македонската групација што се залагала за создавање широк македонски народноослободителен фронт, ослободување на целата национална територија и обединување на Македонија, создавање самостојна независна македонска национална држава со демократско уредување, при што не се исклучувала можноста за нејзино пристапување, како суверена држава, во една идна балканска или југословенска федерација.
Во ноември 1943 година станува претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и во тоа својство оди на островот Вис како член на македонската делегација, која пред југословенското раководство и Тито го поставила прашањето за обединување на македонскиот народ.
За оваа средба, Ченто вели: „На седницата на Националниот комитет, која се одржа на дваесет и четврти јуни, на која присуствуваа, покрај Тито, уште Ранковиќ, Ѓилас, Кардељ и други, беа поставени две точки: известие на Иницијативниот одбор и македонското прашање. За да се увери Тито во она што му го кажав, се договоривме, по првата точка да зборува Мане Чучков. Тој ги пренесе поздравите на македонскиот народ до АВНОЈ, до националниот комитет, а посебно до Тито за разбирањето за правата на нашиот народ, со уверение дека македонскиот народ, во заедничката борба, ќе ги оствари своите идеали и национални права, односно ќе се обедини. Кажа дека со одлуките на АВНОЈ, Тито ужива голем авторитет меѓу борците и кај народот, кои веруваат дека е вистински борец за слобода. Накусо зборуваше за нашите идеали и за развојот на народно-ослободителната борба, која треба да се круниса со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. На крајот рече дека за успешно одржување на заседанието, а со тоа и за поголемо разгорување на борбата со окупаторот, треба да се разјаснат некои прашања, кои се разгледувани од Иницијативниот Одбор и од Главниот Штаб. За да не ги пренесува, предложи да ги прочитаме записниците од нивните заседанија“.
Како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто има значење во изградувањето на новата македонска власт и држава, впрочем АСНОМ се конституира како највисок народноослободителен одбор, како претставник на суверенитетот на македонскиот народ и највисок државен орган во Македонија. Д.Ст.