Овој пат колумната ја почнувам со мој,,Брејкинг њуз“. Просто, станав зависник од Си-ен-ен и таа нивна (заради Трамп) сега редовна рубрика. Замислете, пет конгресмени од САД се запукаа од Вашингтон, за да го видат неповторливиот Велес, градот на гемиџиите! Копнеат конгресмените по градот на Рацин и „Тутуноберачите“. Да го видат родниот град на Петре Прличко, копнеат по гемиџиите и со свои очи да го видат родниот град на најхакерчето-тинејџер од Република Македонија, кој им го пробута Доналд Трамп без тие да забележат. Е, тоа се вика „гемиџија“ за почит од Репаблик оф Маседониа (засега). Вие ги растуривте и Титов Велес и СФРЈ и РМ, е сега велешанче ве растури вас. Конгресменската посета на Велес не беше ниту случајна ниту поетски вдахновена. Нема воа-ноа, со велешанче од Република Македонија.
Простете, и понатаму во текстот и до 30 септември сакам да му се изнауживам на зборот „Република Македонија“ и често ќе го повторувам тој збор, Република Македонија, бидејќи ќе се брише. Како што се брише погрешен збор од реченицата, ама не и име на ДРЖАВА. Селски тоа се викало: ребрендирање. Кога сме кај Американците, имам еден, кому особено му салутирам, Џорџ Смит Патон, со прекарите Бандит и Стариот Касапин. Пред одлучувачката тенковска битка, на бреговите на Северна Африка, Тунис, генерал-мајор Џорџ Патон одржа трогателен, машки, војнички говор и ги „бодреше“ своите војници:,,Слушајте ваму, копилиња едни! Не е храброст некое копиле да загине за својата татковина.
Туку е храброст нашето копиле да го натера спротивното копиле да загине за неговата татковина!“. (Гледајте го филмот ,,Патон“.) Многу сакам МАЖИ, ама тоа нема никаква врска со мојата сексуална ориентација. Затоа сакам МАЖ (од Македонците) да излезе пред референдумот и машки да каже (како во илинденските прокламации): Слушајте ваму, браќа и сестри Македонци! И сите други во Република Македонија, во амбулите и преамбулите, што пишувате кирилица или латиница или не знаете да пишувате – сеедно е! Меѓународната институција ЕУ-НАТО се измори, колабира за овие 27 години, крепејќи ја референдумска Република Македонија, која се тетерави безмалку три децении, барајќи го својот пат кон светлата иднина!
Нејзините „лидери“ Али Баби и нивните сто и четириесет илјади разбојници штафетно си го пренесуваа пљачкосувањето на овој беден народ, кој себеси се нарекува македонски, а државата македонска. Тој што краде од богатите и им дава на сиромашните се вика Робин Худ. Ама тој што краде од сиромашните и им дава на богатите се вика „политичка елита“! Не сте во состојба тежината на оваа пет-пари „држава“ да ја носите на грб, колку и да го свиткате. Затоа, тежината ќе ја поделиме на два еднакви дела, на двете „поголеми етнички заедници“. Па, од 1 октомври натаму, Господ да ви помага, а не меѓународната заедница, со кредити, донации и амбулантни возила!
Сега за календарот во (повторувам) Република Македонија: останаа уште 27 дена до мојата сопствена, приватна евтаназија, која јас самиот треба да ја потпишам. Ќе ви преведам: евтаназија е кованица од два грчки збора: ев (добар,убав) + танатос (смрт). Тоа значи, дека на 30 септември, сам ќе си пресудам себеси и не треба никој од моето потесно семејство да потпишува за мојата ментална амнезија и евтаназија. Не знам дали е тоа веќе регулирано со закон во Република Македонија. А закон како закон во Република Македонија, растеглив е како женски хулахопки, што ќе рече еден универзитетски професор. Сѐ уште не е академик, ама е академски образован и кај да е ќе биде. Знае што е право, а што е криво во државата.
Со таква, ментално „убава смрт“ како Македонец ќе се евтаназирам самиот себеси и веќе утредента, на 1 октомври, ќе се разбудам речиси нов, речиси ист и речиси (не)чист, ама сосема малку подруг, како – северномакедонец. Господе, не сакајќи станувам будист. Наместо христијанин, можам да се реинкарнирам од едно во друго ментално тело или животно, на пример. Можеби тоа ќе биде некое мое приватно, ментално и морално, а богами и државјанско самоубиство. МПЦ нема да го погреба претходниот Македонец, бидејќи црквата не признава самоубиства и не врши опело на самоубијци. Законот на црквата е јасен: животот ти го дава Господ и него може да ти го одземе само Господ и никој друг.
Дури ни ти себеси не смееш да си се самоубиваш, ако ти текне. Деновите наближуваат, а јас сѐ уште не сум решил зошто треба и дали треба да се „самоубијам“. Жив се јадам. Можно ли е едната половина, попаметни северномакедонци, жива да ја изеде другата половина, поглупавите Македонци. Во секој случај, едни Македонци се вишок во бајката со заглавие ЕУ-НАТО. Во неа нема место за повеќе видови Македонци. А романсата со ЕУ-НАТО ќе донесела повеќе благосостојба и пари, за сите де. Тоа со „пари за сите“ ме потсетува како втор дел од трагедијата „милијардата на Циле“. И тогаш, како гладни кокошки што сонуваат милијарда без мотика, потпишавме со Тајван. Од „милијардата на Циле“ со нешто ситно се офајди само министерот за одбрана Љубен Пауновски, со бедни 30 милиони марки. Ние плаќавме воен данок 5 проценти. Жив се изедов.
А јадење жив е метафора, (гр. пренесувам – преносна смисла). Оние што не знаат грчки, затоа така буквално и грубо го разбраа тогашниот огнен партиски говор, на денешниот премиер, кога кажа ,,живи луѓе ќе јадеме!“. Тие незнајковци на метафори се уплашија и пораката ја разбраа во сосема буквална смисла. Не, јадење живи луѓе, такво нешто немало и нема да има во независна Република Македонија. Тоа се прозни, литературни изрази – метафори, како: жив се јадам, колку си слатка – ќе те изедам, не помина ниту половина месец, а Петре ја изеде платата, Митре ја испи пензијата. Вистинското јадење луѓе се вика – канибализам.
Тоа е француски и шпански збор, значи хранење со организми од истиот род. Во недостиг од храна, животните ги напаѓаат своите, од истиот род. Во антропологијата, феноменот се нарекува антропофагија – човекојадство, независно дали е тоа од принуден глад или друга причина. Во развиените цивилизации, како што е Република Македонија, канибализмот е табу. Поради таа причина, тие појави се сметаат за душевно или сексуално растројство. Според некои податоци, канибализмот се среќава во советска Украина во 30-тите години на 20 век (Гладомор 1932-1933 г.), а потоа и за време на опсадата на Ленинград, Кинеската граѓанска војна Кина-Тајван и пак во Кина во 1958-1961 г. Последен пат канибализмот во 20 век се случи во петок, на 13 октомври 1972 година, по катастрофата на летот 571 на уругвајските воено-воздухопловни сили.
Авионот „ферчајлд ФХ 227-Д“ на својот чартер-лет FAU 571, на маршрутата Монтевидео – Ментоса – Сантјаго, на кој се наоѓаа пет члена на екипажот и 40 патници (членови на рагби-тимот Олд кристијанс, нивни роднини и спонзори. Прелетувајќи ги Андите, авионот навлезе во циклон, удри во карпа и падна во подножјето на неактивниот вулкан Тингиририка. При катастрофата загинаа 12 луѓе, уште пет умреа подоцна од рани и смрзнување. Од преостанатите 28, осум загинаа од лавина, потоа уште четири умреа од рани и од глад. Преостанатите 16 живи луѓе преживеаја на височина од 3.600 м хранејќи се со телата на загинатите роднини, пријатели и спонзори. На 61-от ден, двајца од нив – Нандо Парадо и Роберто Канеса, тргнуваат пеш да бараат помош низ Андите.
По десетдневно талкање, среќаваат чилеански фармер, кој им укажува прва помош, по што и другите се спасени со хеликоптер. Друг вид самоубиство не ментално, туку вистинско самоубиство, од љубов кон татковината, на јапонски се вика камикаѕе (јап. божји ветар). Зборот првпат се употребил во 1274-1281 г., кога тајфун ги потопил двата брода на Кублај-кан, со што не успеала монголската инвазија на Јапонија. Во Втората светска војна т.н. пилоти-самоубијци, камикаѕе, биле искористени како бојно средство против флотата на САД. Сега зборот е синоним (гр. слично име) за самоубиец, е има и живо торпедо. Има и масовно човечко жртвопринесување, при кое се убива еден или повеќе луѓе како дел од религиозен, но не и како политички ритуал, како референдум, на пример.