Алергискиот ринитис претставува хронично воспаление на носната лигавица, кое се манифестира со бистра назална секреција, назална конгестија (затнат нос), кивање, чешање на носот.
Алергиските болести се во постојан пораст, особено во развиените земји. Се смета дека секој втор жител на Европа има алергиска манифестација, најчесто (20-40 отсто) тоа е алергиски ринитис. Загадувањето на воздухот доведува до манифестирање на алергиската конституција на пациентите, која е наследна.
– Астма постои кај 25-35 отсто од пациентите со алергиски ринитис
– Алергичен ринитис постои кај 80 отсто од пациентите со астма
Патофизиологија: Проинфламаторните супстанции произведени од воспалителните клетки се создаваат по изложеност на антигенот, меѓу кои најистакнати се еозинофилните производи и цитокини. Цитокините се смета дека се генерирани делумно од лимфоцитите, кои се наоѓаат во нормална или стимулирана слузница. Мастоцитите имаат важна улога во депонирањето и ослободувањето на цитокините. При развивање алергиска реакција, ТХ2 лимфоцитите со помош на своите интерлеукини ги поттикнуваат Б-лимфоцитите на синтеза на ИгЕ, кои се врзуваат за мастоцитите и ги активираат.
Класификација на алергиски ринитис
– сезонски (полен, бреза, растенија, дрва)
– целогодишни (домашна прашина, животински влака, лебарки, мувла)
Клиничка слика: Иложеноста на алергени предизвикува појава на чешање на носот, а наскоро после тоа следува и кивање. Почнува ринореа и во рок од 15 минути се постигнува назалана конгестија – затнат нос. Покрај носните симптоми, пациентите се жалат и на окуларен пруритус, фарингеално чешање, солзење, кашлица и пуцкетање во увото. Други чести симптоми се постназална секреција, зголемена лакримација, сува кашлица, црвени очи, главоболка во проекција на ПНС, губење на мирисот.
Дијагнозата се поставува врз основа на детална анамнеза, предна риноскопија-ливидна слузница и бистар стаклест секрет, фиберендоскопија, кожни тестови, испитување на ИгЕ во крвта, назален цитолошки преглед.
Терапија
Избегнување на алергените на кои пациентот е чувствителен ги елиминира симптомите на болеста, кај сезонските алергии со ограничување на физичката активност во раните утрински часови и навечер кога поленот го достигнува врвот, отстранување теписи, завеси и користење хипоалергени материјали во домот.
Антихистаминска терапија како пер ос терапија е прв лек на избор, кај пациенти со поизразени симптоми се вклучува и топичен кортикостероиден спреј за нос. Новата генерација на антихистаминска терапија скоро да нема несакани дејства и не предизвикува сомнолентност.
– Типичните деконгестиви се користат ограничено, бидејќи може да доведат до медикаментозен ринит.
– Терапија со леукотриени.
– Имунотерапија.
Д-р Николина Златева