Од творештвото на писателот Трајче Кацаров

Рано будење

Само што ги насети
Топлите зраци
на сонцето
Кокичето тргна
на децата
Да им ја навести
пролетта
Попат го сретна
баба Зима
„Каде си поранило,
малечко“ – му подвикна
Кокичето од страв
смрзна

И навистина беше рано
Среде зима да шета само


Жртва

Ја душка песот Златко
Висибабата среде полето
Од радост уште и да одлета
Ја насети пролетта

Лута баба зима
Оти веста е лажна
За носот Златко го штипна
Ушите му ги гризна
Опашката му ја свитка

Не сакајќи Златко
Жртва стана
На пролетта рана


Лекција

Ѝ здосади на римата
Да се римува со зимата
По неколку обиди
Со летото и есента
Се задржа на пролетта

„Јас сум таа пролетта
Што доаѓа после зимата!“-
На сет глас извика пролетта

И навистина
Кој може да сфати
Што е тоа рима
Ако нема зима