Со одлуката за притвор на Груби, големата бомба што експлодира во Мала Речица, седиштето на ДУИ во Тетово, не би можела да остане без натамошни детонации во партијата. Нејзе ѝ е отсечена оперативната глава, човекот што ги туркаше работите на теренот, што ги составуваше списоците, што ги контролираше кадрите и што ја предводеше казнената експедиција за сурова елиминација на непослушните. Е сега, прашањето е: ако второто јас е осомничено и притворено, што ќе биде со првото јас, поточно со лидерот на ДУИ?
Не е веќе важно што ќе се случува со Артан Груби, поранешниот потпретседател на Владата осомничен за криминогени постапки во врска со државната лотарија. Важно е што отсега натаму ќе се случува со партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) и со нејзиниот поглавар Али Ахмети. Груби, иако се надеваше на голема добивка, немаше среќа во игрите на среќа. Ахмети, долго врзан за Груби, во некој момент може да стане директна или колатерална штета, зависно од развојот на настаните.
Со одлуката за притвор на Груби, големата бомба што експлодира во Мала Речица, седиштето на ДУИ во Тетово, не би можела да остане без натамошни детонации во партијата. Нејзе ѝ е отсечена оперативната глава, човекот што ги туркаше работите на теренот, што ги составуваше списоците, што ги контролираше кадрите и што ја предводеше казнената експедиција за сурова елиминација на непослушните.
Од тронот е симнат челникот на ароганцијата, капитенот на министерската репрезентација и еден од предводниците на митот за недопирливоста. Нема веќе фудбал во државни канцеларии, намерно обележувани како национални територии. Сојузниците и соиграчите ќе го сожалуваат, партиските противници ќе се радуваат кога ќе го видат Артан спуштен на земја, паднат од бел коњ на црно магаре.
Падна човекот кого речиси никој не го сакаше, а сите му се плашеа. Поради силата што му ја даваше позицијата прв заменик на премиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците и од овластувањата што му ги имаше дадено, најчесто усно, лидерот на партијата, Груби не оставаше простор зад него, пред него беше само Али Ахмети, зад него празни редови, па долга листа на чекање. Способноста, агилноста и беспоштедноста, особини со кои доминираше супериорно и арогантно, го доведоа до партискиот врв, станувајќи десна рака на неприкосновениот лидер.
Една од поинаквите причини за неговиот ѕвезден пробив често ја наведува во своите твитови Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии и одличен познавач на околностите во партиите на Албанците. Според твитовите на зналецот Хајредини, поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, сите ленти од прислушуваните разговори водени меѓу албанските политичари (и политичарки) му ги предал на Груби, не на Ахмети. Имајќи ги на располагање тие компромитирачки материјали во свои раце, Груби го градел авторитетот и го ширел стравот во својата заедница. Сигурно има и други факти што придонеле од обичен преведувач Артан да дојде на позиција да биде второто јас на Али Ахмети.
Е сега, прашањето е: ако второто јас е осомничено и притворено, што ќе биде со првото јас, поточно со лидерот на ДУИ?
Со последните настани продолжува политичката агонија во која се најдоа партијата и лидерот по поразот на мајските собраниски избори и неуспехот да останат дел од власта. Всушност уривањето на темелите на империјата на ДУИ почна суицидно, внатрешно, братоубиствено, токму преку имињата на Артан Груби и Бујар Османи. Тие двајца беа централните фигури околу кои се случи расколот и се формира партијата на Изет Меџити, подоцна коалицијата Влен (Вреди).
Силниот огранок од Чаир молеше да биде намалена силата на двајцата министри, евентуално да бидат елиминирани од влијанието што го имаа, но молбата не беше послушана од централата во Мала Речица. Ахмети не ги жртвуваше тие кадри, но жртвуваше дел од партијата. Во таа рововска, интригантска и скапа игра Чаир излезе како победник. Од тој момент ДУИ веќе не беше истата партија, иако нивното началство беше убедено дека тој пораз е кинење само едно влакно од косата. Таквата процена се покажа како децениско промашување.
Од своите блиски другари, од своите сопартијци си создаде опозиција што му се удри од глава. Не сакајќи да жртвува едни кадри, самиот стана жртва на другите.
Партијата што долго време е посочувана за криминогена и коруптивна можеше да ги брани своите позиции на чесност и искреност додека беше на власт. Со нејзиното губење, лидерот Ахмети ги губи столбовите на кои се потпираше во одбраната дома и кај меѓународниот фактор, односно кај Американците. Ако до скоро американската амбасада во Скопје беше негова џамија, сега, по случајот со Груби и со судијата Беџети, тамошното килимче, најверојатно, ќе му биде извлечено од под нозете.
Несомнено дека Али Ахмети, без никаква друга значајна функција освен партиската, речиси дваесет години според своето влијание, беше политичар број еден во Македонија, иако имаше легитимни претседатели на државата и претседатели на Владата. Хроничарите, историчарите, публицистите допрва ќе го истражуваат и оценуваат неговото дело и како командант на Ослободителната народна армија (ОНА, УЧК) и како претседател на ДУИ и како исклучително важен фактор во случувањата во Република Македонија (сега Северна и со негов придонес). Повеќе од сигурно тоа нема да биде црно-бела слика.
Она што досега се знае од полициските и судските информации за случајот „Државна лотарија“, за што е осомничен и Артан Груби, се полициски факти. Но не би било далеку од вистината дека од ДУИ ќе се потрудат да соопштат дека може да се наѕрат елементи на партиска пресметка, дури и политички реваншизам. Исто така би било лага ако се премолчи дека ВМРО–ДПМНЕ, заедно со Влен посакува ДУИ да биде ставен на спореден колосек, не само во политичкото општество туку, уште поважно, меѓу Албанците во Македонија.
Али Ахмети најверојатно е свесен дека му претстојат тешки денови. Би требало да биде свесен дека нему му истекува силата што ја имаше и не може никако да ја регенерира. И самиот најави дека наскоро ќе се повлече од челото на партијата, тоа му го советуваат и странските досегашни поддржувачи. Неговите соиграчи на македонската политичка сцена одамна ги нема, сите успешно ги надигра и мандатно ги надживеа. Би требало да го чувствува мирисот на времето и промените што не одат во негов прилог.
Но, како што секогаш се случува во Македонија, она што се гледа на отворената сцена не мора да значи дека тоа е вистинската слика и дека нема некаква заднина. Две лица, две страни на медалот, две вистини, различни една од друга. Случајно или намерно, се појавија и сомничења и толкувања што одудруваат од официјалните објасненија.
Тие се движат на линијата дека отворањето на аферата со Лотарија и со Артан Груби, всушност е смислен договор меѓу ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ за затворање на прашањето за албанскиот јазик пред Уставниот суд и за прекин на протестите барем до април идната година, терминот до кој работите би биле појасни. Не е тешко да се заклучи дека при таков епилог Али Ахмети би бил победник над партнерот со кого сега се надигрува.