(По повод 110 години од раѓањето на поетот)
И мене ме потсети Филип, поклоник на Рацин, за јубилејниот датум, 110 години од раѓањето на поетот (1908-2018). Да. Но ние сега со овој темен мртовечки спектакл на преименување, на автодеструкција и самоуништување, кога се вкрстуваат како во некој математички пресек нашиот колективен мазохизам и меѓународниот евроамерикански садизам врз нас, како и елементарно да ја бришеме меморијата на сè што е македонско и свето и што ни го осветлува патот до генезата, праизворот од кој пиеме животодавна вода. Ја бришеме во нас меморијата на хероите, гениите и на сите духовни просветители. Меѓу нив е и Коста Рацин, едно од најкрупните имиња на нашиот идентитет, кому ако повтеме да му изградиме паметник по мера на неговиот гениј и етичка саможртва, нема да стигне ни целата планина мермер од Плетвар. Нема!
Барем досега (или грешам?) не знам некој да го одбележал звучно Рациновиот јубилеј од нашите силни институции, писатели, полуписатели и фарисејски интелектуалци, кои, рака на срце, и благодарение на саможртвата на овој поет и херој, еден од тие што во цутот ги полагаа животите во темелот на татковината, девственици, како што ги викаше нив Блаже Конески, оделе во смрт, многумина од нив и недопрени од женска рака. Како и сите македонски борци во Втората светска војна, градителите на македонската идентитетска палата со име АСНОМ, која сега ја урива нашата умнопомрачена влада со премиерот Зоран Заев.
Рацин како ретко кој ја поседуваше божествената синтеза на херој и духовен гениј. Не велиме и на мудрец. Тоа е друга сорта. Во својот краток живот тој ѝ даде на таа синтеза белег на историја и вечност во контекст на македонската опстојба и колективен нагон за постоење, кој е денес, за жал, на најниското ниво, речиси мртовечки конзервиран од домашните и странските „мајстори на смртта“ (П. Целан). Но и од нашата самоцензура, колебливост, страв и кукавичлак, симптомите на нашата денешна колективна епидемија на духовна и морална болест и распаѓање. Имено, Рацин е тој што нè потсетува денес на сето тоа, драг читателу, и јас навистина се срамам што ѝ припаѓам на оваа гнила генерација Македонци, кои доброволно ја сведнуваат својата идентитетска глава / Името под гилотината на западните и домашните варвари. И тоа речиси без ронка самопочит и каење, што е знак дека сме загубиле секаква врска со Бог и божественото.
А Рацин? Тој воопшто не жалеше да го положи својот живот во темелот на нашето постоење, овозможувајќи им на некои од нас (и јас спаѓам меѓу нив) да се зачнат и родат во белите Мугри на слободата, во оној „силно светнал ден“ кој тој пророчки го најави во својата химниска песна, по елегискиот кантиленски пев, „Копачите“ на крајот од својата славна поетска книга: песна што пулсира во силен седумосмински ритам, карактеристичен за македонското срце и душа и со бетовеновски музички потенцијал што го сретнуваме во „Ода на радоста“ на германскиот гениј, која денешната бриселска политороспија ЕУ без да го праша него (а сигурно ќе одбиеше) ја зеде за химна на нејзината валкана и злосторничка политика.
Рацин заедно со Константин Миладинов, по визија, душа, стил и срце се првите ластовици на разбудената пролет на современата македонска поезија. Едната доаѓа од деветнаесеттото, другата од дваесеттото столетие во кое македонското поетско дрво разлиста во полн сјај како феномен, пуштајќи ги своите стебла и над светските мориња и континенти, оти македонскиот гениј и дух потиснувани со столетија сега бликаат со голем енергетски напон и екстатичност, радувајќи им се на даровите што им ги дал по заслуга Создателот. Нo пред Рацин и асномците беа илинденците, а пред нив, врзани алка за алка, уште редица генерации предци и прапредци, сè до нашата длабока генеза (презрена од нашата влада денес), до Првата етнографска карта на народите на библискиот Мојсеј, во кој Македонија е заведена под своето праиме Китим, според внукот на најмладиот од трите синови на Ное, Јафет, од кого се развива генетската лоза на Македонците. „Кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе“ (Исус). За сето тоа постојат цврсти сведоштва во Стариот и Новиот завет, озаконети со златен земен и небесен царски печат. А Библијата, пак, како што знаеш, драг читателу, не е обичен збир на фантастични религиозни приказни, како што мислат многумина наши недоинтелектуализирани интелектуалци, туку најважниот, покрај религиозен, антрополошки и културолошки документ на западната цивилизација и пошироко.
Рацин сето тоа добро го знаеше за разлика од сегашните безимени и обезименети Македонци, затоа што поседуваше кристално јасна претстава за генезата на својот род. Во одбрана на неа го положи својот живот, за разлика од нас, кои кукавички го стискаме подмишки за да не ни побегне. Односно на Рацин најверојатно насила му го одзеле него, како што сега нам ни го одземаат на сите колективниот идентитетски живот. Оти и јас, драг читателу, верувам дека смртта на поетот на Лопушник во таа јунска преполна со ѕвезди ноќ 1943 е чин на кукавичко предавство, бидејќи, станува сè појасно, уште оттогаш има широк заговор против Македонците и македонизмот, за кој бил свесен и го бранел со животот тој. Рациновата смрт е планирана гибел. Таа има грозоморен шекспировски заплет и сценски амбиент: густа шума, мрачна ноќ, дожд и јанѕа на секој чекор. И, плус, подметнат невин убиец за да биде совршено злосторството. И, ова и таквата смрт на поетот, драг читателу, денес така јасно се вклопува и го осветлува идентитетското злосторство над Македонците. Ист заплет, иста грозоморна сцена, иста гибел. Да беше по некој случај денес жив Рацин, повеќе од сигурно ќе завршеше како прогласен терорист, уште пред оној таканаречен „крвав четврток“, во кој, знаеме, премиерот Заев заврши со едно тенко фластерче на челото, кое го лепеше, збунет, те на левата те на десната страна по телевизиите. А исто така како терористи ќе завршеа ако беа живи денес и Гоце Делчев и Јане Сандански и Димитар Поп Георгиев Беровски, Дедо Илјо Малешевски, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски… и уште цела долга плејада на борци за македонизмот. За Александар Македонски и да не зборуваме. Heгo тој од Муртино го ликвидира како најголем македонски терорист по кратка постапка. Итн. Ликвидација на такви сјајни херои, умови и визионери, драг читателу, од една таква генерација на изроди каква што е нашата, денешната, на гнили Македонци. За срам! За вечен срам!
Рацин ги отвора сите овие драматични теми за нашето постоење и паѓање во идентитетска бездна. Во колективна идентитетска смрт. И не ми замерувај, драг читателу, што во целиот овој контекст повеќе зборувам за Рациновата етика отколку за неговата поетска уметност. Та и таа судбински се влева во неа. Таа е уметност на ниво на архетип на македонскиот колективен дух и душа. На неговата длабока историска рана. Рацин, слично на Константин Миладинов, го откри длабокиот извор на сопствениот јазик, она што, за жал, не му успеа на Григор Прличев. Го откри преку народната песна во која цврсто се амалгализирани поетското и судбинското. Јазик на зборови како големи камења, поголеми и од оние на Стоун Хенџ и другите неолитски светилишта, кои се тркалаат низ историјата, разбивајќи го мракот што ги опашал отсекаде Македонците. Рациновите зборови во „Бели мугри“ се исто така сјајна синтеза на естетското и етичкото. За Рацин не е, како кај Пол Валери, на пример, песната аристократска духовна „свеченост на интелектот“, туку свеченост на болката и радоста истовремено, на родот од кој извира, на неговата историска рана. Од неа, како што е тоа во „Копачите“ и се раѓа крвавата зора на силно светнатиот ден. На Рацин, како човек на сиромасите и пролетерската интернационала, му беше туѓ западниот аристократски естетизам на „чистата поезија“, на самоцелниот нарцистички ларпурлартизам. Затоа, имено, му беше туѓа императивната естетска формула на англискиот романтичар Китс: „во сè да се бара коефициентот на убавината“.
Рациновиот поетски императив, не негирајќи ја убавината како праначело на поезијата, беше: во сè да се бара коефициентот на социјалната правда. И не е никаква случајност што во контекстот на тој и таквиот императив тој ги откри богомилите (и самиот богомил според конституцијата на битието), кои први го подложија на жестока критика официјалното подржавено и корумпирано христијанство, враќајќи му се и возобновувајќи го идеалот на првоапостолската Христова етика меѓу луѓето и социјална правда за сите. Неа тие исто така ја очекуваа од Господ, ранохристијаните со богомилска социјална ориентација, па затоа и ја пееја песната: „Господе, дојди што побргу“. Песна што и нам ни е насушно потребна сега во оваа волчешка ситуација, оти навистина само Господ може да нè извлече од мртовечницата во која нè турнале западните и нашите идиоти за идентитетски да нè снема како негово создание и од лицето на земјата.
Богомилството што го прегрна Рацин беше всушност првобитниот комунизам и марксизам со божествен печат, без разлика на радикалниот гностицизам и дуализам на неговите приврзаници за што сè уште и денес од официјалната Христијанска црква и на Исток и на Запад обележани како црни овци, изроди и шизофрени. Затоа, имено, и беа тие крваво погубени од средновековната инквизиција и богатите феудалци. Последната нивна xepojcка битка беше во Монсегур во Јужна Франција. Но нивното семе не беше залудно и во ветер фрлено. Тие по цели четири столетија најдоа плодна почва кај Лутер во Германија, без разлика што и протестантизмот потоа го искриви и профанизира нивниот етички првоапостолски Логос. Веројатно дека Маркс, иако атеист, поубаво од Лутер и протестантите ја сфати социјалната идеја со Христов печат на богомилите. За Рацин, јасно, и да не зборуваме.
Но привршуваме, драг читателу, оти ми се чини дека ми требаат најмалку уште стотина страници за да кажам приближно сè за таа тема. Ограничени сме. Уште да не заборавам: Рацин, Мисирков и Конески се кристалната, цврста тријада, ’рбетот на нашиот идентитет во 20 век. ’Рбетот што сега со невиден садизам и идиотизам му го кршат нему пршлен по пршлен сегашната квислиншка влада со македонската петта колона и егоистична со ариевски нарцизам фашистички повампирена бриселска ЕУ на нејзините главно колонијалистички сили. Во прв ред: Англија, Франција, Германија, Холандија. Да. Тоа. Го кршат ’рбетот и на таа божествена наша идентитетска тријада и на сите наши херои од минатото, а кои секогаш сепак ни идат од иднината.
Поинтилигентните можат да го сфатат и разберат овој парадокс. Но на сите тие Македонци им се, херои и мартири, прости ми на изразот, читателу, помочавме. Ние нив едноставно со нашиот кукавичлак и гнил морал не ги заслужуваме, и јас се срамам што ѝ припаѓам на таквата генерација, курдисана пред телевизорите и по кафеаните сега кога нè носат во мртовечница како колектив, меморија, постоење. Очајно и бескрајно страшно! Да. Знам некој Конески го нарече неспособен да ја види неговата монументалност, „џуџето од Небрегово“, а друг за Рацин рече дека е „добро што загинал“, што го убиле. Ние сè уште сите нив ги доубивме, како да им е малку нивната мартирска смрт, па уште им додаваме. Сето тоа, пак, ингениозниот Конески, кој како романтичарите, покрај поетска, имаше и пророчка дарба, го предвиде како македонски проклетилак, па во тој контекст и ја напиша песната „Дон Кихот“. Во неа тој вели дека знаменитиот витез-илузионист што се ракува со небото и облаците ја доживеал иронијата на судбината на крајот да го изгазат „свињи со копитца“. Тие кои, имено, со своите „свински копитца“ денес ги газат сите наши македонски Дон Кихоти. Тие свињогазачи што се докопаа со своите кални души, чувства и мисли до власт и моќ за да нè дотаманат и избришат од историската меморија на светот како автентичен исконски народ со неопфатно културно-цивилизациско благо.
Толку од мене сега за сега, драг читателу, до средба во идната среда.