Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИМА ЛИ ДОВОЛНО БУГАРСКО МАЛЦИНСТВО ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ОТВОРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ?

Токму изборите што викендов се одржаа во Бугарија го потврдија единствениот релевантен податок за вистинската бројност на Бугарите во Македонија, односно дека во овдешните бугарски претставништва гласале едвај нешто повеќе од 400 граѓани. Сето ова најдобро говори дека притисокот што го прави Бугарија врз македонските власти за внесување на Бугарите во македонскиот устав е само од хегемонистички причини, кои ниту по сто и повеќе години не се заборавени

Бугарската стратегија за негирање на македонскиот јазик, историја и идентитет што се идентификува со континуирани сѐ пожестоки оркестрирани кампањи дека „на овие простори живеат однародени Бугари“ не е ништо друго освен директна атака врз националниот суверенитет и територија на Македонија, зад која стојат некои центри на моќ во Бугарија и надвор од неа. Во последно време може да се препознаат различни форми на таа стратегија, вклучувајќи и преку масовната кампања за отворање бугарски клубови, регистрирање бугарски образовни институции, печатење литература, емитување бугарски телевизиски канали, односно креирање атмосфера дека тука живее бугарско население што е угнетено и кое матичната земја Бугарија сака да го заштити од притисок и угнетување!?

Каде „исчезнаа“ стотиците илјади Бугари што Софија ги виде во Македонија

Тезата дека во Македонија живеат над сто илјади Бугари, Софија почна да ја турка од моментот кога во Европа не поминаа нејзините забелешки за јазикот и идентитетот, што беше главно бугарско образложение за првото вето за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Бугарските политичари се најдоа под засилен европски притисок, па брзо го сменија наративот и пред Брисел почнаа да се жалат на дискриминација и притисоци од страна на македонските власти врз наводното „големо“ бугарско малцинство во Македонија. Обвинувањата одеа до дрско ширење лаги пред ЕУ дека токму во Македонија се прекршуваат човековите и националните права на Бугарите како малцинство, дека Бугарите трпат дискриминација и говор на омраза, дека се угнетувани и не им се дава да се вклопат во институциите и воопшто во секојдневниот живот.

Но токму изборите што викендов се одржаа во Бугарија го потврдија единствениот релевантен податок за вистинската бројност на Бугарите во Македонија, односно дека во овдешните бугарски претставништва гласале едвај 461 лице, а најголем број или 172 своето избирачко право го искористиле во Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Сето ова најдобро говори дека притисокот што го прави Бугарија врз македонските власти за внесување на Бугарите во македонскиот устав е само од хегемонистички причини, кои ниту по сто и повеќе години не се заборавени.

Од друга страна, со ваквиот настап Софија директно го негира меѓународното право за немешање во внатрешните работи на суверена држава, инсистирајќи на промена на устав за внесување минорно малцинство, но истовремено одбивајќи да му овозможи права на постојно големо македонско малцинство на нејзината територија, кое по бројност е сериозна етничка група во Бугарија и кое со право може да се пожали на угнетување и притисоци, што беше забележано и од Европскиот суд за човекови права.

Одгласот на бугарското малцинство во Македонија на гласањето на изборите во Македонија треба да биде и аргумент за македонската страна, која наместо постојано да прави отстапки, конечно треба да истапи и да каже дека во земјава има минорна бројка на Бугари и дека отворањето на Уставот заради каприците на Софија не е европска вредност, туку реформските процеси што ги прави земјата на патот кон ЕУ.
Не поминуваат повеќе ниту лагите дека наводно граѓаните што се чувствуваат како Бугари во земјава биле под притисок и некој им се заканувал, а истовремено слободно шетаат и отвораат бугарски клубови во Битола, Велес, Охрид, па кога веќе ги имаат тие слободи, тешко дека некој ќе ги спречи да појдат во конзулатите и да гласаат на бугарските избори. Но реалноста е дека едноставно нема толкаво малцинство колку што сака да прикаже Софија, а тоа се потврди викендов, исто како што се потврди и на неодамнешниот попис во земјава.
– Мислам дека ним им е многу добро јасно колку Бугари има тука. Изборите викендов само го потврдија тој факт, дека во Македонија нема многу Бугари. Самото тоа што се пријавија 181 за гласање, од толку зборување дека ги има над 100 илјади што зеле бугарски пасоши, покажува колку вистински се Бугарите тука, а пасоши зеле оние што биле принудени на тоа од економски причини, а не затоа што се чувствувале како Бугари – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Според него, истиот рецепт што Бугарија го правеше со пасошите во Македонија, сега го прави и меѓу македонското малцинство во соседна Албанија.
– Бугарите го користат тоа што ние не сме дел од ЕУ и сега се обидуваат со помош на Европа да нè бугаризираат, а исто така гледаме што се случува и во Албанија. Бугарите ги уценуваат и Албанците за влез во Европа, па тие не можат да го спречат делењето бугарски пасоши меѓу македонското малцинство во соседна Албанија. Тоа е дел од една заедничка бугарска стратегија, да се прикаже бугарско население и онаму каде што го нема – истакнува Чепреганов.

Интересна теза што професорот храбро но категорично ја изнесува е дека зад сето ова стои ЕУ и дека Бугарија умешно го користи тоа за да ги оствари сопствените хегемонистички цели.
– Ова е масло на ЕУ. Бугарите ја користат ЕУ како параван, со што сакаат да го постигнат она што не успеале да го постигнат на воено поле за овие сто и повеќе години од договорот во Сан Стефано. Исто како што за време на Втората светска војна, за да ја приграби Македонија, влезе во сојуз со нацифашистите, сега ја користи ЕУ повторно да ја приграби Македонија. Се гледа дека нема бугарско малцинство тука, но упорно ја туркаат таа теза и нема да отстапат од тоа. Ако се вршело притисок, како можат слободно да отвораат клубови со имиња на нацифашисти. Од една страна велат дека се под притисок, а од друга страна отвораат клубови со имиња на воени злосторници. Тука треба да се спротивстават нашите власти и аргументирано да излезат пред ЕУ и да кажат колку Бугари има тука, а не само да прифаќаат сè што ќе побара Софија – смета Чепреганов.

Малцинските права како параван за територијалните претензии

Повеќе од очигледно е дека најмалку од сè станува збор за задоволување нечии малцински права, туку суштината на сите заложби е остварување на сонот за санстефанска Бугарија, односно комплетирање на територијата од пред сто и нешто години. Затоа е и инсистирањето на историјата, да се избрише секаква трага за посебен македонски идентитет, а отворањето на културните клубови може да се протолкува и како омеѓување на територијата до Охрид, која и натаму останува во главите кај голем дел од бугарските водечки политичари.

Затоа и не треба воопшто да зачудува фактот што на oвие избори во Бугарија четврта политичка сила стана партијата Преродба, во чија програма е јасно наведено дека се залагаат за анексија на Македонија.

На нивната веб-страница има цело поглавје посветено на нивната политика за „обединување со Македонија“. Преродба, како што е наведено во нејзината програма, се бори за „целосна економска, културна и политичка интеграција со Македонија, до целосна интеграција на двете бугарски држави“.

Партии што отворено прокламираат експанзионистички цели и анектирање на туѓи територии треба да се надвор од изборниот процес или барем да се побара да ја усогласат програмата во согласност со бугарскиот устав пред да учествуваат на избори, оти, во спротивно, ако таа партија утре по некоја основа стане дел од извршната власт, лесно може да истапи со барање за реализирање на нејзината програма. Тоа значи дека некоја идна бугарска влада во која составен дел би била и партијата Преродба, утре би можела да побара анектирање делови на Македонија преку референдуми слични на оние што се одржаа во Украина.

Бугарија е членка на ЕУ и на НАТО, така што нејасно е како тамошните судови не реагирале на ваквите програмски заложби уште при регистрирањето на партијата. Уште позагрижувачки е што нема никаква реакција ниту од страна на ЕУ, која дозволува да се појавуваат вакви партии што прокламираат отворени територијални аспирации кон друга држава. Кога нема официјална реакција од Брисел, произлегува дека цела Европа стои зад тоа дека треба да се направи анексија врз Македонија и можеби тука треба да се бараат причините за инсистирањето на ЕУ земјава да ги почне пристапните преговори откако ќе ги исполни сите бугарски барања, колку и да ги има. И Русија пред десетина и повеќе години тврдеше дека има свои територии во Украина, но сега тие најави се реализираа во практика, со анектирањето делови од Украина во рамките на Руската Федерација. Бугарија може да го направи истото тоа и во Македонија, кога веќе отворено ги негира народот, јазикот и историјата. А партијата Преродба за кратко време, од маргинална партија, стана четврта политичка сила во Бугарија, така што нејзината политичка програма може многу лесно да стане бугарска владина програма во скоро време.
– Оваа партија Преродба сигурно ќе остане на своите определби дека Македонија ќе треба да се анектира од страна на Бугарија. Тој нивни сон не може да им се избие од глава, затоа што такво им е образованието. Сето тоа е резултат на нивното образование. Тие не можат да излезат од шемата дека оваа територија ѝ припаѓа на Бугарија. Тие се борат за територија, народот нив не ги интересира, едноставно велат само дека живеат Бугари на оваа територија, а гледаат колку се изјаснуваат така на изборите. И упорно ќе одат со тоа дека се прави репресија врз бугарското малцинство во Македонија – појаснува Чепреганов.

Тој смета дека македонските власти премногу дозволуваат и не реагираат буквално на ниту една провокација што доаѓа од Бугарија, само за да не ги навредат Бугарите.
– Ова што го има во својата програма партијата Преродба е остварување на нивната цел. Сега им се укажа фантастична шанса со евроинтеграциите и со ЕУ, која стои зад нив, Бугарија да го оствари вековниот сон. Па, погледнете Брисел со прст не мрднува за она што се случува и во Албанија, каде што се измислува бугарско малцинство. Според мене, најголемата вина за ова што се случува е прво кај нашите власти, а потоа и кај ЕУ. Сè се прави под закрила на Унијата. На патот кон Европа ќе загубиме сè што сме стекнале – заклучува професорот Чепреганов.