Известување бр. 10122018
Античка или европска Македонија
Во оваа непозната земја гласањето и анкетирањето се инструментите за донесување на однапред донесените одлуки што власта ги спроведува врз основа на однапред донесената одлука од понадвор. Колку понадвор, толку посериозно се спроведува. И, колку понадвор толку попрецизна е целта што треба да испорача полезен резултат за потребите на засолнетиот центар.
Еве пример што веројатно се поставува на гласање или во анкетно обландирано прашање: Дали сакате да бидете Срби или Бугари? Односно, дали сакате да бидете Грци или Словени? Или, дали сте за Партизан или за Звезда?
Некои имаат став дека прашањата се несоодветни и дека нема потреба од такви анкети, бидејќи Македонците се само Македонци! Се разбира, таквите не се земаат предвид, бидејќи анкетите се занимаваат со ексклузивни примероци, а овие ставови не спаѓаат во категоријата. Но колку подолго траат анкетите толку подалечен станува очекуваниот резултат. Како што можете да забележите оваа вака поставена игра изгуби на атрактивноста и надворешниот центар мораше да внесе некои новини затоа што анкетите, и покрај страхопочитта спрема нарачателот, почнаа да стануваат неинтересни за испитаниците дури и учесниците (кои сега беа поттикнувани со извесна сума пари) почнаа да прават комедија преку одговорите!
Прва новина беше создавањето добро платени приватни компании што ќе организираат анкетирање, но тоа беше само предговор за клучната новина – како да се формулира бинарниот избор. Тука (неверојатно) помогна еден домашен политичар што во миг на вдахновение извика: Сакате ли античка Македонија или европска Македонија… Предлогот беше пратен на анализа понадвор… Светските експерти беа шокирани:
1. Само по себе, прашањето е апсурдно!
2. Античка Македонија е идентитет, лична карта на Македонија – нема избор арно или не, тоа минато е дел од континуитетот!
3. Европска Македонија е географско прашање, кое не може да биде избор -Европа има источна граница што се протега повеќе од 1.000 км во однос на Македонија! Западната граница на Европа е Атлантски Океан -помалку-повеќе Македонија е во географскиот центар на Европа!
4. Што има тука да се сака или не сака? Но има тука нешто: Бидејќи, практично е невозможно да сакате да остварите античка Македонија во сегашноста! Според тоа, тој дел од анкетата сигурно ќе биде отфрлен како дилема од секој просечен учесник (гласач) во анкетата. Но втората можност… втората можност…
5. Синтагмата европска Македонија е под позитивна пропаганда, која се надградува на една навика вградена во образовниот систем на оваа непозната земја по WW2 и се именува како „посветла иднина“.
Значи, во бинарниот избор, изборот е само еден – европска Македонија! Но како со географската вистина? Како да се објасни „влезот“ во Европа кога никогаш немало „влез“, а првата држава во историјата на Европа е Македонија?
Ете, како и со другите вистини за Македонија: преименувај и редефинирај! Потоа подари нови учебници за образите што надоаѓаат од иднината – избриши ја традицијата (како недолично минато) и вети „иднина“ што, се разбира, по дефиниција доаѓа во изобилство, но доаѓа еднаш – некогаш, не се знае кога, но сигурно еднаш. На крајот, за да нема простор за размисла, пушти по медиумите еден ист текст што ќе се емитува секои 30 минути со исти зборови и ист редослед изговорен од водител новинар експерт или политичар. Со неколку збора: нема друг избор и ова е последниот воз!
Експертите од понадвор (не можам да дефинирам колку понадвор) ја потврдуваат апсурдната мисла на домашниот политичар како одлично решение за остварување на својот интерес и ги расподелуваат задачите на теренот… Морам да го прекинам известувањето. Има некакви нереди во оваа непозната земја!
Како резиме: анкетата се покажа сериозно неуспешна. Народот не ја прифати анкетата, одговорната комисија го призна неуспехот! Нарачателот е изненаден. Но моќта не прима неуспех. Има 2 топии каде што се произведе успех: во објектот (единствен по многу детали), со три геодетски куполи, и во објектот зад споменикот на ослободителите на главниот град. Во нивната внатрешност сѐ врви како подмачкано. Таму иднината ќе стигне изгледа најбргу.