Ако Шпенглер ја посматра цивилизацијата од аспект на строго затворен културолошки систем на големите стилови на културата, стилови-епохи, францускиот антрополог Луј-Вансен Тома неа ја анализира повеќе од нејзиниот варварски аспект.
Културата тука е само да го потврди тоа варварство. Во своето капитално дело со карактеристичен наслов на таа тема „Антропологија на смртта“ тој, правејќи излети до магиската култура и од неа наваму до модерната, пред сѐ својата истражувачка сонда ја насочува кон деструктивната енергија на западната картезијанска либералкапиталистичка цивилизација.
Таа што и историски погледнато е ненадмината во својот агресивен нарцизам и на која ние луѓето од миноризираниот од неа Балкан, доброволно или под софистицирана принуда толку многу ѝ се восхитуваме туркајќи се во нејзината аморална бриселска прегратка. Таа денес длабоко вкопана во својот профитерски материјализам, затемелен на макијавелистичкиот принцип целта ги оправдува средствата, има прецизно разработена стратегија за планетарна експлоатација на послабите и сиромашните. Нејзиниот добро познат колонијализам под демократска маска да ги цивилизира нецивилизираните од Африка и Јужна Америка до Балканот.
Но по потреба се активираат, посебно кај Американците, и бомбардерите во таа цел. Комбинирано.
Впрочем, драг читателу, да не речеш дека сум (иако сум од оправдани причини) премногу субјективен кон таа горда цивилизација втемелена во француското просветителство за кое монструозната направа на месје Гилјотен исече илјадници глави, сега ќе се потпреме во нејзиното цивилизациско расветлување, колку што дозволува просторот, на некои согледби во таа смисла на Л.В. Тома изнесени во неговата книга „Антропологија на смртта“. Тој, нели, не е homo balcanikus презрен од Европа, и посебно не е Македонец со отворена од европскиот цивилизациски скалпел рана за да не им веруваме на неговите аналитички согледби, на неговата жестока вивисекција на западната цивилизација. Цивилизацијата чија антицивилизациска деструкција и антихуманизам кон некои други народи има елементи и на садизам.
Кога ќе ги спознаеме нив и нема воопшто да се чудиме што, на пример, Маркиз де Сад е, имено нејзин производ. Тој, таков, како едно од нејзините комплементарни огледала не можел ниту да се роди ниту да ѝ припаѓа на која било друга цивилизација. Посебно не на источната.
In medias res, Л.В. Тома во своето дело длабински ги анализира ариевската психа и психологија на западната картезијанска цивилизација, онаа што на таа основа го роди фашизмот во Германија. Тој што сега во некој вид пософистицирана форма повторно се повампирува. Ние Македонците посебно сме чувствителни на него по Лисабонската декларација и европското нацифашистичко вето на нашето автентично исконско име. Но да му дадеме, драг читателу, иницијатива на францускиот антрополог што со само еден потег го дефинира, фројдовски речено, хипертрофираниот болен нарцизам на неговата цивилизација кога вели: „За човекот на Западот е најтешко, можеби, да престане со верувањето во апсолутниот карактер и непобитност на неговите вредности“. Потоа следува опоменувачкиот заклучок: „Една светска цивилизација може да биде само цивилизација на дијалогот, во недостиг на кој човештвото ќе се распрсне на парампарчиња; а дијалогот е возможен само ако тој дел, секоја цивилизација престане да се промовира како тоталитет“.
Во своите микроанализи на Западот со надувано суперего Л.В. Тома ја допрецизира компаративно неговата слика, споредувајќи ја со сликата на човекот на архаичните култури. Вели: „За Западот за кој стреми кон рентабилност и профит светов бил опредметен, искористуван, и на подолги патеки можеби осуден на смрт. За архаичниот човек, пак, светот е во некоја рака алтер-его, центар на живи сили, кои треба апсолутно да се почитуваат, соговорнички, со кои се живее во тесна симбиоза“.
Што, пак, од своја страна значи дека за архаичниот човек светот е извор на живот што треба да се чува, а не да се искористува за свое краткотрајно задоволство и потоа да се фрли на ѓубриштето на деструктивната цивилизација. Натаму тезите на францускиот антрополог, имено, одат во тој катастрофален правец на уништување од страна на Западот на другите цивилизации што не се вклопуваат во рамката на неговиот цивилизациски концепт. Божем носејќи во нив култура и демократија неговата цел е нивно поробување и материјално искористување. Некои од нив вели Л.В. Тома, како што се тоа Ескимите, успеваат, иако не за долго, да преживеат примајќи ја западната култура, но „други многубројни групи или исчезнуваат нагризени од алкохол и разни болести, или биваат целосно втопени во масата на освојувачите“. Тој притоа набројува некои од техниките за уривање на културите и општествата како што се: колеж и асимилација, потиснување и набивање во резервати, експлоатација, уништување, па на крајот и стерилизација.
Притоа, се разбира, во своите сугестивни анализи францускиот антрополог ни ги презентира како на дланка и најперфидните методи за асимилација на цивилизациски надредениот и возгордеан Запад. Во прв ред на уништување на идентитетот на нему различните групи и народи, кои поради своја корист треба да ги испрати во идентитетска смрт. Тука, пред сѐ, тој ја анализира во таа смисла перфидната улога на таканаречените добротворни мисионери на западната цивилизација. Е, тука сега, драг читателу, ја користам во тој важен контекст можноста, да те потсетам во таа смисла, за која говори и Л.В. Тома, на нашите многубројни Соросови и УСАИД „невладини“ (извини за наводниците) организации на кои со паразитска инјекција им се вшприцани антиидентитетска свест и анимозитет кон идентитетот на сопствениот народ.
А такви, пак, типови на кои туѓите пари им се послатки од сопствениот индивидуален и колективен идентитет не е тешко да се најдат и на која било друга точка на Земјината топка. Е, тие мисионери, уништувачи на друг идентитет, драг читателу, имаат за задача да ги избришат сите идентитетски знаци на едно племе, народ или раса што стрчат и не се вклопуваат во западниот културно-цивилизациски модел, како што се игрите, песните, традиционалните обичаи, религија итн. Сѐ до уништување дури и на нивните погребни обреди, со што не само нивниот живот, туку и смртта со својата карактеристична идентитетска обредност мора да им се потчини на западните либералкапиталистички цивилизаторски доктрини.
На нивната атеистичка просветителска филозофија без Бог. Филозофија во добра мера остварена и спроведена во стварноста, рековме веќе, и со сесрдна помош на главосечачката направа на месје Гилјотен. Примената, пак, на таа направа во една или во друга форма и денес ја користи планетарно таа цивилизација. Нејзината улога ја преземаат не само нејзините банки и политички притисоци на сила, туку конкретно и нејзините моќни бомбардери.
Е, таа и таквата многустрана и многуфункционална западна цивилизациска направа, драг читателу, денес ни се заканува и нам, на Македонците и тоа со нејзината најстрашна ударна моќ: со само еден перфидно софистициран потег да ни ја пресече, дури да трепнеш, идентитетската глава. Станува збор за современиот тип геноцид на Западот (Европа и САД), кој веќе нашироко е применуван и врз Индијанците во Америка и Црнците во Африка, а сега се применува и врз Македонците. Тој вид етноцид/геноцид сега се вика преименување, префрлање од исконското автентично во некое ново безлично, што би рекле нашите универзитетски учени, постмодерно име без меморија, целото испразнето од идентитетска суштина.
Да бидеме подготвени за тој софистициран тип геноцид ни го соопшти таканаречената Лисабонска декларација на ЕУ во 1991, подготвувајќи нѐ за безидентитетски живи мртовци во третиот милениум по Христа. На нашата актуелна влада, пак, како да ѝ е сеедно тоа. Таа, ме јаде јанѕа, веќе забрзано се подготвува, наместо ЕУ и САД, лично да ја изврши идентитетската егзекуција на својот (доколку е навистина и нејзин) народ. Таа е подготвена да ја заврши оваа валкана работа, како што го направи (прави) тоа и со бруталната Тиранска платформа, па и со крајно понижувачкиот за нас договор за добрососедство со Бугарија. Туку, бидејќи ја имаме пред нас книгата за идентитетските погроми на Западот на Л.В. Тома да посочиме конкретно на македонскиот контекст во таа смисла во неа. Францускиот антрополог како да поаѓа од мислата на Гете дека „ремек-дело на човекот e да трае“.
Тоа, пак, значи, ако добро го познаваме германскиот гениј, да трае во културата како единствен негов производ со кој тој се легитимира пред Господ. Но варварите не го дозволуваат тоа. По Гете Л.В. Тома гравитира и кон космополитизмот на Монтескје, кој вели дека е случајно роден како Французин, но по убедување е човек. Тоа е во ред. Но се прашуваме дали умниот Французин би го рекол тоа токму така доколку би бил Македонец, жител на едно, не моќно како француското туку, како што вели Конески, „столечено племе“. Да. Оти како што вели Л.В. Тома: „Со право можеме да си се запрашаме постои ли пострашна смрт од лишувањето на еден народ од неговиот идентитет“. А Французите на Монтескје, рака на срце, никогаш како Македонците не биле исправени пред таква страшна закана.
Етноцидот/геноцидот е посебна уметност на современата западна цивилизација. Во „Антропологијата на смртта“ на францускиот антрополог има изобилство примери за тоа. Тука е и примерот со геноцидот на Американците врз Индијанците. Вели: „Политиката на грубо потиснување, понекогаш нарекувана „ограничување“ на Индијанците на долна Калифорнија имала цел, според мисионерите, да ги спаси душата и паствата, да ги научи на земјоделство, сточарство и уметност, здравите вредности на јудео-христијанската цивилизација. Првата последица од тоа било ширењето на увезени зарази (вариола, сипаници, стомачен тифус), додека загадената вода предизвикувала дијареа и дезинтерија. Тоа била принудата Индијанците да ги напуштат своите предци, богови, верувања и сите вредности на нивната традиција“.
Тоа. Е, сега повлечи, драг читателу, една аналогија помеѓу идентитетската судбина на домородните Индијанци и Македонците соочени со геноцидна акултурација како и тие. Тука е место да се запрашаме што има врска западната цивилизација со јудео-христијанството, посебно христијанството, по нејзините две крвави светски војни. Но и покрај тоа таа не извлече никаква поука од тие катастрофи и понатаму дејствува катастрофално во име на својата единствено доминантна филозофија на материјалниот профит. На духовноста одамна ѝ рекла збогум. Ирак, Либија, Авганистан, Сирија, Виетнам, Србија, Босна и Херцеговина, сега и Македонија, и уште неки други места и народи (кој ќе го изброи) се жртва на таа профитабилна бескрупулозна цивилизација што се крие зад маската на културата и демократијата.
А ќе речеш, драг читателу, нели сепак ЕУ и таа франкенштајновска западна машинерија НАТО се сега единствениот наш цивилизациски сон кого макар и под кошмарен притисок го сонуваме ние. Сон во кој ние ги чувствуваме во нашата непосредна близина, како што вели мојот сакан поет Пол Целан, „мајсторите на смртта“. Тие кај нас доаѓаат од сите четири страни: од Брисел, Вашингтон, Лондон, Атина, Софија, Тирана… Доаѓаат со исукан меч за нашата идентитетска глава.
Тоа. А што се однесува, пак, драг читателу, до нашите петтоколонаши, ЕУ и амеромитомани, тие се оној какол и плевел, шумливите зрна што ги одвејува ветрот по вршидбата на гумно, отстранувајќи ги од здравото жито. Од него, од тоа здраво жито, кога-тогаш нашиот настрадан народ ќе ја испече на фурната на Господ својата Сончева погача за причесна нафора на оваа аморална цивилизација за да се преобрази. Да доживее како струен удар трансцедентен шок. Тоа ѝ е итно потребно нејзе за да го напушти својот материјален нагон за варварство и духовно да се хуманизира. Јас и ти, драг читателу, сме убедени во тоа.
(крај)