Пред една недела, маршот на гордоста и парадата на гордоста се разминаа во главниот град, решително и навидум со големи чекори. Додека нивните поворки го газеа вжештеното македонско тло, се сетив на една поинаква парада, во која се гази лесно и навидум со мали чекори. Таму гордоста ја нема испишано на пароли. Се маршира (ако може така да се именува танцувачкиот чекор на учесниците) за достоинството на човековиот труд во производството на храна и едноставната убавина на нејзиното консумирање. Пред три години имав можност да присуствувам на таа парада, парадата на Тера Мадре (Мајката Земја) во Торино, Италија.
Како творба на движењето „Слоу фуд“ (за добра, чиста и правична храна за сите), Тера Мадре се заснова на убедувањето дека консумирањето храна е производствен акт, а производството е гастрономски акт. Замислена да им даде глас и видливост на малите производители, Тера Мадре ја „прешива“ скинатата папочна врска меѓу светот на фармерот и оној на потрошувачот. Малкумина денес го познаваат својот пекар или млекар, личниот создател на храната што стигнува на трпезата, што до пред две-три децении и не беше необично, но тие се веќе отуѓени, не само еден од друг туку и од резултатите на сопствениот труд (една прекрасна лектира на оваа тема е „Марковалдо“ од Итало Калвино).
Веќе три децении „Слоу фуд“ ја бие битката на Давид и Голијат со масовниот начин на производство и глобализацијата на земјоделството и гастрономијата, кои со подемот во дваесеттиот век ги бришат границите со диверзитетот што го негуваат – ризниците на локални сорти и локалното кулинарско наследство, полнејќи ги нашите трпези со брза храна и со производи од супермаркетите што сè помалку личат на храна, дури зелените пазари осиромашуваат со мириси, бои и вкусови, на сметка на нивното збогатување со адитиви, пестициди и тешки метали…
Карло Петрини, основачот и „пророк“ на движењето, ќе рече дека „вкусовите, како и идентитетот, имаат вредност само кога постојат разлики“. Кога се негуваат.
Парадата на Тера Мадре не е само парада туку многу повеќе од тоа – форум за размена на идеи и традиции меѓу производители и потрошувачи (кои во духот на слоу фуд филозофијата се именуваат како копроизводители) од различни земји, размена на семиња од локални сорти зачувани од „бабите“, плодови со кои сме растеле, вкусови и мириси како „сликари“ на детството… Најпосле, Тера Мадре е пофалба на различноста од култури и приказни, енергии и ритми што тргнуваат од Италија, преку целиот Балкан, до Сенегал и Јужна Кореја… Палетна трпеза од љубители на добриот вкус и Мајката Земја, каде што секој може да размени со другиот дел од зачуваното гастрономско наследство во чинија, чаша или збор. Најдобро во сите нив. И по три години, еве, уште ги слушам во душата барабаните на африканските учесници и заразната радост на нивното пеење по улиците на Торино… Но Торино ме потсетува и на плачот на Фридрих Ниче.
Според легендата за настанот, на истите улици започнува душевното растројство на филозофот, откако бил сведок на камшикувањето на еден коњ од својот коњушар. Ниче, отуѓениот од луѓето, почнал да плаче и ја прегрнал главата на коњот во потресно сочувство со животното. „Скршнува од патот по кој човештвото, господарот и сопственик на природата маршира напред“ (од „Неподнослива леснотија на постоењето“).
Пред Ниче, во слична сцена на ужас „плаче“ и Раскољников во „Злосторство и казна“: сонува кошмар, во сонот Раскољников е дете на вечерна прошетка со татко си. Наидуваат на сцена на камшикување на кобила, немоќна да ја повлече запрегата преполна со луѓе. Пијаниот сопственик на кобилата (ликот на Миколка) настојува да го натера животното што не може да се помрдне – да галопира, удирајќи го со сета сила и од секаде. Кобилата се грчи од болка. Камшикувана е врз очите. Камшикувана до смрт. Малиот Раскољников ги бакнува мртвите очи на животното, а татко му го одвлекува од подивената толпа: „Не е наша работа“, му вели… Раскољников се буди и подготвува за своето злосторство. Во него, на едното око спијат и животното и камшикарот. Го оставам Раскољников и се враќам на „нашите“ паради и маршеви.
Маршот го засилува чувството на припадност. Го топи стравот во оние што маршираат, ги лепи поблиску во редовите и вербата да истраат во својата мисија и сон. Луѓето маршираат „за“ или „против“, за права или за повеќе права. За љубов или мир. Понекогаш, ако се многу несреќни и очајни – маршираат за војна. Парадираат за гордост, некогаш со предрасуди, а некогаш без нив, а често поради изгубено или загрозено достоинство, или едноставно поради страв. Некои „за рака долари“ или златници. Други за сендвич.
Човештвото е растргнато меѓу маршеви и паради, а особено е растргнато надвор од нив. Затоа и маршира. Сепак, не се најопасни парадите со застрашувачки пароли, туку оние најтивките, незабележливи, речиси срамежливи, кои газат на меки потпетици врз грбот на другите и нивниот труд. Парадата на конформистите. Парадата на опортунистите и политички најкоректните. И новата (или само навидум инаква) – парадата на извинувачите, слеани во големата парада на тишината. Од нивната конспиративна тишина продолжува да ѕвечи камшикот врз немоќните, од чии врснувања неретко вртиме глава, дека не е наша работа…
Човештвото е растргнато како камшикот меѓу немоќното животно и разјарениот камшикар, во чин на насилство што ги поврзува, а треба да научи да сочувствува. Можеби затоа Ниче плачел, а пред него и Раскољников. И некој трет по нив, можеби во нас, кој си ја подготвува сопствената казна…
Педесет и една година по последните ненасилни маршеви на Мартин Лутер Кинг, светот уште е далеку од сонот во кој нашите деца ќе бидат судени единствено според нивниот карактер. Напротив, како светот да маршира кон кошмарот да бидат судени токму поради него, оние што го имаат. Бескрупулозниот капитализам го држи суверено својот камшик над светот, подготвен да удри по очите на благородноста ако не галопира во посакуваниот правец на капиталот. Не многу одамна го слушавме гласот што буквално го бараше камшикот на една воена алијанса за наше спасение…
Месецов се навршуваат педесет години од албумот „The Soft Parade“ на американската рок-група од 1960-тите години „Дорс“ (именувана според насловот на една книга на Олдос Хаксли). Последната (истоимена) песна од албумот е фрлена ракавица и исмевање на американскиот сон: на конформизмот, консумеризмот и милитаризмот – сè што тој (и не само тој) и денес верно претставува.
Мора да има начин да се одбрани ова место, сугерира гласот на Џим Морисон, иако парадата надвикува: „мора сè да биде како што е!“ А „кога ќе пропаднат сите обиди, можеме да ги камшикуваме очите на коњот, да заспијат и заплачат“, завршува Морисон, како самоисполнувачко пророштво за една „цивилизација“ која не нашла излез од кругот на репресија и саморепресија, во свет на повисока смисла и благородност. И емпатија.
Назад во македонскиот (не)сон. Единствениот марш што може(ше) да му фрли ракавица на северномакедонскиот кошмар беше маршот на „измаршираните“, особено внатре во земјата, само доколку ги згуснеа редовите и ако разбереа дека македонското јаве (сонот на некогашните сонувачи) е само и само нивна работа…
„Револуцијата“ на „Слоу фуд“ започнала со здравица, но не заборавила (барем не сè уште) дека учествува во епска и (барем сè уште) несразмерна битка. Движењето „Слоу фуд“ започнува како протест на мала група луѓе, а денес има над 100.000 члена.
Однекаде мора одново да се почне, макар и од група луѓе што нема да се стопат во парадата на тишината, иако „љубовта“ на нејзиниот камшик секогаш цели во очите на благородноста и карактерот.
Авторот е магистер по мир и развој и поет