Пораки и одгласи од одбележувањето на Илинден
На вчерашното одбележување на големиот македонски национален празник Илинден беа испратени голем број пораки и честитки од политичари, партии, дијаспората, невладини организации, професори и од стручната јавност до македонските граѓани, кои и меѓусебно на социјалните мрежи си го честитаа и го славеа големиот празник. Во продолжение издвојуваме дел од пораките и одгласите во јавноста по повод Илинден
Пендаровски: Младите беа двигатели на двата Илиндена, но денес се загрозено малцинство
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце повика на сплотување и надминување на разликите оти ќе ги губиме младите.
– Со сегашното темпо на иселување постои реална опасност многу бргу да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање. Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот тој не се забави со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа што во моментов ја антиципираме – истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека се потребни европски реформи, кои ќе помогнат да го оствариме виталниот национален интерес, да ги мотивираме младите да останат во државава, бидејќи, како што рече, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена, клучни за трансформациите во државата, но денес се загрозено малцинство.
Зборувајќи за причините за иселувањето, Пендаровски рече дека младите заминуваат во туѓина, бидејќи се отуѓени во државата. Од независноста наваму, младите, како што рече, се пасивни приматели на политиките, нивната енергија се користи за теснопартиски цели, тие не веруваат дека со труд може да напредуваат, туку со партиски книшки, роднински врски, етничка припадност наместо знаење и квалитет.
– Со тоа се отвора широка врата за корупцијата, а секоја коруптивна трансакција на пари и моќ воспоставува двојни стандарди, ја поништува еднаквоста пред законите, ја руши довербата во институциите и, конечно, ја обезвреднува државата. Како најголем генератор на неправда и нееднаквост, корупцијата е една од главните причини за масовното иселување на младите. Иселувањето не е ништо друго, освен конечен протест на младите генерации – истакна Пендаровски.
Претседателот додаде дека од АСНОМ, па до денес, се потврдува дека е тешко да се дојде до слободна држава, уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество, кое е обврска на сите генерации.
Затоа, како што нагласи, потребни се европски реформи, најбрз и најсигурен начин за суштински реформи, без, како што рече, бирократски импровизации и партиски и бизнис-махинации со преговорите за членство во Европската Унија. Според него, интеграцијата ќе ја трансформира секоја општествена сфера, ќе овозможи градење функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем како предуслов за економски раст и одржлив развој. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е да ги мотивираме младите да останат во државава и да се вклучат во изградбата на европска Македонија, нагласи претседателот.
– Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Тој не се залагал само за слобода на македонската земја туку за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена – рече Пендаровски.
Говорејќи за младите востаници, илинденци, асномците, тој рече дека историските извори сведочат дека младите се оние што ја создадоа државата, се бореа за неа, предводеа револуции, демонстрации и дека поради борбата на млади антифашисти денес имаме држава.
Ковачевски: Да се свртиме кон аманетот на илинденците и
асномците
Премиерот Димитар Ковачевски во својот говор на манифестацијата на тврдината Кале во Скопје истакна дека Македонија е успешна мултиетничка приказна, која ѝ е еднакво потребна на Европа, како што Европа ни е потребна нам.
Премиерот рече дека длабоките демократски принципи на кои се засновала Крушевската Република, изразени во крушевскиот Манифест, кој прокламира еднаквост, не случајно денеска се темелите на современата Република Северна Македонија.
Тој нагласи дека одлучноста и обединувачкиот дух на Илинден 1903 и на АСНОМ 1944, но и цврстата верба, истрајноста и упорноста со кои е создадено огништето на нашата татковина, денес се нашиот патоказ кон иднината!
– Заложбите за автономна држава, што започнале со создавањето на Крушевската Република, ги реализирале хероите во Народноослободителната борба. Со Илинденското востание во 1903 година е кренат гласот за слобода и правдини. Но со НОБ и Првото заседание на АСНОМ во 1944-та, македонскиот народ ја извојува својата национална слобода и создава сопствена држава, со службен македонски јазик. Ова покажува колку е важна свеста за постоењето на стратегиската цел и колку е важен континуитетот за нејзиното постигнување – рече Ковачевски.
Тој истакна дека илинденците и асномците знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки нѐ обврзуваат да одиме напред, одлучно и храбро.
– Порано битките биле на бојно поле. Денес, тоа е дипломатското поле. И денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот што ни го имаат оставено илинденците и асномците – порача Ковачевски.
Џафери: Заедништвото нема цена
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, од манифестација на Мечкин Камен во Крушево порача дека европската идеја од пред 120 години од крушевскиот Манифест за слобода, обединување и просперитет е веќе на дофат.
Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек, кој нѐ не води никаде, е избор што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси – порача Џафери.
Како што потенцира, ова не се времиња за наивни надмудрувања што ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече.
Според него, имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, а заедништвото нема цена.
Мицкоски: Борбата за Македонија никогаш нема да престане
Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во пораката од Мечкин Камен нагласи дека Илинден е темел на Македонија, тие се бореа за слобода, денешната борба е за достоинство и единство.
– Илинден за сите нас претставува темел на нашиот идентитет, борба за државност. Ден за кој многу наши браќа и сестри во минатото го положиле својот живот, ја дале својата крв за да можеме ние денеска слободно да живееме во независна држава Македонија. И овој ден Илинден претставува водилка како треба да живееме и како треба да ја чуваме нашата држава Македонија во иднина. А само тоа место Мечки Камен одекнува и денеска, има големо и силно значење и денеска, затоа што во една нерамноправна борба четата на војводата Питу Гули борејќи се со повеќеброен аскер го положи својот живот, даде жртва за слободата што ние денеска ја живееме – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека и денес македонскиот народ, граѓаните во Македонија покажуваат пркос и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина.
– Само единствени ќе дојдеме до посакуваната цел, а тоа е Македонија што ќе биде просперитетна, Македонија мајка на сите граѓани, развиена, европска земја – истакна Мицкоски.
Тој претходно нагласи дека Илинден е најсветлиот македонски ден. Илинден е симболот на македонската борба за слобода. Илинден е македонскиот темелник на државноста. Македонија и Илинден се две испреплетени нишки, кои го означуваат идентитетот на секој Македонец.
– Пред 120 години воден од идеалот за слобода, народот во Македонија ја започна епопејата, го посеа семето на непокорот и тоа беше крунисано со Првото заседание на АСНОМ и создавањето на македонската држава. И двата Илиндена, и тој во 1903 и тој во 1944 година, беа меѓниците во македонската историја, кои оставија неизбришлива трага во колективната меморија на Македонија. Илинден беше и ѕвездата водилка и на сите оние што ја сонуваа и ја изборија македонската независност на 8 Септември, но ќе им останат и ѕвезда водилка и на сите идни генерации што ќе се борат за Македонија. Борбата за Македонија никогаш нема да престане. Таа е вечна исто како што е вечна идејата да изградиме татковина што е своја на своето, која е еднаква со сите под ова сонце и која ќе биде напредна и просперитетна. Тоа битисувало и во двата Илиндена, тоа битисува и денес – порача Мицкоски.
Левица: Вечна слава на Илинден и АСНОМ!
Во честитката на партијата Левица се вели дека вековниот стремеж и безрезервната борба на македонскиот народ за своја држава се издигнале над материјалните околности, кои ги потиснувале низ двата Илиндена – оној во 1903 година и во 1944 година.
На првиот Илинден преку востание е трасиран патот што ќе доведе до тоа на вториот Илинден преку народна револуција македонскиот народ меѓународно да се етаблира како еднаков со сите светски народи и со ексклузивно право да ја избира сопствената судбина во сопствена држава. Денес, на 120 години од Илинденското востание,и 79 години од Првото заседание на АСНОМ, низ историски ревизионизам се извртуваат вистините за овие историски настани, минимизирајќи ги жртвите на генерациите на македонски револуционери, кои положувајќи ги своите животи го ’ртат никулецот на слободата на Македонија!
Како и претходно, така и сега, поривот за слобода, кој е содржан во националната свест на Македонците, неминовно ќе се ослободи од оковите на денешницата во кои пробуваат да ја поробат домашните предавници и великодржавните апетити наспроти Република Македонија. Вечна слава на Илинден и АСНОМ – се вели во пораката на Левица.
МОЌНИ ПОРАКИ ОД СЕМАКЕДОНСКАТА СРЕДБА ВО ТРНОВО
Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема
Втори август е национален празник на Македонија и Македонците и затоа отфрламе нова политичка историја за Македонија и Македонците.
Илинденското востание било, е и ќе остане македонско востание и ништо друго. Отсекогаш и засекогаш. Гоце Делчев бил и ќе остане Македонец и само Македонец и ништо друго.
Затоа отфрламе какво било заедничко македонско-бугарско чествување на Илинден. Ова беше главната порака што беше испратена на 52. Семакедонска средба, која се одржа во дворот на македонскиот православен храм „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново. Од средбата, на која присуствуваа неколку илјади иселеници од соседните и од прекуокенаските земји, беше испратена порака и за семакедонско помирување и обединување.
– Од овде, од ова свето место, Трново, повикуваме на семакедонско помирување и обединување. И покрај сите разлики помеѓу нас Македонците по род, по државјанство од сите делови на Македонија во светот, во татковината само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител. Само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател.
Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема – рече претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, на Семакедонската средба во Трново, која се одржа во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Битола, Светскиот македонски конгрес и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија Македон.
На средбата свое обраќање имаше и претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески, кој во своето обраќање до присутните рече дека ние денешните генерации Македонци го носиме аманетот за зачувување на името, јазикот културата и историјата на македонскиот народ.
Затоа ги повикуваме власта и опозицијата да се обединат во одбрана на националните и државните интереси на Македонија, рече Иван Џо Петровски.
Од Семакедонската средба во Трново беше побарано безусловно еднострано раскинување на договорите со Атина и Софија и безусловно распуштање на комисиите на Грција и Бугарија за ревизија на македонската историја.
– Посакуваме договори за траен мир и добрососедство со сите соседни држави и нудиме македонско помирување со сите соседни народи, но врз меѓународниот принцип на суверена еднаквост – беше речено на Семакедонската средба во потпелистерското село Трново. М.М.
Демократски сојуз: И натаму одекнува повикот на илинденците за слободна Македонија
Во честитката на Демократскиот сојуз се вели дека на овој ден, Македонците, но и сите други, без разлика на верска и национална припадност, се дигнале на востание за независна Македонија. Илинденците, со борбата за слободна и демократска Македонија, ги удрија темелите на денешната современа и независна Македонија.
Многубројните револуционери, борци и партизани, кои ги положија животите за Македонија, нѐ обврзуваат да ја градиме и чуваме Македонија за идните генерации.
Само со единство, сплотеност и мудрост можеме да се справиме со предизвиците и да отвораме перспективи за младите.
И натаму одекнува повикот на илинденците за борба, за слободна Македонија!
Да се вечни ИЛИНДЕН и МАКЕДОНИЈА!, гласи пораката што ја упати Демократскиот сојуз по повод празникот.
Подготви: Екипа на „Нова Македонија“