Добро е што предрасудите кон домашните автори не се повеќе толку очигледни, благодарение на појавата на нови писателски гласови што отвораат нови светови, интересни за новите генерации читатели. Како и да е, не смееме да дозволиме домашните книги, особено класиците, да останат во тесните кругови на професионално интересирање и на посветените читатели, што е добро за нивното „преживување“, но не и за полнокрвен живот на една национална книжевност. Читањето домашна литература не треба да биде исклучок, туку правило
Книжевноста е каталог на моменти што се одамна проживеани, зачувани меѓу веќе остарените и пожолтени страници. Освен што книжевната класична литература е уметност што ја чува историјата на животот, таа е и каталог на политичките, историските, социјалните и културолошките услови, но и сосема лична слика на еден народ, оттргната од заборавот и зачувана за поколенијата. Зборувајќи за значењето на книжевноста, без нималку претенциозност, може да се каже дека нашата безвремена книжевност (Славко Јаневски, Ѓорги Абаџиев, Ташко Георгиевски, Стале Попов, Владо Малески, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Блаже Конески…) е можеби една од највредните историски придобивки што ги имаме, особено откако 21 век стана век на инстант-литературата. Но, како никој повеќе да нема ни време ни желба да се занимава со некои сериозни дела што, наместо да „разонодат“, повеќе од неопходното тераат на размислување за смислата на животот. Но, навраќањето на некои од можеби нашите највредни испишани страници е исконски важно, особено за новите генерации читатели.
Токму ова беше и поттик за организаторите на шестото издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“ со организирање на тркалезната маса на тема „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“, на која учествуваа единаесет писатели и издавачи, гости на фестивалот. На трибината, под модераторство на Владимир Јанковски, учествуваа гостите на фестивалот: Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија, македонските автори Ермис Лафазановски и Александар Прокопиев, како и членовите на „Скопје фелоушип-програмата“: Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јаника Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија, Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција…
Зборувајќи за значењето на книжевноста, без нималку претенциозност, може да се каже дека нашата безвремена книжевност (Славко Јаневски, Ѓорги Абаџиев, Ташко Георгиевски, Стале Попов, Владо Малески, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Блаже Конески…) е можеби една од највредните историски придобивки што ги имаме, особено откако 21 век стана век на инстант-литературата. Но, како никој повеќе да нема ни време ни желба да се занимава со некои сериозни дела што, наместо да „разонодат“, повеќе од неопходното тераат на размислување за смислата на животот. Но, навраќањето на некои од можеби нашите највредни испишани страници е исконски важно, особено за новите генерации читатели
Одлично друштво, кое се обиде да одговори на некои важни прашања за причините за падот на културата на читање и посебно на рецепцијата на класиците денес, што за утеха не е проблем само кај нас, или во регионот, туку воопшто во светот. Јанковски на почетокот на дискусијата го цитираше големиот Мирослав Крлежа, кој рекол дека „книжевните класици или големите дела се дела за кои сите знаат сѐ, а никој ги нема прочитано“. Во таа насока, тој сподели анегдота со македонски писател, кој во една пригода му рекол: „Никогаш не би сакал да станам дел од задолжителната лектира затоа што децата ќе имаат отпор да ме читаат“.
И навистина бил во право. Децата денес генерално малку читаат, а класичните дела се дефинитивно последни на нивната листа. Застарените и пожолтени изданија на овие книги, како ни тоа што се ставени во задолжителната литература, нималку не одат во прилог на нивната популаризација. Ниту, пак, големиот владин проект „130 тома македонска книжевност“ помогна во таа насока – книгите завршија во библиотеките, кои не се баш најпосетуваните места од новите генерации. Да им се даде нов сјај на книжевните класици, тоа е еден од начините да се зголеми нивната рецепција денес. А во тоа би можело барем малку да се успее со модерни реизданија на „старите“ автори, со нивна достапност онлајн, со малку поинвентивна маркетиншка кампања…
Гостинот на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, Џон О’Брајан, чија издавачка куќа има објавено класици на балканската книжевност, говореше за пристапот во објавувањето класик или не толку познат автор.
„Ние конкретно преведуваме автори што никогаш претходно не биле преведени, без разлика дали е класик или нов автор. Користиме евтин маркетиншки трик, не објавуваме нова книга сѐ додека не се потроши претходниот тираж… Но морам друго да кажам, во САД култура на читање речиси и да не постои. Ние имавме златна доба со Хемингвеј, со Фицџералд и, за споредба, можам да ви кажам дека во земја со 320 милиони жители, во 1930-тите години имаше 50 илјади читатели. Во 1950-тите години имаше 30 илјади читатели. Нема разлика во пристапот, нема официјална формула во таа насока, важно е да ги почитуваш и добро да се однесуваш кон авторите и читателите, сите на ист начин, да ги најдеш најдобрите преведувачи и тие 30.000 читатели. Но мора да сте трпеливи“, рече Џон О’ Брајан, споделувајќи го своето искуство, кое покажува дека и на американскиот пазар почитани се современите автори.
Македонските учесници на тркалезната маса, пак, посочија дека за македонското издаваштво е карактеристично тоа што во последниве 10-15 години соодносот на објавување современа литература во превод наспроти класиците е 90 наспроти 10 отсто. Кризата на читателскиот вкус е очигледна, има голем пад и се случува во последните декади, беше заклучокот на писателите и издавачите.
Дефинитивно треба да се најде модул за тоа како да се приближат македонските книжевни класици до новата читателска публика. Треба прво да се преиспитаат причините поради кои домашната книжевност во изминатите дваесетина години ја изгуби улогата што со децении ја имаше во очите на читателите. Затоа што придобивките се многубројни: од зачувување на делата што се од непроценлива важност за македонскиот јазик и македонската нација до обезбедување бесмртност на највредните дела од современата македонска литература.
Единствено што во моментов е утешно е сознанието дека современата домашна книжевност, благодарение на новата генерација македонски автори, сѐ повеќе добива популарност. Ретко кој странски автор доживува повеќе изданија во Македонија, додека дел од домашните автори сѐ почесто успева да стигне до втори, трети, па и четврти изданија. И издавачите се согласни дека кај нас сѐ почесто се поддржуваат и купуваат книги од домашни автори, и тоа е за голем поздрав. Иако преведените книги можеби сѐ уште уживаат статус на популарност, факт е дека нештата се менуваат во позитивна насока. Останува да се надеваме дека не станува збор само за некакво помодарство или тренд. Добро е што предрасудите кон домашните автори не се повеќе толку очигледни, благодарение на појавата на нови писателски гласови што отвораат нови светови, интересни за новите генерации читатели.
Како и да е, не смееме да дозволиме домашните книги, особено класиците, да останат во тесните кругови на професионално интересирање и на посветените читатели, што е добро за нивното „преживување“, но не и за полнокрвен живот на една национална книжевност. Читањето домашна литература не треба да биде исклучок, туку правило.