Балдската тргнала за Коњиќ, па се загубила во преводот

Нашата (не)инвентивност и (не)сериозност кон преводите се присутни во голема мера. Во овие времиња на неброени електронски медиуми, каде што секој поамбициозен граѓанин умислил дека е новинар, грешки се натрупуваат на дневна основа, па сега претставува сериозен напор да се регистрираат сите несоодветни преводи, кои сѐ повеќе бодат очи при само површно прелистување на информациите што им се сервираат на граѓаните

Своевремено имав напишано една колумна со наслов „За јазикот на штркот“ во која се обидував да апелирам за малку посериозен пристап кон преводот (препишувањето) на информациите, особено на оние што ги „позајмувавме“ од северниот сосед. Имено, насловот го позајмив од еден дамнешен препис на некој мој не толку вреден и надарен колега или колешка, да бидам коректен докрај, кој српскиот наслов „О језику роде“ (За јазикот роде, народе) го превел како што му дошло од прва, па народот го протолкувал како штрк.
Минаха години, што би рекле некои други соседи, а нашата (не)инвентивност и (не)сериозност кон преводите се присутни во голема мера. Во овие времиња на неброени електронски медиуми, каде што секој поамбициозен граѓанин умислил дека е новинар, ваквите грешки веќе се натрупуваат на дневна основа, па сега претставува сериозен напор да се регистрираат сите несоодветни преводи, кои сѐ повеќе бодат очи при само површно прелистување на информациите што им се сервираат на граѓаните.
Така, неодамна дел од порталите на подбив го зедоа брзоплетиот превод на зборот свастика, со кој се опишува нацистичкиот симбол, кој некој недоволно внимателен самонабеден новинар го превел како балдска. Сѐ би било во ред доколку станува збор за превод од српскиот јазик, каде што свастиката се преведува на македонски токму така, но навистина е несериозно да не се провери дека овој пат зборот требало да остане во изворната форма бидејќи и во македонскиот и во српскиот се користи истиот термин за нацистичкиот симбол.
Овде не би сакал да навлегувам во полемика со колегите што бараат влакно во јајцето, па би сакал да се оградам дека свастиката е исклучиво нацистички симбол, туку има многу постаро значење и толкување, но во случајов се работи токму за тоа, па и во јавноста најмногу е позната по тоа толкување. Затоа, тука би прекинал со објаснувањето, битно ми беше дека некој лошо го превел терминот без да му посвети внимание на контекстот, при што многу лесно би видел дека згрешил.
Или, пак, можеби прелесно се потпрел на преведувачот на Гугл, кој стана најдобар соработник на новопечените редакции, но и самиот си има одредени слабости.
Вториот збор од насловот на колумнава што може да внесе мала збунетост е терминот Коњиќ, кој изминативе денови по трагичните настани во Босна и Херцеговина и катастрофалните поплави некритички и крајно невнимателно го користат поголем број медиуми. Имено, станува збор за градот Коњиц, кој ако мине низ погоре спомнатиот преведувач на Гугл се појавува како Коњиќ.
Очигледно и во овој случај се работи за недоволна контрола или избегнување едноставна проверка на преводот, бидејќи сепак станува збор за град што не мора да го знаат помладите колеги, кои немале можност да учат по старите наставни програми за историја или географија, или да гледаат доволно партизански филмови. Но тоа не ги амнестира за да не ги проверуваат имињата, особено на оние географски поими што не им се доволно познати. Се разбира, ако сакаат да бидат релевантни, односно да ја задржат довербата на читателите.

Интересно е да се додаде дека за таа цел може да се посегне по уште една алатка на гореспомнатиот Гугл, поточно проверка во мапите на Гугл, каде што ќе се види дека во непосредна близина на Јабланица е Коњиц, а не Коњиќ.
И кога веќе зборуваме за преводите, за сета оваа елаборација да не биде попуста, можеби ќе подразбуди некого, ќе подотвори некои чакри, па задолжените за тоа ќе се сепнат и ќе се обидат да стават некаков ред на преводите што ни се пласираат на кабелските телевизии. Засрамувачка е неписменоста на луѓето задолжени за превод на филмовите и сериите, а уште повеќе засрамува молкот на многубројните тела и органи задолжени за контрола на содржините што ни се пласираат.
Па така, можеби нема серијата за инспекторот Мегре да служи за потсмев, затоа што преведувачот упорно го преведува како Мајгрет, а инспекторот Рикарди го прекрстува во Ричарди. Или, пак, отецот Браун да го преведува како таткото Браун. Можеби не ги познаваме сите јазици и можат да ни пласираат превод онака како што ќе им се посака, но ако ништо друго, барем имињата на погореспомнатите ликови се добро познати, па не е во ред некој да си поигрува со трпението на гледачите. Кои и онака скапо ги плаќаат содржините што им ги нудат кабелските оператори. Но тоа е веќе друга тема, која набргу ќе дојде на ред.