Фото: Архива

Охридскиот пливачки маратон е традиционална спортска, оригинерна македонска, светски позната манифестација по која и Македонија е препознатлива во пошироки рамки. Токму оваа манифестација од областа на спортот, меѓу неколку други традиционални настани од други области, претставува клучна алка во веригата на традиционални настани во нашата земја што ја промовираат и афирмираат Македонија низ светот

Одржувањето на традиционалниот, надалеку познат Охридски пливачки маратон, годинава беше проблематизирано и за момент доведено во прашање, поради, како што првично беше соопштено, „блокираната сметка на федерацијата и немањето пари“!?
А станува збор за традиционална спортска, оригинерна македонска, светски позната манифестација по која и Македонија е препознатлива во пошироки рамки. Токму оваа манифестација од областа на спортот, меѓу неколку други традиционални настани од други области, претставува клучна алка во веригата на традиционални настани во нашата земја што ја промовираат и афирмираат Македонија низ светот. Оттаму контроверзните информации за неодржување на манифестација, а со тоа и прекинување на традицијата, наидоа на широк одглас во јавноста. Голем број граѓани, не само љубители на пливањето и маратонот, сметаат дека оваа манифестација не е само пливачка или спортска, туку има длабоки референции во македонската традиција, историја, идентитет… Значителен број граѓани, јавувајќи се во редакцијата, беа единствени во ставот и пораката дека не треба да се дозволи да се скинат врските што нѐ поврзуваат со минатото, бидејќи токму сега ни се заканува најголемата опасност да исчезнеме.

Кој тоа не го препознава пливачкиот маратон како настан од висока спортско-национална вредност?

– Штета е што се случуваат вакви работи со маратонот во Охрид. А станува збор за една од најдобрите и најпознати спортски манифестации во Македонија. Но факт е и дека повеќе години маратонот оди по надолна линија, градот Охрид, па државата како да креваат раце од него. Пливачите дури не ги добија наградите за последните неколку трки… Но тоа не е најбитно во моментов, туку суштински е што постои игнорирање на една ваква македонска спортска традиција, признаена во светски рамки. И тоа ние самите ја игнорираме! Самите се девалвираме, не само како организатори туку и како систем, како држава и како и државни институции, кои не ја препознаваат суштината дека ова е високонационален настан, со неверојатна традиционална вредност, со која ние Македонците сме препознаени и признаени во целиот свет – вели прославениот македонски маратонец Томи Стефановски.
Што и да се случи со годинашниот, но и со идните охридски маратони, останува горкото чувство дека повеќедецениските традиционални спортски манифестации со кои се гордеела Македонија полека ги снемува, изумираат. Причини има повеќе, организациски, финансиски, но најмногу поради некомпетентноста на луѓето во сите структури во државата, кои би требало да ги негуваат. Наместо да се зачуваат и да се подобруваат, тие се укинуваат, се крати нишката на македонската спортска традиција, па и на изворниот спортски идентитет. Изговорите се дека нема пари, но тоа оправдување не „држи вода“ бидејќи секојдневно сме сведоци дека пари се трошат за разно-разни небулозни работи, а за маратонот нема 30.000 евра!

Маратонот се одржува шеесет години и е многу битен за афирмацијата на Охрид и на Македонија во целина

– Се надевам дека ќе се најде некакво решение. Станува збор за врвна манифестација, маратонот се одржува од 1962 година и е многу битен за афирмацијата на Охрид и на Македонија во целина. Тука доаѓаа маратонци од целиот свет и туристи, кои се запознаваа со убавините и со културно-историските знаменитости на Охрид. За жал, маратонот, како и неколку други спортски манифестации во Македонија, последниве години само формално се одржува. Тие се многу битни за секоја земја, уште повеќе за Македонија, за нејзиното име, идентитет, јазик, традиција и треба да се негуваат. Пари можеби нема доволно, но и тие што ги има се трошат за непотребни нешта – вели Зоран Михајлов, истакнат македонски новинар и долгогодишен спортски работник.
Во врска со (не)одржувањето на Охридскиот маратон се огласи и поранешниот претседател на Пливачката федерација на Македонија, Александар Маленко. Тој, меѓу другото, ги потенцира некомпетентноста, незнаењето и незаинтересираноста на некомпетентни политичари и политички чиновници.
– Од 2018 година до 2021 година беа организирани три меѓународни традиционални Охридски пливачки маратони во ФИНА светска серија – 25 км (2018, 2019, 2021г.), како и Олимписка дисциплина ФИНА – светска серија и ЛЕН европски куп (2018, 2019, 2021г.) и ФИНА суперфинале 2021 година – 10 километри. За волја на вистината, еден денар – ЕДЕН ДЕНАР, ДОЛАР, ЕВРО НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ ниту од ДРЖАВА ниту од генерален покровител – претседателот на државата за 2018, 2019, 2021 година на Пливачката федерација (носител на лиценцата за организација), а добиени се највисоки награди во историјата на олимпискиот спорт и Македонија за техничка организација од ФИНА – девет плакети и Лен – три плакети на техничкиот организатор Пливачка федерација и нејзиното раководство за периодот 2018-2021 година!!! – истакнува Маленко.

Може ли да земеме пример од други држави што ги негуваат своите традиции
и го чуваат својот идентитет

Охридскиот маратон, за жал, не е осамен во игнорирањето на државата. Повеќе го нема Шарпланинскиот куп во алпско скијање, најстарата ваква манифестација во Македонија и на Балканот, чие прво издание беше во 1947-та, а последното во 2013 година. Годинава не се одржа ниту Мавровскиот меморијал во скијачко трчање и, како што стојат работите, којзнае дали ќе се обнови. Шаховскиот турнир „Карпош опен“ веќе не се одржува со години. Боксерскиот „Златен гонг“, боречкиот „Македонски бисер“ и кајакарскиот ИКАС, некогаш врвни манифестации, сега се организираат колку да „мине редот“. Со нивното згаснување, Македонија многу губи, како на спортски така и на идентитетски и национален план, оти токму на ваквите манифестации странците се запознавале со македонската држава, нејзиниот јазик, култура, со историјата…
Без меѓународни спортски манифестации, со нивно кратење и миноризирање, ќе ја снема Македонија од спортските мапи, како што полека, за жал, го снемува и националниот идентитет.
Како за споредба, многу други земји не само што ја негуваат и ја одржуваат спортската традиција туку и ја подобруваат во секој сегмент. Франција се гордее со Тур де Франс, кој постои од 1903-та, Италија со Џиро д’Италија, Англија со фудбалот, кој тие го „измислиле“. На Американците не им паѓа на памет да не се трча маратонот во Бостон и покрај инцидентот со бомбата кога загинаа и беа повредени повеќе луѓе… Л.Д.