Умираат ѕверовите што немаат лице. Умираат оние што убиваат, а за оние што се убиени, измачени, спалени – нема смрт, тие живеат вечно. Нема смрт за децата, нема смрт за човекот – синот на вечноста.
Во Газа во последните шест месеци се убиени повеќе деца отколку во последните четири години вкупно во светот. Одново се разлеваат диви крици, восклици на човечки накази што се обидуваат да ги сотрат хуманизмот и детската невиност и да ги распнат на крстот на чистата совест, проектирајќи го својот внатрешен хаос, истакнувајќи ги своите мрачни симболи врз невините детски безживотни тела. Светот на силните низ глобалните медиуми продолжува да протежира лицемерен етички баланс и да опстојува без оглед на солзите, кои сѐ повеќе се доживуваат како застарена метафора на тагата и опстојувањето.
И покрај очигледното тежнение на горните неколку реда да ги афирмираат животот и редот на нештата во светот, погледнати од перспектива на настаните во Газа, Осло, Беслан, 11 септември на Менхетн, Тиенанмен… Вејце, Смилковско Езеро, Белград…, во кои животот го загубија недолжни, млади и деца, еве нѐ уште еднаш, како многупати низ времето, исправени пред дилемата дали и како човекот и понатаму може да се нарекува човек и да остане интегрално суштество што размислува за светот и за себе, за историјата, за уметноста, да љуби, да страда, да се жртвува за други. Паѓа во вода и мудроста на почитуваниот Фјодор Михајлович Достоевски за големината на детската солза, наспроти сите идеологии, политики, филозофии…
Дваесетина години од крвавиот Велигден во Македонија. Свирепо егзекутирани петмина млади луѓе, без никаков повод, причина. На 13 април 2012 грозоморно беа убиени Филип Славковски (20), Цветанчо Ацевски (19), Александар Наќовски (18) и Кире Тричковски (21) од Радишани.
„Мамо, јас не сакам да умрам, тато јас вечно ќе живеам овде!“
Оваа трогателна порака е испишана на споменикот поставен покрај Смилковско Езеро, точно на местото каде што четворицата другари беа убиени. Токму во библиска Македонија, спроти најголемиот христијански празник се разлеаја диви крици, восклици на човечки накази што се обидоа да ги сотрат хуманизмот и човечката невиност и да ги распнат на крстот на чистата совест, проектирајќи го својот внатрешен хаос, истакнувајќи ги своите мрачни симболи, врз невини безживотни тела.
Дваесетина метри понатаму, уште еден паметник. На него пишува: „На 13 април 2012, на Велики петок, на ова место, грозоморно беше убиен Борче Стефковски (45) од Црешево. Бог да го прости! Вечна му памет“. Тој како очевидец на масакрот се обиде да побегне, но не успеа да им избега на немилосрдните убијци.
Мрачната утроба на хомо сапиенсот уште еднаш се манифестира во својата изворна нецивилизирана крвава варијанта. И сето тоа се случува пред очите на вмрежениот глобален поглед, во ерата на човечките заложби да ги укине границите на просторот и времето, да ги запознае најодалечените светови и да ја осознае иднината.
Повеќе од очигледно е дека локалните, регионалните војни и тероризмот, големите закани за светот темелно ја познаваат глобалната медиумска драматургија и речиси сите свои акции и дејства ги планираат и изведуваат во согласност нејзините принципи. Терористите добро знаат дека секое грабнување, бомбашки напад, заложништво, политичка уцена се длабоко пожелна и неодминлива топ вест и содржина во уредувачката политика на дневно информативните незаситни појаси и всушност преку нив вршат силен притисок при остварување најразлични цели, идеолошки, политички, корпоративни.
Сè се темели на психолошката проекција дека луѓето повеќе трошат кога им е страв, забележуваат експертите од областа на маркетингот и потрошувачката.
Канали што дваесет и четири часа емитуваат вести и нудат непрекинат реален тек, драми во кои буквално не успеваме да разликуваме објект од слика, се една од клучните цели на терористите и „господарите на војната“. Збиднувања како војната и секојдневните самоубиствени спектакуларни дејства во Газа, Ирак, бомбашките напади во Лондон, Шарм ел Шеик, Босна, Косово Кондово… пропуштени истодобно низ глобалниот броткаст во нашите домови, ги претвораат поимите како „глобално село“, кои во стариот бинарен состав на поделби имаа сила на парадокс, во општо место без напнатост. „Тероризмот“ е драматуршката основа на овој хиперреален конјуктурен жанр.
Јавноста е најпрвин во шок од трагичниот настан, терористичкиот чин или големата несреќа, потоа постепено се навикнува на содржина, се идентификува и најпосле станува дел од медиумската интеракција. Сето тоа трае до следниот брејкинг њуз, за кој веќе психолошки сме оспособени, подготвени и истренирани. Колку денес се сеќаваме на очајот во лицата на нашите сограѓани што ги видовме на фреквенцијата на Ал џезира пред да бидат обезглавени. Ги паметиме ли настаните во Владикавказ и во Беслан каде што животот го загубија над 350 луѓе, од кои над 160 деца.
Основното правило на актуелниот журнализам, дека вест без пет мртви и ранети не е никаква вест, денес веќе има анегдотски и анахрон карактер. Од друга страна, со голо око е видливо дека глобалните информативни мрежи, во рамките на процесите за тотална медијализација на стварноста, функцијата на информативен сервис ја прошируваат и стануваат составен дел на геополитичките и воено-стратегиски и, се разбира, терористички цели. Не е никаква тајна дека каде што тие ги инсталираат својата технолошка инфраструктура и медиумски конфигурации, набрзо потоа се случуваат војни, конфликти интервенции.
Мутацијата брејкинг њуз, тој апокалиптичен слоган и упад во дневните програмските шеми, енормно ја зголемува гледаноста. Со директното вклучување во катастрофите, масакрите, воените дејства, на светот му се сервира секојдневно сурово мени со кое ја храни, но и ја парализира неговата позитивна дијалектичка особеност стеснувајќи го просторот на слободната волја. На тој начин глобалните медиуми се вклучуваат во стратегиите на моќните корпорации, кои имаат цел да ја редуцираат спонтаноста во гледалиштето до степен на рамнодушност и отапеност. Се разбира, една од целите е и зголемената потрошувачка, не само во извиканиот военоиндустриски комплекс туку и во сферата на општата потрошувачка. Според маркетиншките анализи на силните корпорации, луѓето многу повеќе трошат во времето на катастрофите и несреќите.
Корпоративниот капитал и неговата транснационална експанзија реалниот свет го третираат како пазар и го допира виртуелно, создавајќи безбедна дистанца од која безмилосно ќе го владее и експлоатира. Сите умирања, сите страдања се само дел од голема видеосимулација, која сега самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат.