Со години се говори и говориме колку ни се потребни одредени податоци. Истите тие се во функција на разни пресметки во сите сегменти од живеењето во државата. Сметам дека не е потребно да се набројува каде сѐ имаат примена тие податоци и за какви цели, бидејќи тие што постојано коментираат и бараат, не го прават тоа случајно. Но бидејќи во земјава веќе 19 години нема спроведено попис, а во меѓупописниот период се прават само процени на население, за нив се вели следното: „Нема точни податоци додека не се направи нов попис на населението“. Затоа, и самиот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека заводот нема точни податоци додека нема нов попис. Заводот за статистика не може да даде или да избегнува да даде какви било информации бидејќи тие не се точни. И серија низа податоци што се објавуваат е прашање колку се точни, вели директорот на заводот. Тоа значи дека во изминатиот период од 19 години сите пресметки што се прават од заводот за статистика, а се врз основа процени на населението, не се точни.
Истовремено треба да се напомене дека годишно се прават многу, многу пресметки во многу, многу сфери што се темелат врз основа на бројот на населението. И поради тие причини по прекинувањето на пописот во 2011 година се побара веднаш во 2012 година и 2013 година во Собранието на сега Северна Република Македонија со предлог-закон да се спроведе веднаш попис на населението. Но, за жал, тогашната влада односно на седница на парламентот таквите предлози не беа прифатени.
Со промената на власта, да речам на Владата, во нејзиниот состав или оваа влада се зафати и се ангажира за подготовки на попис. И истите тие ги започна.
Само да напоменам дека препораките за попис и негово спроведување во 2020 или 2021 се донесени уште во 2015 година. Што значи тоа? Тоа значи дека земјите-членки на ОН се задолжуваат во наведениот период да спроведат задолжително најмалку еден попис на населението.
Секако, би требало, а и така е редот, надлежната статистичка институција да ги има започнато тие активности во согласност со тие препораки. Истото тоа се виде и излезе на виделина уште во октомври 2018 година, кога Државниот завод за статистика како надлежна институција за подготовка, организирање, спроведување, обработка и објавување на податоците, работеше сериозно.
Се објави во јавноста дека Државниот завод за статистика подготвил нацрт-закон за попис на населението и го доставил до Владата на Република Северна Македонија за разгледување и натамошни постапки. Како течеле активностите околу неговата подготовка, не се знае многу. Сметам дека немало широка, јавна, транспарентна и сеопфатна расправа за тој закон од страна на заводот за статистика.
За жал, во однос на истиот закон, директорот на Државниот завод за статистика имаше изјава дека законот е доставен до Владата и дека до крајот на 2018 година или почетокот на 2019 година, односно до февруари, ќе биде донесен од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Потоа преку свои лични коментари, мислења и изјави на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, излегоа во јавноста небулозите околу непоставување на прашањето за етничката припадност во неговото спроведување. Околу оваа негова изјава излегоа низа коментари, забелешки и расправи во јавноста. Мислењето можеше директорот Симовски да си го зачува за себе, бидејќи е негово, или да го сподели на разни расправи во многу, многу кругови на научни институции, експерти, стручњаци, познавачи на проблематиката итн. На крајот што се случи?!
Законот за попис на населението по повеќе месеци, дури во мај 2019 година, беше усвоен како предлог од Владата и доставен до Собранието на Република Северна Македонија. И што натаму? Повторно по изминати пет месеци, тој предлог-закон за попис на населението сѐ уште не е ставен на дневен ред на седница на Собранието на Република Северна Македонија. Колку што е информирана јавноста, два-три пати требаше да расправа надлежна комисија во Собранието, но, за жал, тоа се одложуваше и до ден-денес нема ништо конкретно направено, односно тој не е донесен. Во јавноста само малку нејасно и недоволно транспарентно се кажа дека има неслагање со законот од некои опозициски партии. Истовремено се кажа дека имало некои средби, консултации, договори, разговори за самиот закон. На виделина и од тоа многу нема ништо објавено и кажано, колку средби се одржани, какви се забелешките, што е прифатено, што не е прифатено и слично. Единствено се знае дека законот за попис на населението за спроведување во 2020 година сѐ уште не е донесен. Каде и кај кого е вината, каде е кочницата, во што се неслагањата, сѐ уште во јавноста нема никаква информација.
Сето ова од стручен аспект значи дека попис на населението, домаќинствата и становите во 2020 година не може да има. Сега се поставува прашањето зошто. Затоа што се вели дека пописот на населението е најголема, најобемна и најскапа статистичка операција, која бара масовно учество на учесници и милионска сума финансиски средства. Затоа што не случајно препораките за попис на населението не се носат пет години пред неговото спроведување. Затоа од кој било аспект е невозможно донесување на закон само неколку месеци пред неговото спроведување, имајќи ги предвид потребните активности за подготовка. Само за информација, многу земји што спроведуваат попис на ист начин како нас, или имаат донесено закон или се во тек на донесување, а пописот ќе го спроведуваат во 2021 година. Што значи тоа?
На крајот, повторно, колку се потребни податоците од пописот е непроценливо за земјата во сите области и подрачја од секојдневието. Затоа, во барањата од многу институции како владини и невладини постојано се истакнува ова прашање, а сето тоа поради потребните податоци од кои се твори иднината на земјата. Истите податоци се потребни посебно за проблемите со изборите од сите аспекти, изборни единици со избирачи, големина на избирачкиот список, неговите фантоми во него, кој ги има, а некој вели дека ги нема итн. Тоа значи дека навистина нема потреба од пошироко елаборирање од потребите за податоци што се добиваат, единствено само од спроведување попис на населението, домаќинствата и становите.
Авторот е демограф аналитичар