Излезе дека оваа патологија е почеста во нејзината политичка отколку во сексуалната форма. Всушност, идеолошките некрофили страсно се вљубени во старите испробани, промашени, напуштени и историски погребани идеи, барајќи начин и средина да ги популаризираат и обноват
Историјата нуди совет, но не и нужно водич. Македонија денес може да се опише како нефункционална држава, отворена за злоупотреба од лоши актери, квазиинтелектуалци и идеолошки некрофили. Кога ги гледам и слушам владините „реформаторски“ политики, контролираните медиуми, проверувачите на фактите (цензорите на слободната мисла), најавата за зголемувањето на даночните стапки за богатите, сеприсутното сомневање во капитализмот, сервилноста и обновеното градење на култот на лидерот (нема таков да се роди, ќе изјави доскорашниот потпретседател на СДСМ), политичкото едноумие, имам наплив на емоции дека времето во Македонија не тече: времето стои. И дека оваа власт е на добар пат да го возобнови комунистичкиот авторитарен идеал на општество, кое, за волја на вистината, никогаш не го напуштивме. Чувството на демократија е заменето со наметнување единствен начин на размислување, со авторитаризам и апсолутизам некомпатибилен со демократијата. Затоа нашите револуции отсекогаш биле кадифени или, од поново време, „родово шарени“, но никогаш автентично антикомунистички. Комунизмот во Македонија никогаш не беше дискредитиран. Никогаш не ја славевме победата на слободата над комунистичката тиранија. Никогаш не ја поразивме најсмртоносната идеологија во историјата на човештвото. Во идеолошко некрофилската Македонија оние што беа непослушни беа замолчени, другите на секој начин се обидуваат да покажат колку им значи наклоноста на лидерот, третите се бескрајно сервилни.
Велат дека возобновениот комунизам честопати доаѓа со пријателско лице, на почетокот. Дали денес македонската демократија можеби премина во повисока фаза на авторитарната инфекција? Прифаќањето на неприфатливото е најстрашниот аспект на сегашната политичка криза низ која поминува Македонија. Зашто прифаќањето на авторитарните пориви на политиката не е можно без активно одобрување од традиционалните политички елити, „чесните“ интелектуалци, високите владини функционери и помошта на обичните луѓе, дури и конвенционално добрите луѓе. Застрашувачка е потврдата дека оваа власт произлегува од фактот дека стана глас за параноидните и алчни политички клиентелисти, мртвото интелектуално ткиво на поранешниот повампирен режим на комунизмот и криминалните и неспособни човечки структури на општеството, кои продолжуваат да ја загадуваат оваа земја со своето присуство. Кога ќе ја видите анатомијата на нејзиното владеење, реториката, начинот на мобилизирање на масите за своите политички цели, не може да ве изненадат изблиците на екстремни и одамна погребани идеи во општеството и леснотијата со која се пласираат.
Македонската демократија со години ги храни и негува сопствените копачи на гробови. Оние што никогаш не го прифатија создавањето македонска национална држава, но вешто се акомодираа чекајќи го погодниот момент да удрат по неа. По нејзините темели, историја, обидувајќи се национално и идентитетски да ја обезличат. Конечно го чувствуваат моментот да воскреснат. Да ја дегенерираат демократијата со нивниот идеолошки фанатизам и омраза на сѐ што е македонско. Онака како што направија нивните татковци по војната.
Според некои од нив, „заблуда е секоја нација да има право да ја пишува историја онака како што сака“, зашто немало веќе празни страници што треба да ги напишат новите народи. Да го позајмите концептот на Енгелс за нација без историја значи да прифатиме дека не сме држава воопшто. Дека сме нација без корен, на која ѝ се негира елементарното демократско право на своја држава и постоење и која ја изгубила својата душа. Дали тоа значи дека македонскиот народ како неисториски народ по својата природа е осуден на национално истребување?
Очигледно македонското политичко мочуриште е полно со некрофилски чудовишта што се создавани во комунизмот. Нивната идеолошка некрофилија е слепа фиксација со мртви идеи. Излезе дека оваа патологија е почеста во нејзината политичка отколку во сексуалната форма. Всушност, идеолошките некрофили страсно се вљубени во старите испробани, промашени, напуштени и историски погребани идеи, барајќи начин и средина да ги популаризираат и обноват. Како овие за кои пишував погоре. За оние што страдаат од идеолошка некрофилија, секогаш е лесно да се најдат причини за потсмев, критика или отфрлање кога нешто е ново. Идеолошката некрофилија е разорна состојба што може да влијае на луѓето, државата и нацијата. Особено за нашата, во ваков деликатен момент од нејзината историја. За жал, нашиот мрзлив очај прави да не се бориме против ваквата болна патологија, туку да коегзистираме покрај неа. А треба да бидеме сериозно загрижени, зашто политички систем што поддржува идеолошка некрофилија се обидува да нѐ држи врзани за минатото несвесни за чудовиштата што демнат и се обидуваат да го воскреснат злото на тоа минато.