проф. д-р Кирил Темков

Една од најпознатите етички пораки на современото човештво, што може да се види на многу места, по ѕидовите, во книгите, на постерите… гласи:
„Никогаш не повредувај никого, помагај секому“!
Бидејќи секому му е потребна помош и може да се каже дека луѓето живеат заедно за да можат да си даваат меѓусебно помош.

Помошта е мал напор за оној што може да помогне, а огромен придонес за оној кому му се дава. Насекаде по светот обврска за секого е да им дава милостина на бедните и гладните, да им помага на болните. Не е срамота да се даде помош, тоа е морална задача за луѓето. Впрочем, тие го добиваат и својот живот од другите. Тие постигнуваат нешто навистина големо со својот труд, но и со помош и покажување од другите. Имаат благодарение на заедничкото живеење и системот за обезбедување опстанок и прогрес. Затоа мора да бидат свесни и дека сѐ што знаат, имаат поседуваат, располагаат е создадено и со учество на некој друг, па затоа и треба и тие да даваат. Тоа е некој вид одговор на заедничкото помагање. Тоа е фер и нужно е.

Никој не знае кога и нему ќе му биде потребна некаква помош. За да има благонаклонетост меѓу луѓето, секој треба да ја шири оваа етичка добродетел.
Помошта е нормална и неопходна и меѓу врсниците, меѓу луѓето во една дејност или меѓу оние што на некој начин се блиски – заедно учат, спортуваат, живеат во исто маало, имаат исто хоби, боледуваат од иста болест…

Млади пријатели, не воздржувајте се да му подарите некоја тетратка, книга или молив, касета или цеде на оној што не може да го има тоа. А ако знаете нешто, тоа несебично споделете го со секого кому му е потребно. Така и настанало светското знаење.

Помошта е правење добро. Како што за доброто е важно тоа да биде направено, така и во помошта не е важно непосредното враќање. Некогаш тоа е нужно, некогаш тоа е услов за да се добие помошта и претставува незаобиколна обврска. А понекогаш помошта ќе му биде потребна токму на човекот што порано ја дал или на неговите, при што може да стане збор и за некаков друг вид помош. На таков начин се воспоставува низа од морално дејствување меѓу луѓето.


Етичка мисла

Помогни си себеси, тогаш и секој ќе ти помогне.
Фридрих Ниче, германски филозоф