Изненадува леснотијата со која се прифаќа идејата за нови граници на Балканот. Наеднаш, вечно забранетата тема, која во сегашниот дипломатски жаргон се споменува како „мала корекција на границите“, станува прифатливо решение за спорот помеѓу Белград и Приштина. Затоа, цртањето нови карти не треба да се сфати како волја на двете заинтересирани страни, без да се земат предвид и интересите на другите земји во регионот, во кои има структури што сѐ уште сонуваат за остварување на некои мрачни соништа од минатото
Нова карта на која се обележени некои територии на Србија и на Косово што меѓусебно би ги размениле двете земји, како конечно решение на косовското прашање, изминатата недела беше масовно споделувана од медиумите во регионот. Ова не е првпат граѓаните од овие простори да гледаат нови мапи за некои нови граници и за нови поделба на територии, цртани според „големодржавните“ апетити на најзакоравените националисти на Балканот. Но тоа што особено привлекува внимание за најновата карта, која е правена по етнички принцип, е што прво беше објавена од сериозни агенции и медиуми од Германија, што на целата приказна ѝ дава посебна тежина. Мапата веднаш беше примена како готова работа од дежурните бранители на националните интереси и оние што веруваат во тајната дипломатија. Се разбира, таквите констатации не се без основа, ако се има предвид фактот дека претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, без некои задршки изјавуваа дека „разграничувањето“ е една од опциите за решавање на долгогодишниот спор помеѓу Белград и Приштина. Поради тоа и објавувањето на најновата карта за размена на територии беше сфатена и како обид да се испитаат реакциите од јавноста во двете земји и да се разубедат противниците на концептот што отворено се пропагираше од актуелната владејачка гарнитура во Србија.
Картата за новите граници на Балканот нѐ потсети на подзаборавената средба на последните балкански „картографи“ Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, пред повеќе од 25 години во познатото место Караѓорѓево, на која се договараше поделбата на Босна и Херцеговина. Оттогаш постои и митот за тоа дека двајцата национални лидери на салфетки ги повлекувале границите на териториите на кои живееле мнозинство Срби и Хрвати. Последиците од оваа средба се катастрофални и се бројат со милиони убиени, исчезнати и раселени лица. Затоа и изненадува леснотијата со која се прифаќа идејата за нови граници на Балканот, а која претходно беше отфрлана и од големите центри на светската дипломатија. Наеднаш, вечно забранетата тема за нови граници на Балканот, која во сегашниот дипломатски жаргон се споменува како „мала корекција на границите“, за одредени кругови станува разумна опција под услов за тоа да се согласат двете страни, односно од Белград и Приштина!? Засега нема официјална потврда за постоење на конечен договор за размена на територии меѓу Србија и Косово. Тоа го отфрли и еден од главните промотори на идејата за разграничување, Александар Вучиќ, по обвинувањето на опозицијата дека се откажал од суверенитетот на Србија. Српската опозиција го обвини дека ова е покритие за признавањето на независноста на Косово.
Конечната одлука по сѐ изгледа е во рацете на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ, кој се наоѓа пред сериозна одлука. Дали ќе ја исполни старата идеја промовирана од познатиот писател Добрица Ќосиќ за поделба на некогашната покраина или тој ќе ја доживее истата судбина како и сите претходни премиери на Србија, и тој ќе падне поради Косово
Проблемот помеѓу Белград и Приштина не може да се реши само со „обично“ разменување на неколку општини од двете страни туку тоа подразбира и некаков поширок план, за кој постојат сериозни разлики во ставовите меѓу политичките водства во двете земји. Очигледно српскиот претседател е изложен на сериозен притисок од САД, кои бараат затворање на косовскиот проблем оваа година. Ова било главната порака на главниот директор за европски прашања во Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Ерат, и директорот за европски прашања во Советот за национална безбедност на Белата куќа, Вилијам Бред Беркли, која му била пренесена на шефот на српската дипломатијата Ивица Дачиќ за време на дводневната посета на Белград и состанокот. Наспроти ова се изјавите од поранешната известувачка на Европскиот парламент за Босна и Херцеговина, Дорис Пак, која оцени дека не смее да се дозволи промената на границите на Балканот. „Ако започне еднаш, тоа е почеток на крајот“, изјави таа во интервју за Радио Слободна Европа. На ова се надоврзува и ставот на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој постојано се повикува на правото на одвојување од БиХ, доколку Косово биде признаено во Обединетите нации. Во тој случај и Хрватите би ја искористиле можноста за „разграничување“ од сегашната федерална заедница.
Последните случувања упатуваат на тоа дека кај креаторите на надворешните политики во Вашингтон и Брисел, па и во Москва, која покажува извесна резервираност но со нагласена поддршка на српската страна, нема јасен став за тоа што би се добило со прифаќањето на предлогот за размената на територии. Опасноста од избувнување нови конфликти на Балканот сѐ уште е присутна, затоа што има одредени структури што нема да се согласат со цртањето на новите граници. Затоа, цртањето нови граници на Балканот не треба да се сфати како волја на двете заинтересирани страни, без да се земат предвид и интересите на другите земји во регионот, во кои има структури што сѐ уште сонуваат за остварување на некои мрачни соништа од минатото.
Пред нас е период на нови тензии и исчекувања, во кој ќе следува конечното расплеткување на косовскиот јазол. Конечната одлука по сѐ изгледа е во рацете на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ, кој се наоѓа пред сериозна одлука. Дали ќе ја исполни старата идеја промовирана од познатиот писател и српски идеолог Добрица Ќосиќ за поделба на некогашната покраина или тој ќе ја доживее истата судбина како и сите претходни премиери на Србија, и тој ќе падне поради Косово, како што вели политичкиот коментатор на „Политика“, Александар Апостоловски. Да потсетиме дека кај нашиот северен сосед опстојуваат тврдите национални сили, кои Косово го сметаат за нераскинлив дел на Србија.