Еврејската дигресија за избран народ и мартирски мит за да направам на тој план една ремарка на македонската индолентност и до безличност придушен молк и затвореност и трпење во сопствената голгота. Космополитизмот што му е иманентен на колективното битие на Македонците од антички времиња е присутен како атавистичко, генетско наследство и денес кај нив. Но тоа ним, од националистички и шовинистички канибали, кои сега ни доаѓаат не само од соседството туку и од подалеку, од Европа, па и од зад океанот, од Америте, повеќе им носел историска штета, отколку корист, доведувајќи ги до сегашниот идентитетски геноцид. Тоа е посебна антрополошка и историска тема. Сега засега мораме поради просторот да се задоволиме само со оваа дијагностичка формулација. Само уште да додадеме дека, наивни во својот космополитизам и слепа верба во правдата и правото, Македонците никогаш не се обиделе и не умееле да ја интернационализираат како Евреите сопствената трагедија, и не како мит што извира од вистината, туку едноставно како Вистина, која е поразна по однос на европската западна цивилизација. Ни сега за овие скоро триесет години од 1990 г. наваму не успеавме да го сториме тоа, како нашиот нагон за постоење и целосно да згаснал. Нас нè нападна со албанските терористи Западот во 2001-та. И што се случи потоа? Македонците испаднаа терористи и угнетувачи, а албанските терористи потпомогнати од западниот НАТО-тероризам беа промовирани во борци за човекови права, и тоа е страшната иронија, перверзијата на либералдемократскиот Запад, за која станува збор во овој текст, драг читателу. Па, ајде и ова сега да го додадеме како критика на хипократското обраќање на Макрон до ЕУ-граѓаните.
Нам, пак, и по нашата идентитетска ликвидација ни останува да се свестиме од историската мора што нè притиснала и да тргнеме напред по враќање на варварски одземената Европа, таква каква што е морално перфидна и нестабилна перманентно ја рефлектира сликата на Протеј како апсолут на сите преобразби што носат профит и благосостојба за себе, а страданија за другите. Виталистички протеј, кој знае да се претвори во сè, да биде сè и да живее секому од кожа како лажен добротвор и демон на темното истовремено, опремен со многу маски и лица. Една од тие карактеристични маски на хипокритскиот западен Протеј е и лажниот хуманизам под името хуманитаризам. Тоа се таканаречените хуманитарни проекти негде пред планирана катастрофа, а некаде по катастрофа, по акциите на западните бомбардери, како што беше тоа и е на Блискиот Исток, па и на Балканот. Но тие хуманитарни западни пакети со храна, лекови и друго речиси никогаш, или сосема ретко се дадени во празно, без повратна добивка. Понекогаш на тој план тие се, како оној перфиден евроамерикански блискоисточен хуманитарен пакет „нафта за храна“, апсолутно, дрско транспарентни. Без пардон? Ќе ви дадеме храна, ама ќе ви земеме нафта, ќе ви ја исцицаме и крвта. А и тоа што се донира како хуманитарна помош на сиромашните од богатиот Запад е честопати со многу сомнителен квалитет, ризичен и по самиот живот. Позната е на пример аферата со западните вакцини од кои се преселија предвреме во рајот, најдоа смрт, многу деца во Романија пред повеќе години. А имаше такви случаи и кај нас во Македонија. Најчесто се донира она на кое му поминало рокот на Запад, со што Западот го гради својот хуманистички имиџ, иако тој е хуманитарен, а не хуманистички, што е, како што се гледа, нешто многу поразлично од хуманизам.
И кој е лекот, прашуваш драг читателу, за хуманизирање и морално и етичко закрепнување на Европа, толку многу аморална, нешто што ни е посебно познато нам Македонците од историското искуство со неа. Тука секако прво на ум ни паѓа христијанството како цврст систем на морални и етички норми во кое доминира концептот на љубовта кон ближниот и кон сè што постои. Но како што вели и Исус, за тоа најпрвин е потребно прво да се поседува љубов во себе за да му се подари истата таа на друг: „Сакај го ближниот како што се сакаш себе.“ Заповедта на Исус во безграничниот, пак, Логос на љубовта е и „Љуби го и својот непријател“. Да. Но Западниот лиералкапиталистички човек нема ни за едното ни за другото ни волја ни сила. Во неговото фаустовско битие, по продажбата на душата на Мефистофел (сатаната), владее речиси до апсолут царството на сетилата, на сетилната наслада и материјалната лакомост за која се отвораат војни и светот се фрла во катастрофи. Гете, кој го предвиде визионерски настапот на светската литература, како еден вид позитивен духовен глобализам за разлика од сегашниот експлоататорски и робовладетелски што го затвора западниот империјализам и, иако паганин-пантеист по нарав сепак длабоко во себе го чувствуваше христијанскиот етос кога вели „Секое страдање има во себе нешто божествено“. Но Западот ниту има смисла за страдање, ниту за божественост. Тој не се обожестви во морална и етичка смисла дури ни по двете големи катастрофи, Првата и Втората светска војна, што си ги приреди самиот тој на еден невиден садомазохистички начин карактеристичен за неговата разнишана темна психа. Од тие две големи морални, душевни и умни помраченија тој не излезе, по примерот на Тезеј низ лавиринтот, од темнина на светлина, од ноќ во ден. А всушност со тоа како почна повторно да се однесува експанзионистички, империјалистички кон светот кратко време по овие две големи негови и светски катастрофи, испаѓа дека тој ниту излегол од темниот лавиринт на својот етос и душа, ниту го убил црниот бик на злото во него.
Ако христијанството, пак, на кое Европа му го врти лицето, одбивајќи ја филозофијата на љубовта и општочовечкиот хуманизам што го нуди тоа, што би можело друго да ја отрезни, морализира и хуманизира неа, сега со бриселски штикли и хипокритски ЕУ-фустан, провиден докрај под кој се гледа целата нејзина голотија како праслика на библиските Содом и Гомор, кои ги надмина таа. На мисла ми доаѓа Ничеовото отфрлање на христијанството, заради неговата аполониска мистика и вкочанетост, и приграбување на распојасеното дионизиство како пијанство, како делириум на сетилата за што зборуваше и Рембо. Како, фројдовски речено, задоволство во и од животот без пардон и без никаква морална и хуманистичка обврска. Онака како што најчесто го гледаме Западот крајно егоистичен, материјално лаком и нечувствителен кон болката на другите, која им ја нанесува тој, каков што е сега случајот и со нас Македонците врз кои за свои потреби тој изврши, без око да му трепне, идентитетски геноцид, кога на, иако софистициран начин перверзно, брутално ги погази сите правни и хуманистички норми и правила за кои божем се залага и врз кои божем се засноваат западната демократија и хуманизам. Чиста лага. Перфидна мимикрија, која ја видовме и во хипокритското обраќање на Макрон до европските земји и граѓани. Ништо нема од тоа за што беа исечени со гилотината на месје Гилотен илјадници глави во Француската револуција, и истекоа реки крв до покривите низ улиците на Париз. Ништо, ни мало зракче, тенка светлинка од демократската и хуманистичка порака и светлина на просветителството, на неговите корифеи енциклопедистите: Волтер, Дидро, Далемберг, Декарт… Ништо. Само канибалистичка борба за материјален профит и владеењето на парите, кој, како што одамна го виде тоа Хелдерлин, ги избриша „трагите на светото“. Она што е всушност човечко, што му припаѓа на човекот како на божествено создание.
Па добро, кој е лекот сепак, постои ли тој за да влезе во исправен морален и хуманистички тек таа цивилизација, прашуваш драг читателу? Не знам. Можеби се потребни за неа некои „горчливи лекови“, како што би рекол Лермонтов во „Херој на нашето време“, кој е всушност, како и Европа денес, антихерој. Европа антихерој многу полош од оној во „Странецот“ на Ками. Од кон сè рамнодушниот и егоист над секоја мерка и мера Мерсо. А кој е тој „горчлив лек“? За жал, тоа е лекот. Можеби уште една голема катастрофа, која, како што тргнале работите, по сè изгледа дека Западот ја подготвува во својата мефистофелска и франкенштајновска лабораторија за другите, но на крајот ќе испадне и за себе. Оти силите на Танатосот кај него и сега како во Првата и Втората светска војна, непосредно пред нив, се посилни од силите на Еросот.
Ѝ нема крај на оваа de profundis тема. Само да потсетиме дека Обединета Европа, како маска сега на европскиот хуманизам и космополитизам пред две столетија и нешто кусур беше замисла и визија на такви личности какви што се тоа Иго и Бакунин. Можеби како награда за тоа, пак, и за некои други гревови демократските Французи го испратија својот литерарен гениј, хуманист и космополит во прогонство во Англија, каде што тој им се посвети на езотеријата и спиритизмот. Разговараше со духот на Шекспир за смислата на животот и судбината на човекот и Европа. Своите спиритистички разговори потоа тој ги објави во посебна книга. Да, Иго и Бакунин се проектантите на Обединета Европа, визионери на чиј европски хуманистички о космополитски концепт сепак денес за жал му се помочаа бриселските ЕУ-политбирократи со нивната антихуманистичка политика на ариевски нарцизам и, сходно на тоа, и расизам. Терминот е можеби пресилен, но е реален. Европската ситуација на Западен Балкан го илустрира на најубав начин тоа. А да не зборуваме за идентитетскиот геноцид на Европа над Македонците што го демонстрира во силна демонска светлина протејското лице на нејзиниот модерен фашизам, кој како што видовме е во континуитет веднаш од крајот на Втората светска војна до денес. Тој континуитет го начнаа, како што веќе констатиравме, американските атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки 1945 г., и Черчиловите англоамерикански бомбардери врз егејските Македонци 1948 г. како поткрепа на грчките монархофашисти. Сегашниот случај, пак, со нашиот идентитетски геноцид веќе отворено дава до значење дека новата протејска маска на западниот европски фашизам е тука на дело, и дека таа по Македонија, која е прва жртва на тој експеримент, ќе го открива западното либералкапиталистичко демонско лице и кај други народи за да се заведе проектот на новиот светски поредок: корпоративниот бездушен глобализам и робовладетелство во кое, како што предвиде визионерски и нашиот Кочо Рацин, сиромашните и понижените ќе си копаат „за туѓи бели дворови црни гробови“. Ги нема сега ни Иго ни Бакунин, ни Волтер да ја спасат етиката и хуманизмот на Европа што ги заговараше просветителството. За проектот на тој спас се покажаа неспособни бриселските политбирократи: Могерини, Хан, Туск, Вајгл, Жбогар… Тие се гротеска, ликови достојни само за перото на еден гениј каков што е Гогољ, за неговата галерија на типови на полуидиоти во „Мртви души“: Ноздрјов, Пљушкин, Собакевич, Коробачка…
Тоа е тоа. Се отвора хоризонтот на катастрофата. Не станува само збор за хистеричниот макартизам на Европа дојден од прекуокеанска Америка против Русија, туку воопшто за целосната разградба, а целосната атрофија на нејзиниот морал и етика, заслепена од материјалниот профит, од лакомоста што неа ја бутка кон заслепувачката хистерија. Можеби, нема сомнение во тоа, нејзиниот фашистички потег кон Македонците со нивната идентитетска ликвидација е, имено, и најјасниот знак на нејзината блиска катастрофа што ја заслужува за евентуално да се облагороди морално и хуманистички. Оти денес во Европа идејата, визијата на Гоце како поле за културен натпревар меѓу народите и на Гете за човекот како ремек-дело што трае е укината на сите нивоа. Можеби, да заклучиме, сега Македонија е истрелот на Гаврило Принцип, кој треба да ја разбуди неа. Истрелот што таа го впери против Македонците, но ќе ѝ се врати како бумеранг. Оти таа го заслужува него, таква каква што е не само кон Македонците, туку и кон некои други народи. Оти на крајот на краиштата и правдата е подложна на некој божји и космички закон. Оти како што пишува во средновековниот роман за Александар Македонски: „Господ Бог ја избра Македонија заради слава своја“. Но на Македонија, драг читателу, што ја избра Господ Бог, како што вели и апостол Павле во своите посланија „за спасение на светот“ оваа Европа на Хан, Туск, Могерини и сличните бриселски политидиоти што ја фашизираат неа ѝ се помочаа, повтеа да ја избришат, заедно и со Заев и Димитров. Се разбира, притоа бришејќи се себеси. Оти Македонија ќе воскресне, затоа што не случајно најревносниот Исусов апостол во Троафа го пречека и доведе во неа Македонецот, а не некој друг: Англичанец, Французин, Грк, Бугарин, Американец, Германец… А тоа е јасен знак, кој допрва треба да огрее со светлина над фашистичките сенки на модерна бриселска Европа.
(крај)