Има повеќе причини за повторно да пишувам за оваа актуелна тема. Платите сѐ повеќе се зголемуваат, што е добро, но не треба пензиите да стагнираат. Како што е познато, Собранието на РСМ донесе одлука од септември годинава платите во администрацијата да се зголемат за 5 отсто. Според договорот на социјалните партнери, минималната плата од декември ќе биде зголемена за 2.000 денари и ќе изнесува 14.500 денари. Тоа се очекува да предизвика и нормално спирално покачување на другите плати во државата. Радува фактот што на тој начин ќе се подобри стандардот на работниците и ќе се намали сиромаштијата.
Секако, ќе се покачи и просечната плата, која на годишно ниво лани беше зголемена за 5,6 проценти. Годинава тој процент сигурно ќе биде поголем, но од тоа пензионерите нема да добијат ниту еден денар, доколку остане во сила, според мене, неповолниот Закон за усогласување пензии. Според овој закон, кој се применува од почетокот на годинава, пензиите се усогласуваат од 1 јануари и од 1 јули само со порастот на индексот на трошоците на живот. Кога се предложи законот, како тогашен претседател на СЗПМ навремено аргументирано реагирав, бидејќи однапред се знаеше дека нема да биде поволен за пензионерите, затоа што истовремено се планираше Македонија да има стабилна инфлација и таа се движи од 0,3 до 1 отсто. Според тоа, во јануари пензиите се усогласија со 0,7 отсто, а во јули со 0,4 отсто. Овој пат минималната пензија беше зголемена само за 30 денари, просечната за 58 денари и највисоката од 150 до 200 денари, што придонесе за зголемената сиромаштија кај пензионерите. На овој начин тоа ќе биде најмало зголемување на пензиите за последните 15 години. Сегашната динамика на инфлацијата укажува дека и на 1 јануари 2020 година пензиите ќе бидат усогласени со низок процент. За да не се случи тоа до крајот на годинава, законодавниот дом треба да усвои измени во формулата за пресметување на пензиите покрај порастот на индексот на животните трошоци да се врати и зголемување од растот на платите. Заради одржување на реалната вредност на пензиите, тоа го бара и новото раководство на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. И според нив ваквото предложено системско решение ќе овозможи избалансираност на овие два параметри и поправилно усогласување на пензиите. Македонската влада за идната година најавува и менување на методологијата за зголемување на пензиите. Што може да се очекува од тоа, ќе покаже времето, бидејќи предвремени парламентарни избори се закажани за 12 април 2020 година, а Собранието се предлага да биде распуштено на 11 февруари. Техничка влада со технички премиер треба да се избере до 3 јануари во новата година. Но не се знае што ќе се случи доколку има одложување на изборите?
Во нашата земја старосна граница за одење во пензија е 62 години за жени и 64 години за мажи, со работен стаж од најмалку 15 години. Годинава се евидентирани 319.680 пензионери, од кои старосна пензија примаат околу 207.900, семејна 75.700, инвалидска 34.700, земјоделска 170 и воена 1.210. Каков е стандардот на пензионерите може најдобро да се согледа од извештајот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, во кој се констатира дека околу 200.000 корисници имаат пензија до просечната од 14.553 денари, а половина од нив, околу 100.000, се со минимална пензија до 8.700 денари. Помала од минималната пензија примаат околу 24.000 пензионери. Земјоделската пензија изнесува околу 7.800 денари, а државната социјална 6.000 денари. Треба да се има предвид дека во групата во која се пензионерите со максимални примања од 37.700 до 49.500 денари има вкупно само околу 2.000 корисници. Во целина, пензиите во нашата држава се незадоволителни, особено за оние од ранлива категорија што примаат минимална пензија, кои од ден на ден се на граница на преживување. Најчесто им недостигаат средства за лекови и за намирување на комуналните давачки, а не може да стане збор за купување што било друго. Сето тоа создава и појава на депресивно однесување кај оваа многубројна популација. Со оглед на тоа што нашата држава со устав гарантира социјална сигурност поради вака ниските пензии, се налага потребата и од вонредно зголемување на пензиите, како што деновиве се случи кај нашиот северен сосед Србија.
Европските стандарди и препораки укажуваат дека нашата држава треба многу повеќе да се грижи за пензионерската проблематика. Податоците на Заводот за статистика на Европската Унија покажуваат дека една од најниски стапки на невработеност во земјите на ЕУ има Чешка, со само 1,9 отсто, додека највисоки се забележани во Грција, од 17,2 отсто, и во Шпанија, 13,9 отсто. Кај нас тој процент е уште поголем, околу 20 отсто. И не само тоа. Според европските препораки, соодносот помеѓу максималната и минималната пензија не треба да биде поголем од пет пати, а кај нас е над шест. Во Македонија соодносот вработен – пензионер изнесува околу 2 спрема 1. Значи, на секои двајца вработени има еден пензионер што не е во согласност со европските стандарди и препораки. И уште една паралела. Како мерило за вредноста на пензијата се зема соодносот на висината на просечната плата со просечната пензија, кој сега изнесува околу 55 отсто, а според европските стручњаци тој сооднос ако е под 60 отсто води кон сиромаштија.
Овој проблем сериозно треба да го разгледа нашиот парламент, во кој за пензионерската проблематика најмногу е експониран пратеникот од Партијата на пензионерите, Илија Николовски (71 година). Иако имаше висока генералска пензија, кога стана пратеник тој се определи за пратеничка плата, која е поголема и изнесува околу десет минимални пензии.
Новото раководство на СЗПМ забележително соработува со овој пратеник, кој е чест гостин на пензионерските средби. Симптоматично и чудно е зошто не се соработува и со другите пратеници што ги исполнуваат условите за одење во пензија, меѓу кои има и истакнати членови на парламентот. Еве неколку од нив: Бранко Маноиловски (78 години) од ДУИ, независниот пратеник Ферид Мухиќ (76), Стојан Миланов (71) и Владанка Авировиќ (65) од СПМ, Чедомир Саздовски (67) и Ќулумсер Касапи (67) од СДСМ, Сами Ибраимовски (65) од ПЦЕР, Неџбедин Каремани (65) од Алтернатива и Љиљана Поповска (63) од ДОМ.
Со оглед на значењето на проблемот со стагнација на пензиите, сметам дека е потребно сите политички партии во нашата држава, како и невладини граѓански организации, во духот на европските практики да се заложат за подобрување на стандардот кај пензионерите на достоинствено ниво, бидејќи тие го заслужуваат тоа. Добро е што на тоа укажува и Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој е најмасовна пензионерска асоцијација во земјата.
(Авторот е новинар, публицист експерт за третата доба)