Апостолот Павле се среќава со лекарот Венко од Филипи

И не долго по Исусовата смрт, која била во 33 г. во новата ера, во Македонија во 50-51 година ќе дојде апостолот Павле. Зошто Павле (Шаул од Тарс, подоцна преименуван во Антиохија) ја избрал Македонија? Тоа би требало да се знае, но, за жал, ете и тој настан од Новиот завет е фалсификуван во многу варијанти. Но ако сакаме да знаеме зошто дошол токму во Македонија, треба да го знаеме и Стариот завет, но и малку повеќе историја. Во суштина станува збор за длабоки врски меѓу Евреите и Македонците. Евреите никогаш нема да заборават дека еден македонски крал каков што бил Александар Трети Македонски им дал целосна слобода и во суштина ги изедначил со Македонците. Од тој момент Евреите стануваат видливи, а со тоа и почитувани и од други народи

Душко Ласман беше прочуен касап од Ѓорче Петров. Ги правеше најдобрите колбаси, подобри од тие што ги правеа во родното село на татко ми крај Солун. Мајсториште. Имаше два впечатливи знака на лицето – мустаќите и една рецка на брадата. Еднаш додека си ја работеше својата работа, а јас мојата, му лепев тапети во куќата каде што живееше со тетка Марица, го прашав од каде таа лузна. Вели, мораш да ги почитуваш строго правилата. Испадна дека го клоцнало некое животинче иако тој мислел дека веќе било спастрено. Тоа бил рефлексен удар на мртвото теле. Јас заборавив на тоа и можев и да загинам. Значи, рефлексен удар, рефлексна клоца како доказ дека тоа добиче некогаш скокало, бодело, но и клоцало. Толку. Да ги запаметиме како клучни зборовите „мораш да ги почитуваш строго правилата“ и „рефлексно клоца“.
Приказната за Душко Ласман и телето ја спомнувам затоа што ни доаѓаат тешки и важни празници, кога се принесува и жртва и подарок, кога ја славиме победата на животот над смртта, кога Исус е распнат од Римјаните, тој умира, па воскреснува и оди кај својот Создател. И не долго по Исусовата смрт, која била во 33 г. во новата ера, во Македонија во 50-51 година ќе дојде апостолот Павле. Зошто Павле (Шаул од Тарс, подоцна преименуван во Антиохија) ја избрал Македонија? Тоа би требало да се знае, но, за жал, ете и тој настан од Новиот завет е фалсификуван во многу варијанти. Но ако сакаме да знаеме зошто дошол токму во Македонија треба да го знаеме и Стариот завет, но и малку повеќе историја. Во суштина станува збор за длабоки врски меѓу Евреите и Македонците. Евреите никогаш нема да заборават дека еден македонски крал каков што бил Александар Трети Македонски им дал целосна слобода и во суштина ги изедначил со Македонците. Од тој момент Евреите стануваат видливи, а со тоа и почитувани и од други народи. Понатаму историјата се пишува на друго, да речеме небесно, или духовно ниво. Бидејќи Александар со указ ја прогласил за официјална еврејската религија, тоа практично значело и слободно ширење на Тората, а понатаму и на Кабалата… А тоа е и систем на закони, етика, морал, наука. Така на Павле не му се јавил на сон некој од Македонија, туку тој отишол кај конкретни луѓе, Македонци. Неговата апостолска мисија на почвата на Европа, која почнува во Македонија, е еден од најголемите настани во историјата на Европа. Друг нема, освен војни, пустошење, крстоносни походи, инквизиција, холокауст. Но Господ има време за сѐ, па и да ја одмери казната! И Господ знае што сториле Македонците за да се прошири словото Божјо. И се знае дека за време на трите апостолски мисии на Павле тој секогаш бил придружуван од Македонци стражари, кои се грижеле за неговата безбедност. Павле доаѓа во Филипи за да ја освети првата христијанска црква во Македонија, а со тоа и во Европа, но тој бил фасциниран од тоа колку цркви се изградиле. Замислете, тоа е само првиот век од новата ера. Плус, тој процес се случува во времето на паганскиот Рим и не било воопшто лесно да се практикуваат верските обреди. Но Македонецот ги покажал и докажал својата вера, сила и поврзаност кон Бога. Павле ако ги фали Македонците, тогаш тој има тешки зборови за Ахаја (Грците по денешна номенклатура). Таму светлото на христијанскиот факел ќе огрее дури пет века подоцна со насилно (декрет) покрстување од владетелот Јустинијан Првиот. Колку да се знае.

„Преку ноќта, имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше – Премини во Македонија и помогни ни“. По тој сон Павле отиде во градот Филипи, Македонија. Таму ја сретнал жената по име Лидија, која се покрсти заедно со нејзините домашни. Оттаму Лидија се смета за првото покрстено лице во верата на Исус Христос на територијата на Европа, односно за првата европска христијанка.
Градот Филипи се наоѓал во близината на денешна Кавала (веројатно еден од најубавите градови во Македонија) и јасна е поврзаноста на мојата опсервација на лекарот Венко Филипче. Нема бегање докторе Венко, презимето ти е древно, сакал или нејќел. И не знам дали Венко од Филипчеви има некакво сознание за важноста на мисијата на апостолот Павле во Филипи, а со тоа и во Македонија, но би требало, особено затоа што е Македонец, живее во Македонија, затоа што е врвен лекар и лидер на државотворна (некогаш беше) партија, а партиските лидери мора да ја знаат личната карта на својата татковина. Тоа кажува дека и Филипче има своја мисија. Не знам дали сите сме свесни што направи партијата, чиј лидер е Филипче, за ова наше историско наследство да им го даде на Грците, а грчките предци токму во времето на мисијата на Павле ги уриваа еврејските храмови и градеа храмови на грчките богови. Тоа е една од најголемите навреди кон еден народ.
Но, ете, на Венкота Филипче му се сонил некој Европеец, кој го повикал да оди во Брисел и таму да си ја каже маката. Што те мачи докторе? На собирот на социјалдемократите тој побара сестринските партии во Европа да ја забрзаат евроинтеграцијата на „северна Македонија“.
– Тоа е клучна цел, која мора да ја постигнеме ако навистина сакаме подобар живот за нашите граѓани – порача Филипче. Според него, евроинтеграцијата не е апстрактен процес, туку таа значи посилно правосудство, поквалитетно образование и здравство, посоцијално општество, повисок стандард и системска борба против корупцијата.
– Тоа се барањата на граѓаните, и единствено преку тој процес можат да се остварат – вели Филипче и ќе ламентира во стилот на Радмила Шекеринска, која заврши една мисионерска работа во Македонија, но изгради евроатлантска кариера, дека лично презема целосна одговорност, па дури и по цена на неговата политичка кариера, за да се усвојат уставните измени и да се отворат преговарачките поглавја со ЕУ. Каква е оваа стратегија? Што ли смислиле македонските социјалдемократи, само ѓаволот ќе ти знае.

Каков говор, о Господе?! Ова е како некој да редел со месеци една фигура од кибритчиња, нека биде Ајфеловата кула, и таман да ја слика и да ја испрати на светска изложба, доаѓа едно палаво детенце и со едно прсте ја урива целата конструкција. Отидоа месеци напорна работа, труд, замисла… Па зошто се сретна Филипче со Мицкоски, зошто се бараше консензус за македонската позиција во однос на барањата на Бугарија и Брисел (да не отворам уста за Преспанскиот договор, нашата пештера на смртта, но во пештера беа пронајдени и Кумранските записи, па има надеж за нас). Зошто за една смислена надворешнополитичка стратегија зад која стојат ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН, претседателката Гордана Силјановска-Давкова и за која се бараше и поддршка од СДСМ сега Филипче го покажува рефлексот на гореспоменатото теле. Толку немаме чувство за тоа како се грдат национални позиции. И сега Филипче јавно кажува дека ќе има учество во некакви комисии, кои треба да ја подобрат демократската позиција во земјава. Зарем е потребна поддршка сега од СДСМ и нејзиниот лидер. Па тие се апсолутно во аут. Филипче сака да им се додворува на Европејците, а се прашувам, што ли ќе добие со тоа, освен лични поени, а ја урива позицијата на Македонија. Но во ловот на гласови фрлениот бумеранг може да се врати и да те удри токму во главата, односно оружјето што било наменето за жртвата, кога од незнаење стануваш жртва на сопствените амбиции.
Како крај да се потсетиме на Новиот завет, Лука: 12 54 А, на насобраните им рече: „Кога ќе видите облак на запад, веднаш велите; ’Ќе врне‘, и така се случува. 55 Кога ќе видите дека дува од југ, велите: ’Ќе биде спарно’ и така се случува. 56 Лицемери! Знаете да го процените изгледот на небото и земјата. Како тогаш не можете да го препознаете ова време? 57 Зошто сами од себе не можете да процените што е вистина“.
Не сум судија и не пресудувам. Само потсетувам како треба да се читаат законите, особено тие на Господ. Зашто ако се однесуваме погрешно кон законите, кон својот народ и држава, предупредени сме дека сме лицемери.