Антиупатства за лична употреба
Тогаш (можеби од преголемата возбуда) му се причини дека на спротивниот крај на салата, кај влезот, нешто се мрда. Нешто големо се мрда. И тоа почна да се движи, да се клати симетрично, лево па десно, движејќи се по тепихот право кон бината, со долги чекори и лабаво мавтање на рацете. „Кукла ли е, што е ова?“, помисли во мигот, но како што суштеството се наближуваше, лесно и вешто за толку високи нозе, сѐ повеќе личеше на голема марионетка, многу поголема од претседателот и членовите на жирито, без да ѝ се видат конците што ја раководеа додека, доминантна и застрашувачка, се движеше, накај него. „Овој ако ме згази, ќе ме смачка!“, се растревожи, но Бигмен запре пред него, го погледна од височина со сините како стакло непробивни очи, студено го одмери, а тогаш забележа – мазното лице не му беше дрвено, туку, боже, со вистинска оптегната човечка кожа!
Во меѓувреме, со појавата на Бигмен, во салата како стабилноста на публиката што дотогаш смирено се распоредуваше се растури, како кај возбудено стадо, се раздвои на делови што почнаа неповрзано да џагорат и остро гестикулираат со оние до нив. Некои станаа од столовите, се слушнаа енергични извици: – Што се случува?! – Кој е ова?! Забележа дека и жената, исто така станата од своето место во четвртиот ред, му дава оттаму нервозни знаци, но пред високата фигура на суштеството, тој можеше да ѝ одговори само потскриено, ширејќи ги дланките во чудење.
Тогаш големиот, без најмала возбуда, се сврте кон публиката, ѝ дозволи уште десетина секунди да се прибере, па ѝ се обрати: – Драги госпоѓи и господа, почитувани претседателе и членови на жирито (остана со грб кон нив), простете ми што вака одеднаш ја прекинав вашата, како да ја наречам (мала пауза) говоранција. – Гласот, за разлика од ликот и облеката, нѐ изненади – висок баритон, речиси метален, „како на сињоре Чипола, Мановиот магионичар“, помисли, иако, по обичај, веднаш си ја дополни брзоплетата мисла: „но Чипола е Италијанец, многу понизок, со мустачиња намачкани со црна маст, а овој…“. Бигмен продолжи да говори рамномерно: – Дозволете да напоменам дека тука е направен сериозен пропуст. Јас, како граѓанин, ви должам искрено извинување поради доцнењето на мојата реакција, но, токму како граѓанин, да повторам, подразбирав должна почит кон комисијата (сѐ уште со грб кон нив) за да имаат доволно време да постигнат нагласена сообразност меѓу своите критериуми, па дури сега решив да се надоврзам и реагирам на одлуката. Ние разговараме за нешто што се подразбира, зарем не?
Публиката чекаше, небаре тие неколку реченици од Големиот човек да ја замолчеа во исчекување. Тој говореше надмоќно, а тоа очигледно влијаеше врз луѓето што го слушаа: – Оваа висока награда треба да ја заслужи човек што со својата личност и дело суштински се вградил во ткивото на нашата национална доверба – тука Бигмен ја крена својата десна рака високо и замавта со неа (што со оглед на нејзината големина дејствуваше застрашувачки силно), давајќи им уште поголем залет на своите зборови: – Во овој храм на нашата самониклост и опстој, се собравме за да го доделиме орденот, односно наградата за литература, тоа се подразбира, но и за неизмерниот влог што наградената личност ја вградила во нашата колективна судбина.
Во салата владееше исчекувачки молк, дури и тој, засолнет во сенката на огромниот говорник, втренчено ги дочека неговите следни зборови: – Туку, да се вратам на суштинската причина на ова мое обраќање. Јас не можам да дозволам ова врвно национално признание да го одбегне оној што навистина го заслужува. Оној што срцето и душата (тука ја положи огромната дланка на градите) го дава безрезервно за својата татковина!
Публиката почна да ракоплеска. Најпрвин поединечно, потоа сѐ погласно, одобрувачки. Меѓу мноштвото екситирани ракоплескачи, жената му се виде некако затечено, што баш не личеше на неа. Застаната со збунета полунасмевка, опкружена од речиси навивачката поддршка што публиката здушно му ја упатуваше на Бигман.
А тој, Големиот, сочека да се стивнат, притоа меко, речиси господски спуштајќи ја раката, изговори: – Човекот кого ќе го одбереме да биде награден е оној со кого ќе се гордееме. Сѐ по мера, сѐ по заслуга… Но прашањето е… кој ќе биде тој? – Бигмен тука ги подигна гласот и десницата: – Кој?
– Вие!! – го препозна гласот на згодната девојка во црн фустан. – Вие!! Вие!! – прифатија другите. Однекаде притрча претседателот на жирито што дотогаш воопшто не се гледаше зад доминантната фигура на Бигмен, држејќи ја со обете раце фигуринката на крилестиот Пегаз. Испотен, некако истуткан, почна нешто да зборува, но поради сеприсутниот аплауз, ништо не се чу од неговиот говор, туку се гледаше само дека ја отвора и затвора устата како риба на суво. Кога му го врачи Пегазот на Бигмен, мораше да го поткрене своето дебело тело во истутканиот костум, речиси подигајќи се на прсти, додека капките пот видливо му го оросија челото, како на исплашен кепец соочен со џин. Помисли дека во очите на Бигмен овој таканаречен претседател на жирито изгледа како карикатура, но не го покажа тоа, туку сериозен церемонијално ја прифати фигуринката и се заблагодари, а потоа внимателно ја постави на темната дабова маса.
Тогаш забележа дека жената сосе куферот со тркалца се извлекла на тепихот од разбранетата толпа и му дава очајнички знаци да се симне од бината.
Но нему не му се симнуваше. „Ќе останам уште малку. Интересно ми е“, помисли, а на Бигмен, како да му ја прочита мислата, низ лицето (човечко!) му се рашири срдечна насмевка, се наведна кон него и го прегрна. Неговите огромни, топли дланки заштитнички и нежно го обгрлија. Се препушти, како да се враќаше во немирните детски денови, кога во сонливите прегратки допирот беше доволен да се заборави комплицираната стварност…