Секој човек носи во себе и белег на распознавање меѓу луѓето и народите. Ние го носиме Сонцето
Сонцето ме љуби дење. Ѕвездите ги љубам ноќе. Сонцето се врти во космосот, но и Земјата се врти околу Сонцето, кое нѐ љуби нас луѓето, животните и растенијата. Ѕвездите живи треперат со боите на виножитото. За Сончевиот систем и галаксијата научив кога се фатив во костец со книгите бележити со астрономија и астронаутика. Ги читав Карл Саган, Артур Милер, Фон Деникен, Фон Браун, Константин Е. Циолковски и други. Прво и второ одделение завршив во училиштето што го носи името на нашиот учител, војвода и револуционер Даме Груев. Трето и четврто завршив во новото училиште што го носи името на нашиот ѕверски убиен херој Цветан Димов од партизанската антифашистичка војна. Класен Бојко Стојановски-Цонче, професор по македонски јазик, кој потекнува од селото Љубанци, Скопска Црна Гора. Во гимназиските години ја посетив Москва.
Пред мене беше мавзолејот каде што е сместен Ленин, култната личност на комунизмот на Црвениот плоштад, паркот на народите „Вјистовка“. Во паркот посебен изложбен павилјон на советската космонаутика, ги гледам: кучето Лајка, сателитот „Спутник“, летала на „Сојуз“, космонаутска облека на Јуриј Гагарин, првиот човек во космосот, и на Валентина Терешкова, прва жена во космосот. Сонот ми се претвори во стварност. Секој човек носи во себе и белег на распознавање меѓу луѓето и народите. Ние го носиме Сонцето. Тоа ни е симбол на државното знаме. Имавме државно знаме со ѕвезда петокрака, и тоа е сонце, но тоа не зрачеше од небото, туку беше идеолошки знак на комунистите и под тоа знаме македонските партизани ја возобновија македонската држава во 1944 година. Тоа го сторија на основа на идеалите на првиот Илинден 1903 година, што е за почит и незаборав. Независност и демократија на македонската држава и повеќепартиски систем во 1991 година. На 12 август 1992 година се усвои ново државно знаме со шеснаесеткрако сонце.
На 3 октомври 1995 година неуспешен атентат врз претседателот Киро Глигоров во Скопје. Македонските малодушни политичари, комунисти преобразени социјалдемократи, под притисок на грчките политичари, на 5 октомври 1995 година го менуваат државното знаме со денешното, кое претставува осумкрако сонце. Денешни дни, утро, со синооката Марија немо разговаравме со поглед. Таа е малото сонце. Од средбата преку ридиштата стигнав право во селото Раштак. Тука ме пречека Љубчо Стевковски-Труба со пријателите. Прекарот Труба му одговара, значи Гласник, кој ни приреди живи пејзажи од убавината на Македонија. Во друштво со домаќинот Труба, проф. д-р Љубомир Кекеновски, Љубчо Раевски, двајцата од Љубанци, Љубчо Груевски од селото Мирковци, газда на ресторанот „Скопски мерак“, сите се од Скопска Црна Гора. Јас потекнувам од таа страна, сега грчка страна на Кожув Планина, од Бело Море, од Егејот.
Сите во дворот сме опседнати со Македонија, нејзината историја и иднина! Љубчо Труба ни прикажа бугарско документарно клипче како Бугарите го величат раштанецот Трајко Попов како бугарски поданик и најголем бугарски игроорец. Присутните пријатели знаат дека со историчарот д-р Марјан Иваноски напишавме фељтон на страниците на „Нова Македонија“, со наслов „Аполон – водач на македонскиот бунт“. Со документи во ракописот потврдуваме дека Трајко Попов бил чесен Македонец, борец за обединета Македонија: Вардарска, Пиринска и Егејска. За таа идеја бил стрелан на 18 август 1946 година, од македонските комунистички власти, кои биле пројугословенски ориентирани. Величествен видиковец кај раштанецот Труба за паметење и пак да се заљубиш во татковината Македонија. Со еден магичен поглед на километри оддалечени од нас се извишуваат Кожув Планина, Солунска Глава и Шар Планина.
Сонцето нѐ грее, а врвовите на планините сјаат од белиот снег над 2.000 метри, се љубат со небото. Пред нас течат реките Треска, Лепенец, Серава, Пчиња, сите се влеваат во реката Вардар, клучна водна артерија на Македонија. Вардар тече кон Солун и се влева во Бело Море (Егејско Море). Глетката ни ја исполни со непокор и надеж за вечна Македонија. Вечерта со професорот Љубомир Кекеновски средба со новинарката Марина Дојчиноска-Гарка, вљубеничка во Античките Македонци и патешественичка до Хималаите, до каде што било Македонското Царство на Александар Трети. Ноќта промоција на книгата првенец „Патописи“ на Лара Прокопиева. Еден од четирите патописи во книгата е на Ернесто Че Гевара. Небото оросено со ѕвезди и полна месечина.
Ѕвездена Македонија. Наредните денови длабоко ме разочара министерот за надворешни работи Никола Димитров, иако сметам дека е паметен и го совладал дипломатскиот занает. Меѓутоа, според мене, направи две недопуштени катастрофални грешки. Првата со донесувањето одлука да се протера руски дипломат, што е недопустлив акт против една од светските сили, која пријателски ја респектира македонската држава и јазик. Тоа се потврди пред неколку месеци со изјавата на претседателот Владимир Путин, кога го кажа значењето на македонскиот јазик. Втората грешка што ја прави, сам оди на преговори за името во Виена наместо да има со себе наши врвни дипломати и професори од правната наука како логистика. Повторно ќе кажам, не знам по кој пат, дека за овој „измислен спор“ треба да се поведе постапка пред лицето на правдата – Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Холандија. Повеќе децении продолжуваме да се движиме по политичко-дипломатскиот слеп 13-ти колосек?!
Авторот е адвокат
(поранешен судија и државен обвинител)