Науката кажува дека ова благодатно овошје потекнува од Средна Азија. Легендата вели, а науката не демантира, дека Александар Македонски (ако не е сега забрането тоа именување), односно Александар Велики, во својот поход во Индија, барајќи ја водата што дава бесмртен живот, наместо вода, нашол јаболка што животот на тамошните свештеници им го продолжувале до 400 години. Александар е кралот што садниците што ги нашол во Персија и Индија прво ги пратил во Македонија. Од почвата на Македонија (не е утврдено дали грчка или Северна), јаболковите дрвја се рашириле најпрво во Европа, а потоа во Америка и во Австралија. Со малку политичка храброст и со скромна доза национална гордост, може да се заклучи дека без Македонија, западниот свет ќе останел без јаболка
Преспанските овоштари се во голема неволја – не се продаваат јаболката. Оние што се продаваат имаат рекордно ниска цена. Според извори од теренот, на северномакедонска јужна Преспа ѝ се заканува еколошка катастрофа, доколку не се најде решение за пласманот на 50 илјади тони јаболка што ќе изгнијат по магацините и ќе се фрлат во реките и во Преспанско Езеро. Во неколку наврати го блокираа патот Ресен – Битола, протестираа барајќи спас од Владата, како во врска со пласманот, така и за исплата на ветените субвенции. Тие се среќни што Македонија влезе во НАТО, несреќни се што не можат да го продадат родот и да заработат пари. Не бараат спас од НАТО, но се надеваат дека еден ден и него ќе го совладаат како пазар, иако го паметат од бомбардирањето на Србија кога неговите авиони на враќање испуштаа непознати предмети во езерото.
Најпрво неколку чисти, реални, помалку познати податоци за јаболката. Најголем светски производител на јаболка е Кина. Годишното производство во оваа земја за нешто повеќе од две години се зголемило за 8,5 пати. Во групата поголеми производители (со над милион тони) спаѓаат: Соединетите Американски Држави, Турција, Франција, Иран, Италија, Полска, Русија, Германија, Индија, Чиле и Аргентина. Светска конкуренција што преспанци не може да ја следат ниту по цена, ниту по род, квалитет, особено не по сорти. Според поранешни податоци, Република Македонија со своето производство го зазема 52-то место во светот, со просечни реколти од 70 до 100 илјади тони. Јаболкото е водечка овошна култура на полињата во Македонија. Во вкупното производство на овошје, јаболкото зазема над 50 отсто, а Голема (македонска) Преспа учествува речиси со 90 отсто.
Ако на јаболкото не му се дава големо значење во македонската економско-политичка реалност, ниту е многу присутно во македонската митологија, него со милениуми го има во светските легенди како важен и влијателен материјален и духовен фактор во настаните и во развојот на светот и неговиот цивилизациски напредок. Од него и за него се создадени изреки што траат со милениуми, кои со два-три збора објаснуваат цела животна историја.
Според Библијата, јаболкото е причина луѓето да не живеат во вечен рај, како што живееле првите двајца луѓе од постанокот на светот. Имено, откако Ева, жената на Адам, каснала од забранетото јаболко на сознанието, Господ ги набркал од рајските градини. За казна, од бесмртни ги направил смртни, а најверојатно тогаш решил да има богати и сиромашни, некои да живеат во рајот, а на некои животот да им биде пекол. Оттогаш јаболкото стана симбол на првиот човечки престап, на првиот направен грев и своевидно предупредување до луѓето да не се чепка во забрането овошје, зашто може да има тешки последици. Во истата старозаветна книга во „Песна над песните“, јаболкото се препорачува како душевен лек за жените: „Освежете ме со јаболка зашто сум болна од љубов, зашто љубовта е силна како смрт, љубомората – лута како пекол“, кажува еден стих од песната.
Во грчката митологија јаболкото е назначено како сериозен повод за почнување на Тројанската војна. Легендата кажува дека Ерида, божицата на кавгата, не била викната на свадбата на Пелеј и Тетида од причина што каде и да се појавувала, ширела лажни вести и озборувања, предизвикувала жестоки караници, а домаќините се плашеле од таков можен испад. Навредена смислила план како да им се одмазди. Отишла неповикана на веселбата и пред нозете на божиците Хера, Атена и Афродита ставила златно јаболко на кое пишувало „За најубавата“. За тоа која е најубава требало да реши убавиот и паметен Парис, син на кралот на Троја. Ја одбрал Афродита, божицата на убавината и љубовта, која го наговорила да се ожени со најубавата жена на светот, Елена од Спарта, жена на кралот Менелај. Парис насилно ја грабнал Елена, а налутените и навредени Хера и Атена го осмислиле пеколниот план за одмазда. Со разни подметнувања и наговори ја предизвикале десетгодишната Тројанска војна, која завршила со целосно разурнување на Троја. Од тој настан, од тоа време, потекнува фразата „јаболко на раздорот“, фраза што до денес означува причина или повод за кавга, нешто што ќе трае сѐ додека меѓу луѓето и народите живеат љубовта и омразата.
Науката кажува дека ова благодатно овошје потекнува од Средна Азија. Легендата вели, а науката не демантира, дека Александар Македонски (ако не е забрането тоа именување), односно Александар Велики во својот поход во Индија, барајќи ја водата што дава бесмртен живот, наместо вода, нашол јаболка што животот на тамошните свештеници им го продолжувале до 400 години. Александар е кралот што садниците јаболка што ги нашол во Персија и во Индија прво ги испратил во Македонија. Од почвата на Македонија (не е утврдено дали грчка или Северна) јаболковите дрвја се рашириле најпрво во Европа, а потоа во Америка и во Австралија. Со малку политичка храброст и со скромна доза национална гордост, може да се заклучи дека без Македонија, западниот свет ќе останел без јаболка.
Од многу подоцна е позната легендата за швајцарскиот јунак Вилијам Тел, кој живеел на почетокот на 14 век. Тел одбил покорност на хабсбуршкиот властодржец и за казна бил натеран да го погоди јаболкото ставено на главата на својот син. Иако сите мислеле дека ќе промаши и ќе настрада синот, Тел со првата стрела го погодил јаболкото, а со втората го застрелал тиранинот. Со тоа, наводно, започнал бунтот на Швајцарците и основањето на нивната држава. Поучени од таквиот пример, Швајцарците решиле да бидат меѓу најмирните но најбогати граѓани на Европа, без да се мешаат во работата на другите народи. Јаболкото ја има главната улога и во легендата за Земјината тежа, односно за гравитацијата. Таа кажува дека славниот физичар, математичар и филозоф Исак Њутн, дремејќи под една јаболкница во своето родно село, се разбудил од дремката откако врз неговата глава паднало јаболко.
Наводно, на тој начин Њутн го открил законот за гравитацијата, односно ги дефинирал основните поими на физиката, како што се маса, сила, движење, време, простор, инерција, најголемото научно откритие во новиот век. Тој го открил законот дека секаде каде што има акција мора да има и реакција, а, просто речено, ја открил и човековата животна судбина. Заклучил дека сѐ што е горе еден ден, сакало-нејќело, ќе падне долу, а не може сѐ што е долу да се искачи горе, мора нешто да го влече надолу.
И Њујорк, најголемиот град на светот, е поврзан со јаболкото, неговиот прекар е Големото Јаболко. Прекарот си бил од постар датум, произлегол од некоја мрачна песна за градот, но е верификуван во седумдесеттите години од минатиот век, како засилување на маркетингот и туристичката привлечност за поправање на сликата за градот што се одликувал со сите видови криминал. Конечно, јаболкото учествува и во најголемата повоена техничко-технолошка револуција во светот, револуција преку која се скокнати децении, можеби векови, рамна на онаа на Њутн или уште поголема од неговата. Станува збор за „Епл“, американската мултинационална корпорација од Силиконската долина во Калифорнија, која направи историски чекори во светот на електрониката, компјутерскиот софтвер, хардверските производи, персоналните компјутери, плеери, телефони и други технички помагала. Не треба да се докажува дека логото на компанијата со одгризаното јаболко втиснато на сите производи стана симбол за остварување на невозможното, за напредок и квалитет во светот.
Ете, тоа би биле главните легенди и вистини за јаболкото како плод, а помалку за јаболковото дрво како дрво на распознавањето на доброто и злото, уште помалку за неговите нутритивни и здравствени предности. Преспанските овоштари не мора да ги знаат легендите, ама ги знаат маките што ги имаат со производството и пласманот. Кога задоволни од родот, кога незадоволни, тие знаат една вистина. Знаат дека едно скапано јаболко во сандакот, за кратко време ги скапува сите околу. Со таа порака бараат помош од владата на својата држава, за да не се множат многу скапаници што би го поништиле целиот вложен труд. И нивниот и на Владата.