Здружението „Надеж“ од Кичево, Светскиот ден на лицата со посебни потреби, 3 Декември, го одбележа со хуманитарен настан, на кој учествуваа учениците од ОУ „Христо Узунов“, со претставата „Екостандарди и стереотипи со Пипи“. Во музичкиот дел се претставија младите игроорци од КУД „Бисер“, а во одбележувањето се вклучија и волонтерите од Црвениот крст од Кичево.
– Светскиот ден на лицата со попреченост во развојот, нашето здружение го одбележа со програма организирана во соработка со ЦОУ „Христо Узунов“ од селото Другово, младите игроорци од КУД „Бисер“ во Кичево и волонтерите на ОО Црвен крст-Кичево. Основците од ОУ „Христо Узунов“ ја изведоа креативно-едукативна претстава за деца и возрасни со работен наслов „Екостандарди и стереотипи со Пипи“, под менторство на наставничката Ивана Витанска. Овој театарски проект ги содржи насловите „Пипи оди на училиште“ и „Пипи ја посетуваат крадци“. Костимите во кои беа облечени младите актери беа изработени од нивна страна, од еколошки материјали – истакна Ѓоко Митрески, претседател на здружението „Надеж“.
Тој потсети дека во изминативе денови припадниците на ова здружение и волонтерите од Црвениот крст од Кичево организираа работилница на која изработуваа разни форми од хартија, наполнети со подарок бонбони.
– Сите учесници на овој хуманитарен настан добија благодарници од страна на здружението, а добрата посета на овој настан уште еднаш ја покажа хуманата страна на нашите сограѓани, кои купија влезници за овој настан по цена од 50 денари – додаде Митрески.
З.А.