25 години од устоличувањето на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан
- Токму на овој светол ден одбележувам јубилеј од мојата служба како поглавар на светата Македонска црква. Како вчера да беше, а ете, поминаа дваесет и пет години од денот кога делегатите на Изборниот црковно-народен собор, којшто се одржа на 9 октомври 1999 година, ме избраа мене, скромниот наемник на лозјето Господово, и ме удостоија да седнам на архиепископскиот славен трон на охридските архиепископи, односно да бидам претстојател на мајката Македонска православна црква
- Неговата сесветост, вселенскиот патријарх Вартоломеј, и Неговата светост, српскиот патријарх Порфириј, двајца исклучителни духовници и архипастири, препознаа дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија е жива црква, црква од живи садови на Светиот Дух, па Светиот синод на Вселенската патријаршија ја прими нашата света црква во евхаристиско единство со православната екумена, а Светиот собор на Српската патријаршија ни додели томос за автокефалност!
Православната црква секојдневно прославува личности коишто се удостоиле да бидат канонизирани, односно да бидат објавени за образец на верата. Еднаш во годината, во првата недела по Педесетница, ги прославуваме сите светии, односно, како што им пееме: „го празнуваме торжеството на оние што од памтивек Му угодиле на Бога, чесниот Собор на патријарсите и пророците, украсот на апостолите, собранието на мачениците, пофалбата на испосниците – споменот на Сите Светии“. Но покрај тоа сецрковно прославување на сите светии, секоја помесна црква си воспоставила и свој помесен празник, во кој ги прославува светиите коишто просветлиле во нејзината земја и коишто му послужиле како светило незаодно на нејзиниот народ.
Таков е случајот и со нашата света Македонска православна црква, којашто, во првата недела од месецот октомври, секоја година, го прославува Соборот на сите македонски светители. Инаку, овој празник е востановен поради еден историски настан, односно во спомен на Вториот црковно-народен собор, одржан од 4 до 6 октомври во 1958 година, во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид. Тогаш и таму, двесте и деветнаесеттемина делегати на Соборот, претставници од свештенството, од монаштвото и од верниот народ, донеле неколку важни одлуки, меѓу кои и историската одлука за возобновување на Охридската архиепископија, како Македонската православна црква. На тој Собор бил избран и првиот поглавар – блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, со титула: архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски. Во спомен на тој исклучителен историски настан било востановено првиот неделен ден од октомври да биде посветен на сите светии од нашиот род.
И, ете, оттогаш е така! А слава Му на Бога, како црква и како народ навистина имаме кого да прославуваме на овој ден, зашто многубројни се светиите на коишто во денешниот тропар им пееме: „Со божествена проповед го просветивте народот македонски, и со лачите на евангелската вистина ја украсивте вселената, светители сефални. Славејќи Го Христа Господа, Кого Го засакавте од својата младост, како Божји угодници станавте жители на небесата, столбови и заштитници на Македонската Црква“.
Тие наши сефални светила започнале да се појавуваат уште од самиот зародок на христијанството, со мисијата на светиот апостол Павле, чие првовековно сеење на евангелското семе во неколку македонски краеви дало обилен плод, а потврда за тоа ни се ранохристијанските светии, по коишто, пак, факелот на светоста го презеле и потаму го пренеле сесловенските просветители и нивните охридски ученици. Тоа рамноапостолско дело го продолжиле и средновековните пустиножители, а потем и оние коишто верата ја сведочеле и ја бранеле во време на отоманското владеење, па преродбениците и така – сѐ до наши дни.
Но торжествено пеејќи ги песнопенијата од богослужбите на светиите, радосно читајќи ги нивните житија и сокрушено упатувајќи им молби за да бидат наши застапници пред Господа, да се запрашаме: со што тие се удостоиле да бидат впишани во Диптихот на светиите, односно што е она што ги прави свети? Чудата ли и исцелувањата? Подвижништвото ли и аскезата? Одговорот на овие прашања би бил – и тоа, но не и само тоа! Ги славиме затоа што тие, пред сè, вистински Го љубеле Бога. И сите нивни дела извирале од таа љубов, зашто без љубов – светост нема. Без љубов, впрочем, – и човечност нема, зашто ако љубов немам, ништо не сум. Без љубов кон Бога и кон ближните има ништожност, а со љубов – има познавање на вистинскиот Бог и живот вечен, зашто кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.
И токму тоа, токму таа христијанска скапоцена, саможртвена и себеоддавачка љубов, пред сѐ, е заеднички именител на светиите, и токму благодарејќи на таквата љубов, тие биле исполнети и со аскеза, и со молитва и со целомудрие.
Инаку, прославувањето на Соборот на сите македонски светители секогаш ми причинува тројна радост. Имено, секоја година, на денешниов празник особено му се радувам и поради можноста да принесам благодарствен дар на Господа, во денот во кој им оддаваме молитвена благодарност на светиите од нашите краишта, и поради тоа што особено силно на денешниов ден си ги спомнувам оние коишто на Вториот црковно-народен собор ни го донесоа празникот и ја обновија Охридска архиепископија, и поради можноста на овој ден честопати соборно да сослужуваме со браќата архијереи. Годинава, пак, радоста ми е дополнително зголемена зашто, еве, токму на овој светол ден одбележувам јубилеј од мојата служба како поглавар на светата Македонска црква. Како вчера да беше, а ете, поминаа дваесет и пет години од денот кога делегатите на Изборниот црковно-народен собор, којшто се одржа на 9 октомври 1999 година, ме избраа мене, скромниот наемник на лозјето Господово, и ме удостоија да седнам на архиепископскиот славен трон на охридските архиепископи, односно да бидам претстојател на мајката Македонска православна црква.
Никогаш не е пожелно и пријатно да се говори за себе, сепак, дозволете ми да си припомнам за некои од работите коишто се случија во овие 25 години. Тоа, секако, не ќе го направам за да се пофалам, оти, заедно со апостолот Павле, и јас велам: Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам, туку ќе го направам за да кажам со каква милост ме облеа Бог и што ми даде да доживеам, во Негова слава, во изминатиов четврт век. Најнапред, она што ме радува е што во изминативе неколку децении покажавме дека светиите не се дел од далечното минато, туку се постојано присутни меѓу нас. Така, особено во изминатиов период, како црква доживеавме да му обзнаниме на светот за светоста на многумина чеда од нашиот род, канонизирајќи и маченици, како светите тројца пречистански преподобномаченици и четириесеттемина битолски новомаченици, па Светиот Кипријан Слепченски, Светите Спаса Вишненска и Стефанида Битолска, преподобните Спасе Вевчански и Јоаникиј Ракотински, преподобните преродбеници Јоаким Крчовски и Кирил Лешочки, сѐ до светителот од нашето време – Свети Гаврил Велички.
Втора голема радост ми се многубројните хиротонии на нови наши епископи. Имено, ако првиот Синод на нашата обновена архиепископија беше составен од тројца архијереи, ако во времето кога јас бев хиртотонисан беа петмина, а во времето кога бев избран за архиепископ бевме осуммина; денес, пак, сме тринаесетмина епархиски архијереи, петмина викарни епископи и еден вомировен митрополит, односно вкупно деветнаесетмина! А бројката на архијереи се зголеми, затоа што се зголеми и нашето монаштво! Тоа, пак, е нешто што исклучително ме радува. Имаше време, и тоа не толку одамна, кога ги имавме прекрасните манастири, но го немавме, или, малку го имавме, она што е највредното, она што манастирите ги прави вистински манастири, а тоа се – монасите и монахињите, оние коишто, молитвено тихувајќи, постојано се молат за сите и за сè!
И не само што во овој период ја имаме радоста да се зголемува нашето монаштво туку се зголемува и бројот на верниот народ којшто редовно учествува во литургискиот живот. Некогашната слика, од претходните времиња, со празните или полупразните храмови, да Му благодариме на Господа, денес е заменета со храмови исполнети со верен народ, кој знае дека Светата литургија е идентитетот на животот во црквата и дека токму редовното примање на телото и крвта Христови е она што ни овозможува да ја видиме вистинската светлина. Затоа, во изминатиов период, како што се наголемува бројот на богобарателите што го наоѓаат својот мир во храмовите, се појави потреба и за изградба на повеќе нови храмови и за доукрасување и обновување на претходно постојните. Па, низ годиниве, според објавеното во весник, Службениот лист на Македонската православна црква, сум осветил, сам или со браќата архијереи, повеќе од 70 храма и манастири. И сите тие нови светилишта и нивните придружни простории се за радост во Господа, а меѓу нив има и голем број храмови коишто се навистина вредни за особено истакнување, каков што е обновениот храм „Рождество на Пресвета Богородица“, во центарот на Скопје, и новоизградените храмови: „Свети пророк Илија“, „Свети Јован Крстител“ и „Светите Тројца Светители“, сите во Општина Аеродром, па „Свети Наум“ во Радишани, „Свети Јован“ во Бутел, „Свети Константин и Елена“ во Илинден, „Свети Спас“ во Долно Соње, а во завршни фази се уште неколку, од кои би ги издвоил: „Светите Константин и Елена“ во центарот на Скопје, „Христос Спасител“ во Карпош, „Свети Мина“ во Сопиште и „Сретение Христово“ во Железара.
А по покани од браќата архијереи, заедно осветиме и велелепни храмови во други наши епархии, како обновениот Светиклиментов манастир на Плаошник, прекрасната „Света Троица“ во Радовиш, „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, „Света Петка“ во Кавадарци, „Света Лидија Македонска“ во Свети Николе, „Света Петка“ во Прилеп и на други места. Исто така, нашиов верен народ низ минативе години градеше храмови и во прекуокеанските и во западноевропските земји, па и таму учествував во осветувања на преубави македонски православни светилишта. И можам да кажам дека некои од тамошните наши црковни општини имаат изградено храмови какви што ретко имаме и во Македонија. Особено би ги истакнал велелепните храмови во Детроит, во Њу Џерси, во Мисисага, во Хамилтон и во Ејџекс, како и оние во Малме, во Загреб, во Тринген, во Дортмунд и други.
И конечно, тоа наше македонско богољубие и црквољубие, по Божјо благоизволение, ни овозможи пред две и пол години да го добиеме она за што копнееја нашите предци, од последниот архиепископ Арсениј, па сѐ до нашево време. Имено, Неговата сесветост, вселенскиот патријарх Вартоломеј, и Неговата светост, српскиот патријарх Порфириј, двајца исклучителни духовници и архипастири, препознаа дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија е жива црква, црква од живи садови на Светиот Дух, па Светиот синод на Вселенската патријаршија ја прими нашата света црква во евхаристиско единство со православната екумена, а Светиот собор на Српската патријаршија ни додели томос за автокефалност!
На овој ден и од ова свето место, сакам да им заблагодарам на браќата архијереи за заедничкото работење, за меѓусебното разбирање и помагање; на оние коишто во овој период се упокоја – Бог да ги прости, на живите, пак – да им дарува многулетствие! Навистина, со возљубените браќа архијереи – поминавме години во кои покажавме и потребно трпение и едномислие, со непоколебливата упорност во бранењето на нашата црковна и народна вистина и со постојаното барање на правда и на правдина. Им благодарам и на свештенството и на монаштвото – и во Скопската и во сите наши епархии, во татковината и меѓу иселениот наш народ, за исполнителното извршување на свештеничкиот позив и на монашкиот завет. Му благодарам и на нашиот верен, македонски народ, за љубовта кон нашата Македонска црква, за љубовта кон црквата Христова и за верноста кон својата прадедовска вера. Им благодарам и на нашите образовни институции – Богословијата и Богословскиот факултет, за грижата кон новите богослови, идните работници на нивата Господова. И да не заборавиме дека сите заедно, и архијереи, и свештенство, и народ, сме царско свештенство – сите сме црквата македонска!
Затоа сите заедно да им се молиме на македонските светии, да ни бидат застапници пред Христа, тa да се исполнуваме со радост и со Светиот Дух и, сите заедно, да се покажуваме како вистинско тело Христово, градејќи општество на верни христијани, општество достојно за заложбите на многубројните наши знајни и незнајни светии.
Бог да ни ги чува и црквата македонска и татковината – Македонија!
За многу години празникот, а Светата литургија нека ни е за здравје и за спасение! Амин!
Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан