Уште во 2009 година академик Иван Катарџиев објави сепарат насловен „Соседите и идентитетот на македонскиот народ“, во кој, низ еден краток историски осврт за развојот на македонскиот идентитет, го постави денес многу актуелното прашање како да се излезе од наметната криза, која има како меѓународна, така и балканска димензија, но и пред сѐ внатрешнополитичка, па дури и безбедносна димензија сврзана со опстојувањето на македонската држава. Така поставеното прашање уште во самиот почеток ги актуализира теоретските и политички аспекти на нацијата како историска категорија и како конститутивен елемент на државноста на еден народ, во случајов македонската државност.
Нацијата како историска категорија израснува во кохезивен фактор на општествените структури врз заеднички прифатен систем на вредности врз кој се конституира државата на определена територија. Тоа е особено карактеристично за политичките процеси, пред сѐ во Европа во 19 век.
Според дефиницијата на МИ-АНОВАТА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА МАКЕДОНСКА И ОПШТА, националниот идентитет претставува систем на национални ставови што се составен дел на свеста што поединец ги има за себе, односно систем на ставови спрема: а) сопствената нација, национална територија; б) националната историја и националните амблеми; в) националната култура, јазикот, карактеристичните начини на живеење, сфаќањата и вредностите; г) другите народи со кои сопствената нација била или е политички и економски во пријателски односно во непријателски односи; д) другите народи воопшто; ѓ) националната диференцијација како социјална појава. (МИ-АН, Скопје 2006 год., стр. 1.153/1.154)
Секако дека оваа дефиниција трпи критичко промислување, но може да послужи како повод пред сѐ за усогласување на гледањата што, се подразбира, се под национален идентитет, кој се употребува во дневно политичкиот жаргон. Примарните вредности што го определуваат националниот идентитет се: јазикот, традициите, културата, просторот, конфесионалните определби што, сѐ заедно, ја чини националната идеологија што ги дефинира стратегиските цели и приоритети спрема другите, посебно соседни нации и држави. Марксизмот ја дефинира нацијата како историско-класна категорија, која ќе исчезне заедно со класното општество. Што се однесува до верата како конститутивен фактор на државата, становиштата се движат од една до друга крајност – од целосна условеност на националниот идентитет со припадност кон одредена вера (посебно застапена во православието) и наметнување на црквата како конститутивен елемент на државата според принципот – една нација, една вера, една држава. На другата страна се протестантско-лутеранските сфаќања за верата како лична определба на поединецот, кому не му е потребно посредување во неговиот однос кон бога, односно без црквата како посредник. Според овие сфаќања, верската определба спаѓа во категоријата на индивидуалните права и слободи, а не на етносот. Според нив, етносот не може да се третира како верско монолитна категорија. Овие сфаќања се еден од фундаментите на западноевропската цивилизација и на ЕУ. Станува збор за категории што имаат директно влијание врз политичките односи внатре во земјата, но и на европските и регионалните интегративни процеси. Модерниот политички плурализам по дефиниција се базира на човекот како основна вредност од која произлегуваат сите други вредности на цивилното општество, мултикултурализмот и толеранцијата како кохезивни фактори. Политичкиот плурализам на Балканот, следствено и во Македонија, настана врз етничка основа, верска (не)толерантност, етноцентризам. Во самонаречените еднонационални држави – Грција, Албанија, Хрватска, Бугарија и Србија, етноцентризмот бил и е основа на големонационалистичките проекти и сѐ уште се задржува како основна вредност врз која се остварува хомогенизацијата на нацијата и нивните аспирации кон другите. Просторот за повторно повампирување на големонационалистички аспирации на соседите кон Македонија беше отворен. Прашање беше кој прв ќе почне. Таа „привилегија‘‘ ѝ припадна на Грција. Р Македонија не беше таа што го предизвика тоа, затоа што македонското национално движење не се појави на балканската политичка сцена врз антибугарска, антигрчка, антисрпска или пак антиалбанска основа. Напротив, отвореноста за соработка со сите национални движења беше темелот на ВМРО изразен преку ставовите на Гоце Делчев за поимање на светот како поле за културен натпревар.
Македонија никогаш никому не му должела. Напротив, соседите, по дележот по Балканските војни, ѝ останаа должни. За разлика од другите балкански народи, националната програма на македонското национално движење е отворена кон сите што го признаваат нејзиниот идентитет и цели за создавање сопствена национална држава во која било варијанта на балканскиот простор: од автономијата во рамките на Османската Империја, преку разните идеи за балканка федерација и/или конфедерација, до република како конститутивен елемент на југословенската федерација, па до самостојна и независна Р Македонија. Тоа е основната разлика на вредностите што го дефинираат македонскиот национален идентитет и ја издигаат на повисоко цивилизациско ниво во однос на големонационалистичките проекти на соседните држави. Оттаму, не може да се зборува дека Р Македонија е соочена со национална криза. Станува збор повеќе за разлики врз кои принципи и вредности треба да се гради единството, од кои посебно би ги истакнале:
– Единство по прашањата за континуитетот на автентичното македонско национално движење и улогата на неговите водачи, чие кредо е македонскиот национален интерес независно од сите кризи низ кои минувало, било како движење било како личности.
– Единство за држвноправниот континуитет на Р Македонија независно од идеолошките матрици, кои не се само македонски спецификум туку се израз на развојот на секое општество во дадените историски услови.
– Единство по прашањата на македонскиот национален идентитет и неговиот капацитет да ги прифати универзалните вредности на мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество ослободено од стереотипите на етноцентризмот и верската исклучивост и во кое човекот е основната вредност од која произлегуваат сите други вредности. Секако дека националниот идентитет не претставува категорија сама по себе изолирана од дадените економско-социјални услови во кои се остварува или се губи човековото достоинство и станува објект на инструментализација на политичките профитери за кои манипулирањето со националните интереси е најпогодната форма за владеење. Економско-социјалната девастација и творечката девастација се заемно условени процеси, а како последица се јавува исчезнување на интелигенцијата, односно во битката за гола егзистенција, нејзино трансформирање во политичко подаништво.
Уште неколку напомени релевантни за стратегијата во процесот на развојот на националниот идентитет.
1. Конфесионалното поимање на нацијата е основна претпоставка за хомогенизација на нацијата (во поширокото сфаќање на поимот нација-држава), на дадениот простор и во дадената државна заедница, особено во услови кога станува збор за мултинационална и мултиконфесионална заедница. Идентификацијата на националното и религиското (конфесионалното) е феномен што на Балканот доаѓа до полн израз во 19 век. Но постојат и одредени специфичности. Додека кај Албанија, како мултиконфесионална заедница, албанството е издигнато на највисоко ниво на припадност (позната е изјавата на Енвер Оџа дека најголемата религија на Албанците е албанството, независно од неговата религиска определеност), во Грција особено, припадноста на Грчката православна црква, е основен атрибут на националниот идентитет.
2. Во Србија, пак, иако Вук Караџиќ, како еден од основоположниците на српскиот културен идентитет, спаѓа во редот на најголемите заговорници за вонконфесионално поимање на нацијата, националната доктрина се определува со еднаквоста помеѓу нацијата и православието изразено преку СПЦ. Во секој случај, идентификацијата на етничките заедници на Балканот со одредена религија никогаш не била апсолутна. Современите сфаќања, кои се втемелени како основни вредности на ЕУ, се базираат на протестантско-лутеранската доктрина за верата како личен однос помеѓу верникот и господ, односно за секуларна држава во која граѓанинот е основниот конституант независно од неговата верска припадност. За волја на вистината, овој принцип се релативизира кога е во прашање влезот на Турција како муслиманска земја во ЕУ. Впрочем, и кога се зборува за одредена архетипска поделеност помеѓу културно-цивилизациските кругови, што денес е доста присутно, забораваме дека ниту Османската Империја може да се сведе само на Куранот, а притоа да не се земе во предвид наследството од Византија или, пак, без наследството што го добиле тие две империи од античкиот свет. Средбите на културите и цивилизациите на Балканот се историски факт. Тука, како што веќе е речено, сретнуваме најмалку три круга на култура: западноевропскиот (односно католичко-протестантскиот со доминантно влијание на римскиот центар); византиско-православниот и османско (отоманско), исламскиот. Но и сите овие три круга, колку и да се разликуваат меѓусебно, тие не се строго омеѓени. Всушност, станува збор за еден континуиран долговековен процес што некогаш можел да се дефинира како медитерански, цивилизациско-културен круг, а денес се јавува како цивилизациско-културен круг интегриран или во процес на интегрирање во Европа. Според тоа, особено на Балканот не може да се зборува за чисто етничко-конфесионални, етничко-културни или строго етнички омеѓени заедници. Впрочем, колку повеќе копаме по минатото, сѐ повеќе доаѓаме до спознанието дека сенекој однекаде дошол и ги донел своите традиции и вредности, дека на овие простори најдолговечни биле империите што ги почитувале традициите и верските убедувања на народите и ги интегрирале во својата држава. Византија никогаш немаше да опстои под налетот на варварските племиња ако не ги прифаќаше нивните верувања, обичаи и традиции. Проблемот е што во формирањето на нациите на Балканот примарни се културата и јазикот, односно традициите и митовите – историски, верски и културни, а за формирањето на нациите во Западна Европа примарно било формирањето на државата (јазикот на франките е германски, но тие се основачи на француската држава).
3. Кога веќе зборуваме за дезидеологизација или таканаречено препрочитување на историјата, тогаш тоа мора да се одвива во повеќе насоки. Дезидеологизацијата не се исцрпува само со чистење на идеолошката матрица на комунизмот туку мора да ги зафати наслагите на туѓите влијанија, да кореспондира со процесите во соседните држави, особено поради остатоците на етноцентричните стереотипи, кои, директно или индиректно, се однесуваат и на македонскиот национален идентитет. Во спротивно, ризиците од разнебитеноста на вредносниот систем врз кој почива македонскиот национален идентитет се многу поголеми и со подолгорочни последици.
4. Политичкото организирање, во услови на повеќепартиски систем, кое се базира на етничка основа и во себе ги содржи елементите на верска исклучивост, мора да се трансформира врз граѓанинот како основен конституант на цивилната држава. Тоа само по себе продуцира едни поинакви односи од односите што постојат меѓу државите, односи во кои лојалноста спрема сопствената држава се заменува со лојалност спрема соседната, најчесто држава во која е доминантен етносот на кој и тие припаѓаат. Посебен проблем претставува појавата на манипулација со државјанскиот статус.
Ова се само некои напомени, повеќе како повод за критичка научна дебата, која е неопходна во наредниот период на имплементацијата на Договорот за добрососедство и соработка помеѓу Р Македонија и Р Бугарија, но и на интензивирањето на преговорите со Р Грција, во чиј центар се наоѓаат и идентитетските прашања, кои, поради својата сензибилност, но и политички, поточно политикантски интриги, бараат многу поцелосен пристап. В. Костојчиноски