„Златниот рид“ не стана филмски град на Битола, каде што ќе се снимаат интересни филмови или ТВ-серии. Но битолчани тој мегаломански проект долго ќе го паметат како хорор-филм во кој беа вклучени без да бидат прашани и без консултација со нив. А на дилемите за потеклото на звучниот назив на овој мегаломански проект што го лансира поранешната власт, нешто на шега, нешто и сериозно, одговараат дека претходното општинско раководство на просторот околу некогашната касарна гледало како на златна кокошка, која барем на дел од нив им несела златни јајца
Кога пред неколку години тогашниот министер за одбрана Зоран Коњановски му ја предаде на владение касарната на сега веќе бившиот градоначалник Владимир Талески, тој, пресреќен од „подарокот“ на најатрактивната локација во градот, со површина од повеќе стотини хектари, касарната ја преименува во „Златниот рид“. Од тој момент касарната во која претходно воениот рок го служеа голем број војници и која располагаше со голем број објекти, ресторан, павилјони, работилници, спортски терени, средена инфраструктура и огромни зелени површини и дрвја, прекуноќ го доби името „Златен рид“.
Како по директива, од тој момент во официјалната комуникација во Битола, особено на општинската администрација и градоначалникот Талески, се употребуваше само тој назив. Нешто подоцна, откако покрај објектите, и земјиштето околу касарната ѝ беше (пре)дадено во владение на општината Битола, речиси без никаква јавна расправа во Битола беше промовиран проектот „Златниот рид“.
По налог на општината, во тој проект беа вцртани објекти што тогаш ги замислија градоначалникот Талески и неколкумина негови најблиски соработници. Според тој план, на просторот требаше да се изгради еден нов град, за најмалку 5.000 жители. Предвидуваа 175 куќи, 20 нови високоградби (згради), потоа резиденцијален дел за изградба на најмалку 12 хациенди од по неколку илјади квадрати, аквапарк, паркови, нова полициска станица, противпожарна зграда, неколку трговски центри, хотели, ресторани, црква, училишта, градинки, затворен базен за пливање, филмски град со филмско студио, како и висока кула со панорамско тркало, од каде што битолчани ќе можат да уживаат во погледот не само на новиот туку и на стариот град…
И навистина, гледајќи го тогаш тој проект, се добиваше впечаток дека поранешната касарна навистина ќе стане „Златен рид“, кој ќе ја прероди Битола.
Битолчани, кои тогаш имаа пари и им поверуваа на таквите ветувања и мегаломански планови, веднаш побрзаа и на првата електронска аукција што се одржа, за по едно евро за квадратен метар ги купија речиси сите парцели за изградба на индивидуални куќи, а нешто подоцна, уште при првото наддавање, беа продадени и сите објекти на кои требаше да се градат станбените згради. Веднаш беа распродадени и локациите за изградба на хациендите во резиденцијалниот дел.
Замислената населба беше буквално (рас)продадена.
Но иако беше најавено дека на „Златниот рид“ прекуноќ ќе никнат огромен број објекти и дека Битола конечно ќе добие еден нов град, тоа не се случи. Напротив, „Златниот рид“ не само за инвеститорите и за тие што купија парцели туку и за новата општинска администрација стана ноќна мора.
Иако се сметаше дека од продажбата на парцелите ќе се соберат доволно пари за изградба на новата инфраструктура, од засега непознати причини парите не се вложени во изградба на инфраструктурата, а околу 6,5 милиони евра од платените комуналии се дадени како „заем“ во индустриската зона „Жабени“, наводно, за (до)изградба на тамошната инфраструктура.
Таквата „пренамена“ на парите едноставно ги закочи работите во „Златниот рид“ и таму, освен на две-три станбени згради и неколку индивидуални куќи, кои сега се градат, речиси нема некакви други активности. Најголемиот број од тие што купија парцели или станови, во изградените две-три згради, поради неуредната околина и речиси никаква инфраструктура, буквално го колнат денот кога купија локации или станови. Инвеститорите што ги изградија зградите, поради неуредениот простор, се одлучија штетата што ја претрпеле, поради неможноста да градат или да ги продадат веќе изградените станови, да се обидат да ја наплатат преку суд.
Денес во Битола никој повеќе не го спомнува „Златниот рид“. Како што пред неколку години тогашното општинско раководство, предводено од Талески, прекуноќ, касарната ја преименува во „Златен рид“, така сегашната општинска администрација и градоначалничката Наташа Петровска прекуноќ го избриша терминот од локалниот речник и го вратија старото име – Касарната.
Но „преименувањето“ на просторот, по сѐ изгледа, воопшто нема да го реши проблемот, кој, наместо да го позлати, го зацрни градот.
Новата општинска администрација во последно време мака мачи како да ги врати 2,5 милиони евра кредит што од Светска банка ги подигна претходното раководство за (до)изградба на инфраструктурата во касарната. Иако во последно време се прават напори донекаде да се реши проблемот со инфраструктурата и колку толку да им се создадат услови за градба на луѓето што купија парцели таму, сепак се чини дека ни тие пари нема да бидат доволни, па новото општинско раководство деновиве најави подигнување нов кредит.
Парите вложени во уредувањето на инфраструктурата во индустриската зона Жабени, поради малиот интерес за инвестирање, засега не се враќаат.
Така, „Златниот рид“ не стана филмски град на Битола, каде што ќе се снимаат интересни филмови или ТВ-серии. Но битолчани тој мегаломански проект долго ќе го паметат како хорор-филм во кој беа вклучени без да бидат прашани и без да се консултираат со нив. А на дилемите за потеклото на звучниот назив на овој мегаломански проект што го лансира поранешната власт, нешто на шега, нешто и сериозно, одговараат дека претходното општинско раководство на просторот околу некогашната касарна гледало како на златна кокошка, која барем на некои од нив им несела златни јајца.