Во земјава постојат голем број податоци од сите области и сфери на општеството. Меѓутоа постојано се поставува прашањето колку и како тие се користат, анализираат, оценуваат, укажуваат и уште што не за да може да се преземат мерки и активности или да се насочат натамошните активности во согласност со состојбите. Истовремено постојат и низа донесени закони, стратегии, правилници, одлуки и разни други документи. И во оваа насока е прашањето за анализа како и колку тие се користат и применуваат. Во оваа насока сакам да кажам само дека веќе втора деценија им се посветува многу внимание за демографските состојби во земјава преку добиените податоци, направените анализи, укажувања, давање препораки, предлози, мислења, и тоа не само преку поединци аналитичари, експерти, политичари и други заинтересирани, а особено и Владата преку две донесени стратегии. Но што од сето тоа кога не се постигнати очекуваните резултати или нема подобрување на состојбите. Меѓутоа, за сѐ е потребна и длабинска анализа на податоците, а не дневнополитичка.
Така, во овој момент сакам да ја изнесам состојбата со виталните состојби во земјава за деветте месеци од 2018 година. Тоа се однесува на наталитетот или бројот на живородени деца, како и морталитетот или бројот на умрените лица, а преку нив за природниот прираст на населението. Овие состојби се добиваат редовно и се објавуваат квартално, заради нивно следење, за разлика од миграциските движења, односно иселувањето од земјава, за кое немаме целосен опфат или речиси никаков. Во дадената ситуација немаме веродостојни, квалитетни и точни податоци во земјава на сите нивоа, регионални, општински и по населени места. Колку се потребни податоците немам коментар, бидејќи служат за какви било анализи во сите домени каде што се пресметуваат состојбите според бројот на жители или население. Особено знаејќи ја состојбата дека од 2002 година не е спроведен попис на населението во земјава од кој се добиваат голем број податоци и се единствен извор на податоци. Што значи тоа? Во поголем број анализи се користат застарени податоци, добиени во 2002 година, а измени на сите нивоа имаме многу. За наведеното доволно говорат добиените податоци како годишно ниво така и квартално за природното движење на населението.
Од нив се прават и вкупни процени на населението, по региони и општини и по возраст. Но истите тие се без надворешните миграции или иселувањето од земјава. Како аргумент на изнесеново ќе ја прикажам состојбата во согласност со кварталните податоци што се претходни за 2018 година.
Во деветте месеци од годинава живородените деца не се заслужни за зголемување на природниот прираст на населението на ниво на држава, туку намалениот број на умрени лица. Анализите покажуваат дека белата чума владее во 48 општини, или во 60 отсто од општините.
Анализираните податоци за наведениот период спореден со истиот од 2017 година покажуваат дека бројот на живородени деца во 2018 година изнесува 16.069 и е за 388 помал од 2017 година. Покрај нив, и бројот на умрените лица е намален, и тоа за 968, и изнесува 14.538. Благодарение на тоа што има помалку умрени лица, зголемен е природниот прираст на населението, и тоа за 1.531 или за 580 повеќе од 2017 година. Дека ваквите податоци не ги даваат очекуваните резултати и покрај сите мерки преку низа активности се добра насока за преземање мерки и активности за натаму. Не случајно се вели и тоа дека податоците од пописот служат за творење на иднината, но каква и каде.
Затоа се прикажуваат состојбите и на сите нивоа, за да се носат програми за сѐ. Оттука, сакам веднаш да изнесам дека во пет региони (вардарски, источен, југоисточен, југозападен и пелагониски) има појава на негативен природен прираст или намалување на населението во нив. Секако, бидејќи во регионите има повеќе општини, нормално е дека тие, или 48, во земјава имаат негативен природен прираст на населението, односно е намалено населението во нив. Тоа се 60 отсто од општините во земјава. Само три региони (скопскиот, полошкиот и североисточниот) имаат зголемено население по природен пат, меѓутоа не и сите општини во нив. Така, на пример, во североисточниот регион од шест општини, во четири имаме негативно салдо (Кратово, Крива Паланка, Ранковце и Старо Нагоричане), потоа во полошкиот регион Маврово Ростуша и Јегуновце итн.
Во сето ова карактеристично е што 27 општини континуирано во сите квартали во 2018 година имаат негативен природен прираст, а во околу 21 општина во два квартали. Истите тие тешко дека во последниот квартал ќе можат да бидат со позитивно салдо. Ако ја знаеме состојбата со населението преку природниот прираст без иселувањето и ако имаме процени за населението од 2002 година до 2017, а сега и за 2018 година можеме преку направените анализи да кажеме дека околу 40 општини во земјава во тој изминат период имаат само намалување на населението на ниво на регион и на ниво на општина. Меѓутоа, што да се говори за празнење на населените места.
Анализите покажуваат дека во земјава имаме голема концентрација и голема депопулација. Што значи тоа? На една страна густо населени делови, а на друга страна празнење на просторот од население. Особено загрижува состојбата во урбаните општини, каде што веќе дваесет години се намалува населението (Битола, Прилеп, Ресен, Охрид, Кичево, Демир Хисар, Демир Капија, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Кочани, Виница, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, во поново време Кавадарци, Неготино, Велес, Штип, Гевгелија, Валандово, а секако и во руралните општини, каде што најкарактеристична е Дебрца, Ново Село посебно, Могила, Новаци, Карбинци, Чешиново Облешево, Зрновци итн.).
Сето наведено, а може и уште повеќе да се прикаже состојбата и пошироко и поаналитички, меѓутоа и ова е доволно за вклучување на надлежните институции во земјава за преземање сериозни, правилни и добронамерни мерки и активности. Тоа го прават и другите земји, особено на Балканот. Затоа, да наведам дека не само Бугарија, туку и Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, кои се зафатени, за разлика од нас, со негативен природен прираст на населението, но и со масовно иселување на населението од тие земји во други земји, според нивните податоци со кои располагаат за разлика од нас. И не само овие земји туку и голем број други итно преземаат мерки, и тоа преку формирање или во повеќе земји постојат министерства за популациона политика или демографски совети, како на пример Србија, каде што дури претседателот на државата ќе го води демографскиот совет, кој треба да донесе нови стимулативни мерки за зголемување на бројот на децата. Морам да наведам дека во нашава земја се донесени две петгодишни стратегии, но тие не ги дадоа очекуваните резултати.
Значи ли тоа дека е потребно нешто да се менува, нешто да се поттикне и правилно насочи? И пак се вели зошто? Па, се носат програми, се одвојуваат финансиски средства преку или во буџетот на државава и во 2019 година за изградба на градинки, основни училишта, спортски терени, детски игралишта и други објекти, но треба да се знае каде, колкави, за колкав број деца каков капацитет и слично.
Сите наведени состојби, длабински направени анализи, дадени насоки, мислења, сугестии и предлози се крајно добронамерни, стручни и долгогодишни за доброто на земјава. Со јавно, транспарентно, демократско работење, преку вклучување експерти, стручни, познати и признаени лица, се постигнуваат позитивни резултати. Затоа сметам дека Владата во нашава земја, која е добро информирана за овие состојби и презема одредени мерки, треба да го направи тоа што поитно.
Авторот е демограф и поранешен директор на Државниот завод за статистика