Грција изгради цела приказна за својата славна антика и хеленизмот, иако денешните Грци немаат никакви допирни точки со античките Грци, туку античката приказна вешто беше наметната од некои моќни европски центри што имаа потреба да го градат европскиот мит за демократија и организација на државата. Бугарите не можеа да се плеткаат во антиката, но си ги припишаа лаврите за ширењето на писменоста, присвојувајќи си ги светите Кирил и Методиј. Сега работат и на присвојување на македонската историја и на поништување на македонскиот идентитет, за да се затвори македонската приказна на Балканот. Тогаш, зошто ни се одзема нашето право да го градиме нашиот историски наратив на опипливи историски извори и зошто постојано се согласуваме со тие тенденции и правиме отстапки?
Нема сила што ќе го пресече историскиот континуум на македонскиот народ
Главната интенција за опструкциите што изминатите три децении ги правеа Грција и Бугарија кон Македонија е да покажат дека македонскиот народ е народ без корен, без временски континуитет, кој едноставно се појавил некаде во 20 век и оттогаш дрско присвојува туѓа историја.
Сепак, она што го говори историската научна фактографија е дека ниту еден народ не може едноставно да падне од небо во одреден временски и географски простор и да го запоседне, туку секогаш станува збор за една развојна ситуација преку која низ времето се градел наратив посебен од сите други. Науката вели дека е невозможно да се направи обичен рез и да се каже дека македонскиот народ потекнува од одреден период и да се продолжи од таа појдовна точка во градењето на историјата. Тоа е спротивно на историската научна методологија, а доказите на терен го покажуваат токму спротивното.
Народот без свој корен нема ниту своја иднина
Територијата на денешна Република Македонија е огромно археолошко наоѓалиште, кое од неразбирливи причини никој не го истражува, барем не толку колку што треба. Каде и да се копне, се наоѓаат артефакти што говорат дека тука живеел народ различен од народот од околните земји, што е само потврда дека постои временски континуитет на луѓето што живееле на овие простори.
Многу други народи, Грците, Бугарите, Французите, Англичаните, Скандинавците, граделе сопствен историски наратив и временски континуум и без толку многу пронајдени артефакти, туку многу повеќе врз митовите што се пренесувале од колено на колено. Грција изгради цела приказна за својата славна антика и хеленизмот, иако денешните Грци немаат никакви допирни точки со античките Грци, туку античката приказна вешто беше наметната од некои моќни европски центри што имаа потреба да го градат европскиот мит за демократија и организација на државата. Бугарите не можеа да се плеткаат во антиката, но си ги припишаа лаврите за ширењето на писменоста, присвојувајќи си ги светите Кирил и Методиј. Сега работат и на присвојување на македонската историја и поништување на македонскиот идентитет, за да се затвори македонската приказна на Балканот.
Како и да е, без оглед на сите притисоци, Македонија не смее едноставно да се откаже од историските корени и да ја прекине секоја врска со минатото само поради некакви ветувања за европска иднина. Не попусто се вели дека народот без свој корен нема ниту своја иднина.
Колку и да сака некој да го негира македонскиот временски континуум, артефактите го говорат спротивното, дека тука постоел народ многу одамна, различен од сите околу себе.
Сè што е најдено на наша територија е наш историски артефакт и наш наратив
За историчарот Тодор Чепреганов нема никаква дилема дека македонскиот народ на оваа територија има сопствен историски континуитет од многу одамна и дека сите артефакти најдени тука го потврдуваат тоа.
– Културно, историски, во секој сегмент сè што е на Македонија му припаѓа на народот што живее на таа територија. На оваа територија живее македонскиот народ, така што антика, праисторија, неолит, сето тоа му припаѓа на македонскиот народ. Ова што се направи на спомениците да пишува дека ѝ припаѓаат на хеленската историја е невиден апсурд во историјата, нецивилизациски чин. Некој ти го одзема правото да се поврзеш со своето минато, бидејќи минатото е колективна меморија. Нашата колективна меморија оди дури до антиката. Едноставно, правото на еден народ што живее на одредена територија е да си ја пишува сопствената историја. Историски, археолошки, сè што има, му припаѓа на тој народ – вели Чепреганов.
Според него, македонскиот народ не посегнал по ничија историја, туку бара да му се дозволи и тој самиот да гради сопствен историски наратив врз основа на она што го затекнал тука.
– Ние сме цивилизиран народ, не посегнуваме по ничија историја. Ништо не бараме, бараме само да нѐ остават на мир, да ни дозволат да си го напишеме тоа што сметаме дека е наше – истакнува Чепреганов.
Нашите неодговорни политичари се тие што ги сечат корените
Вината за тоа што сите си земаат слобода да интервенираат во македонскиот историски континуитет тој ја гледа кај политичарите, кои за да ѝ се додворат на Европа, си ги негираат сопствениот идентитет, јазик и култура.
– Тоа го прави политичката елита, за жал. Самата се поништува. Со формирањето на историската комисија со Бугарија се случува токму тоа. Се преговара за работи за кои не се преговара. Не можете мене да ми ја смените колективната меморија. Со самата комисија ние кажуваме дека не сме свесни за својата историја, дека правиме фалсификати и сега треба некоја комисија да го регулира сето тоа, што им дава права на ЕУ членките да добијат впечаток дека ние не сме свесни што сме и кои сме. Ние имаме сосема друг наратив од сите наши соседи, имаме свој наратив што треба да го чуваме, а не да се плашиме да ставаме наши плочки на спомениците. Прво ставивме плочки на некои споменици дека тоа било грчко, сега на други споменици ќе ставиме дека било бугарско и на крајот што ќе остане македонско, ништо. Ние едноставно се губиме, сами си го прекинуваме историскиот континуитет – потенцира Чепреганов.
Повикувајќи се на сопствените истражувања, професорот појаснува дека историскиот континуитет на македонскиот народ на овие простори е неоспорен и дека колективната меморија го потврдува тоа.
– Самите историски документи покажуваат дека имаме врска со античка Македонија. Сите македонски револуционери од 19 век се повикуваат на Филип и Александар, само комунистите се обидуваа да ги избришат таа врска и тоа сеќавање. Тоа сознание се пренесувало од генерација на генерација, што сведочи за континуитетот на народот што живеел тука. Тие прикаски останале, не е тоа нешто што вештачки настанало. Тие луѓе се идентификувале со тие историски личности. Сега доаѓа некој и вели немате ништо со тоа, ја кине таа врвца и ние остануваме да висиме – нагласува Чепреганов.
Тој посочува на еден интересен оксиморон во целата наша ситуација што ја прават соседите, негирајќи го она што за нив не постои.
– На крајот ќе излезе дека потеклото ни е од 2018 година, дека сме некоја нова нација, тоа е целта, но самите тие што коваат такви планови паѓаат во заблуда. Велат дека не постоиме и тоа им е главниот аргумент за нападите, но логиката вели дека ако не постоиме, тогаш зошто имаат потреба да негираат нешто непостојно? Ако нешто го нема, нема потреба да се негира. Но очигледно се свесни дека постоиме, дека сме им проблем и затоа нè негираат – заклучува Чепреганов.
Археолошките откритија го потврдуваат културниот идентитет на Македонците
Според универзитетскиот професор и археолог Трајче Нацев, во услови на негирање на историјата, токму археологијата може да даде многу одговори за нашето постоење на овие простори низ вековите, кој притоа додава дека сите истражувања што се прават на територијата на Македонија всушност го потврдуваат културниот идентитет на Македонците.
– Сите истражувања и сите откриени артефакти го потврдуваат културниот идентитет на Македонците. Затоа, ние не треба стриктно да се врзуваме за перидот на античка Македонија, бидејќи нашата култура и културното време на автохтоното население на овие простори што живеело и живее на овие простори не потекнуваат од античкиот период, кој започнува од шестиот век, туку според големиот број археолошки локалитети и наоди кај нас потекнуваат од многу порано, почнувајќи од железното време врз основа на пронајдените предмети, па вториот век, па до крајот на античкиот период и потоа – изјави Нацев, професор на штипскиот Институт за историја и археологија, кој неодамна беше модератор на првата научна конференција на темата „Македонија – крстопат на епохи, цивилизации и култури“, во организација на Институтот за историја и археологија при Факултетот за образовни науки во Штип, организирана по повод десетгодишнината од постоењето на Институтот.
Како и да е, токму откриените артефакти јасно говорат дека никој нема право да го оспорува историскиот континуитет на македонскиот народ во границите на Република Македонија, така што, како што сите држави градат сопствен идентитетски наратив врз основа на она што го наследиле на своите територии, така и Македонија може да си гради сопствен наратив.
Се разбира, тоа што се гради таков наратив не значи дека се посегнува по туѓиот наратив или, пак, се пројавуваат дури и територијални претензии. Тоа никогаш го немало од македонска страна, туку опстојувала исклучиво желбата да се негуваат македонски историски наратив и вековен континуитет, без ничии замешателства и интервенции.