Херојот е човек, кукавицата птица. Кукавицата не може да стане човек, човекот може да биде кукавица. Великиот турски писател Орхан Памук има напишано дека „секоја кукавица цел живот сонува дека еден ден ќе се преобрази во голем херој“. Од друга страна, како врв на корисноста, на рационалноста и на лукавоста, на начинот да се преживее, може да се цитира поговорката „подобро е да си жива кукавица отколку мртов херој“
Несомнено дека последните случувања во политичкиот живот донесоа нова, фигуративна, но не помалку опасна, поделба меѓу Македонците. Ако досега најактуелна беше на патриоти и предавници, сега нејзе ѝ се придружува поделбата на херои и кукавици. Имено, според едни ставови, оние што гласаа да се смени името на Македонија и да се влезе во НАТО и во ЕУ се прогласуваат за херои, оние што гласаа против за кукавици. Другото мислење е поинакво, спротивно од првото. Според него, оние што гласаа за промена на името и за НАТО и ЕУ се кукавици, а оние што гласаа против се вистинските херои. Во оваа смисла посебен белег му дадоа осумте пратеници во Собранието, кои прекуноќ ги сменија своите декларативно јавно искажувани ставови, ја сменија партиската страна и со својот глас придонесоа да почне процесот за промена на името, на Уставот, на целиот идентитетски и национален статус на македонската држава.
Херојот е човек, кукавицата птица. Кукавицата не може да стане човек, човекот може да биде кукавица. Великиот турски писател Орхан Памук има напишано дека „секоја кукавица цел живот сонува дека еден ден ќе се преобрази во голем херој“. Односот кукавица – херој поттикнал и произвел редица поговорки. Како на пример: „кукавицата во еден ден умира стопати, а херојот само еднаш“; „некои луѓе се храбри само затоа што постојат кукавици“; „многумина би биле кукавици само кога би имале храброст“; „омразата е одмазда на кукавицата заради претрпениот страв“. Како врв на контрадикторноста може да се наведе изреката што гласи „кој ќе признае дека е кукавица, тој е вистински херој“. Од друга страна, како врв на корисноста, на рационалноста и на лукавоста, на начинот да се преживее, може да се цитира поговорката „подобро е да си жива кукавица отколку мртов херој“.’
Кукавицата е птица од легендите, како што многу херои влегуваат во нив. Келтската легенда за неа може да се земе како парабола со која приближно би се објасниле наведените поговорки, а асоцијациите што произлегуваат од неа не се далечни од денешно време, од денешнава ситуација. Според легендата на Келтите, боговите одлучиле да ги прекинат судирите меѓу земјата на вечната младост и смртниот свет. (За да ја приближиме легендата до денешните читатели, ќе си земеме слобода земјата на вечната младост да ја изедначиме со НАТО и ЕУ, а смртниот свет со сегашна Македонија.) За таа цел боговите им рекле на сите луѓе, птици и животни дека треба да изберат, да се определат, во каков свет сакаат да живеат – во бесмртен, убав, лесен, но едноличен или во смртен, каде што постојат годишни времиња, сезони на раст и на пропаѓање, на радост, но и на тага и умирање.
Сите навреме одлучиле каде сакаат да припаѓаат освен кукавицата. Таа долго размислувала, се думала, се вртела, се шуткала, но никако не можела да се определи. Боговите ѝ сугерирале што побрзо да донесе одлука, но кукавицата никако не можела да се реши кој пат да го фати. На крајот рекла дека нејзе не би ѝ пречело да живее во преубавиот свет на бесмртноста, но не би можела да се одрекне од убавините на годишните времиња, од промените на природата, и поради тие причини никако не може да се реши во кој свет ќе живее.
На боговите им здодеало нејзиното колебање и донеле одлука да може да живее меѓу двата света, но под одредени услови. Тие биле: да служи како гласник меѓу двата света, да пренесува смртни пораки до живиот свет и да не смее да свива свое гнездо во ниеден од двата света. Своите, кукавичини јајца, да ги полага, да ги подметнува во туѓи гнезда и никогаш да не ги види своите деца, својот пород. (Оттаму е и изразот „сам како кукавица“.) Преку тие услови таа е казнета, жигосана и посрамотена, удрен ѝ е жиг и срам што треба да го носи векутуму века. Но за неа не е важен срамот, не е важно што постојано ќе се крие од другите птици и од луѓето, важно е што со таа поднесена лична жртва им обезбедува на младите да живеат меѓу два света и така да го продолжат родот.
Во македонската народна традиција кукавицата важи за кобна птица што претскажува несреќа, која со своето пеење (кукање) предупредува дека нешто лошо ќе се случи, зла доба или смрт, најавува тага или болка. Таа е симбол на плашливост, карактерен знак за човек плашливец. Имајќи предвид дека на некои луѓе им се даваат физички и карактерни особини, особено како прекари, во согласност со видот и карактеристиките на некоја птица, под кукавица се подведува или за кукавица се прогласува оној што ги предава идеалите и животните принципи за кои декларативно се залагал, што не дава отпор кога го толчат, навредуваат и омаловажуваат. Или оној што своите грешки и својата одговорност им ги подметнува на други, ни криви ни должни. Изведенката кукавичлак означува немање храброст, обземеност од страв, неспособност да се биде чесен и искрен пред налетот на стравот или заканата. Особено на заканата и уцената, каква и да била.
Наспроти кукавиците се хероите, јунаците. Херој е оној што се одликува со извонредна храброст во секоја ситуација, што на еден или на друг начин одбележува еден настан или една епоха, што направил подвиг ценет од околината или народот, оној што ја брани својата земја од опасности и напади, што се жртвува за државни или национални идеали. Под херојство се подразбира храброст, бестрашност, никако кукавичлак.
Хероите се раѓаат обично во тешки времиња, не мора само во војни. Има големи и мали херои, вистински и лажни. Секоја доба, секоја генерација има свои херои, а херојска може да биде и цела генерација, како што беше онаа од 1941 до 1945 и подоцна, која преку Народноослободителната борба и АСНОМ ги удри темелите на македонската држава и која успеа Македонија, од заостаната земја, за кратко време да ја развие во сите области и да ја направи пристојна за живеење. Има и пропагандно произведени херои, херои по потреба за одредени задачи или херои за еднократна употреба, кои потоа заминуваат на буништето на историјата.
Како што има херои во војна, така има и херои на мирот. Има херои од (на) минатото и херои на нашата доба. Кои се хероите, а кои кукавиците на нашата доба можеби ќе се знае некој ден, некоја година, во секој случај ќе покаже иднината. Но да не заборавиме дека одговорот најчесто зависи од победникот.