„Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“ – Борис Трајковски
ДЕВЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ВТОРИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
На вчерашен ден, 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа близу Мостар, загина македонскиот претседател Борис Трајковски. Во несреќата, покрај претседателот, животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Трајковски, како заменик-министер за надворешни работи во 1998 година, го привлече вниманието на јавноста кога во екот на бегалската криза на Косово ѝ порача на меѓународната заедница: „Пратете авиони и земете ги бегалците ако не сте задоволни од нивниот третман овде“. Претходно македонската држава беше обвинета дека нехумано ги третира бегалците и покрај фактот што сите државни институции беа искористени за потребите на стотиците илјадници косовски Албанци. Неговата изјава беше во контекст дека меѓународната заедница треба да ја разбере положбата на македонската држава и дека е потребна поголема помош однадвор.
Кон крајот на 1999 година, стана вториот претседател на самостојна и независна Македонија, кога на директни демократски избори го порази својот политички ривал Тито Петковски. За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Во текот на својот мандат беше посветен на демократските процеси и евроатлантската ориентација на Република Македонија, а особено значење одигра во надминување на воениот конфликт во 2001 година.
Останува запаметен како активен претседател што патувал во повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Австрија, Белгија, Канада, Хрватска, Естонија, Германија, Литванија, Полска, Србија и Црна Гора, Швајцарија, Украина, Велика Британија и Соединетите Американски Држави. Тој одржа голем број говори на форуми, како Светскиот економски самит во Давос, Советот на Европа, Обединетите нации и Процесот на соработка во Југоисточна Европа, како и во парламентите на неколку земји. Имаше еднодневни средби со шефови на влади и шефови на држави и беше лидер во регионот на Југоисточна Европа, барајќи поголема соработка и помирување. Има особено значење во создавањето на Јадранската повелба, соединувајќи ги Македонија, Хрватска и Албанија за колективно лобирање за членство во НАТО.
Граѓаните го паметат како близок до народот, патувајќи низ државата, слушајќи и разговарајќи со граѓаните, избрани функционери, бизнисмени, едукатори и верски лидери. Трајковски одржуваше одлични односи со сите членови на Владата, како и со амбасадори и претставници на странски земји и организации со седиште во Македонија.
Политиките на вториот македонски претседател ги дознаваме од следнава негова изјава: „Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“.
Од неговата биографија има и еден интересен податок, кој е поврзан со неговиот татко Кирил. Тој бил затворен поради идеолошки и религиозни верувања во јуни 1946 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, каде што се борел на страната на партизаните. Кирил Трајковски првично бил затворен во период од две години, но добил амнестија во јули 1947 година. Но две години по неговото ослободување бил лишен од неговите граѓански и политички права. За време на издржувањето на казната во затворот на Кале во Скопје, работејќи принудни физички работи како затвореник, тој работел и на претседателската вила, која еден ден стана дом на неговиот син Борис. Д. Ст.
Државнички церемонии во чест за загинатиот претседател Борис Трајковски
Владино-државни делегации, претставници од државни институции и организации, претставници од меѓународната заедница во земјава, оддадоа почит во рамките за одбележувањето на 19-годишнината од авионската несреќа во која животите ги загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
На неколку локации се положи цвеќе и беше изразена почит кон загинатиот претседател на државата: на неговото вечно почивалиште во Алејата на великаните во Бутел – Скопје, пред споменикот во неговиот роден град Струмица, на спомен-обележјето на местото на авионската несреќа во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина.
Со високи државни почести, 19-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски беше одбележана во Скопје, во Алејата на великаните во Бутел. На вечното почивалиште на загинатиот претседател Трајковски, положи цвеќе и оддаде почит владина делегација, предводена од Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата. Цвеќе положи и оддаде почит прво сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, а потоа и други делегации: делегација предводена од претседателот на државата Стево Пендаровски; делегација од Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски; делегација на армијата; делегација од Сојузот на борци од НОАВМ; претставници од фондацијата „Борис Трајковски“; повеќемина претставници од дипломатскиот кор во земјава; претставници на парламентарни политички партии во државава.
Владина делегација оддаде почит и во Струмица, каде што пред споменикот на поранешниот претседател Трајковски во неговиот роден град беше положено цвеќе.
Државничка церемонија имаше и во Ротимље, организирана од институции од Босна и Херцеговина и Македонија. Македонската делегација ја предводеше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Како и секоја година, при одбележувањето на годишнината од трагичниот настан во Ротимље, која се случи на 26 февруари 2004 година, оддаде почит и положи цвеќе и делегација на Босна и Херцеговина, годинава предводена од Ненад Нешиќ, министер за безбедност на Босна и Херцеговина, како и делегација од Град Мостар.