Изненадува и повторно обесхрабрува тоа што европските челници, и покрај многубројните досегашни искуства, не само што го толерираат тоа туку и самите безглаво се втурнуваат во спиралата на крајно паушални оцени и прогнози за голем потенцијал на запаливоста (експлозивноста) на регионот и повторно си дозволуваат прогнози со катастрофални исходи. Ниту упорноста на првите, ниту наивноста и површноста на вторите не се за потценување
Самитот на ЕУ – Западен Балкан, кој на 17 мај треба да се одржи во бугарскиот главен град, ќе биде првиот самит посветен на регионот по 15 години, откога во 2003 година сличен собир се одржа во Солун. Тогаш беше упатена пораката дека вратата на Унијата е отворена за Западен Балкан, што беше првпат европските лидери јавно да ветат оти сите земји од регионот ќе влезат во ЕУ. Поконкретно, пораката беше дека ЕУ повторно ја потенцира својата недвосмислена поддршка на европската перспектива за земјите од Западен Балкан. „Иднината на овој регион е во ЕУ“, пишуваше во декларацијата што беше усвоена по иницијатива на Грција, а се однесуваше на Хрватска, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и на Албанија. Една и пол деценија потоа просторот, наречен регион, малку е видоизменет. Малку има и причини за задоволство.
Еден месец пред самитот, кој веќе е означен како најважен настан во текот на бугарското претседателство со Европската Унија, додека нејзините земји-членки сѐ уште работат на финалниот текст на документот што треба да биде усвоен и кој уште еднаш треба да ја потврди европската перспектива за сите земји од Западен Балкан, нештата изгледаат уште покомплицирано отколку пред 15 години. Организацијата на самитот се соочува со сериозни тешкотии, почнувајќи од одбивањето на некои земји да учествуваат поради најавеното присуство на претставници на Косово до сериозната опасност дека декларацијата нема да биде усвоена поради недоволната заложба на земјите на ЕУ за натамошно проширување или поради стравувањата на некои дека тоа би можело да значи еднаков третман на Косово со другите земји.
Она што досега е познато е дека во документот, независно дали тој ќе биде наречен декларација или заеднички заклучок, треба да биде потенцирано оти земјите-членки на ЕУ „недвосмислено ја поддржуваат европската перспектива на земјите од Западен Балкан врз основа на одделното исполнување критериуми и индивидуални заслуги“, од една страна, и оти „сите држави од Западен Балкан се залагаат за зајакнување на добрососедските односи, регионална стабилност и заедничка соработка“, од друга страна. Последново, според првичниот нацрт на декларацијата, вклучува обврски за наоѓање конечни и законски обврзувачки решенија за билатералните спорови засновани на, како што се вели, наследството од минатото.
Освен тоа, во текстот треба да биде наведено и дека ЕУ и земјите од регионот споделуваат заеднички безбедносни предизвици што бараат координирано индивидуално и колективно дејствување и во таа насока би требало да биде зајакната соработката во борбата против тероризмот и екстремизмот, вклучувајќи мерки против радикализацијата и справувањето со учесници во терористички акции и на боиштата во странство. Во нацртот се вели и дека земјите од регионот се свесни оти борбата против организираниот криминал и корупцијата е од суштинско значење за политичката и социоекономската трансформација на општеството. Се поздравува придонесот на земјите од регионот во заедничката надворешна и безбедносна политика и се нагласува дека ЕУ очекува продлабочување на соработката во оваа област пропорционално на степенот на нивната хармонизација. Се споменува и влијанието на таканаречените странски фактори во земјите од регионот, кои, исто како и земјите-членки на Унијата, ќе треба порешително да се борат против обидите за дезинформации, преку поголема сајбер-соработка и соработка во стратегиските комуникации.
Има и веројатно ќе има тука уште некои детали, но да се вратиме на делот во кој приближно се наведува дека земјите од регионот имаат обврски за наоѓање конечни и законски обврзувачки решенија за билатералните спорови засновани на, како што се вели, наследството од минатото. Она што во моментов е најактуелно е прашањето дали Србија ќе учествува на самитот откога стана сосема јасно дека во Софија е предвидено и столче за Косово, особено поради тоа што од Шпанија стигна веста дека нејзиниот претставник нема да биде на иста маса со претставникот на Владата од Приштина, поради аналогијата со Каталонија. Слични најави, наводно, стигнале и од Романија и од Кипар. Така, учеството на самитот стана незгодно прашање пред сѐ за Белград, чии одделни структури веќе на големо собираат дневнополитички поени на оваа основа, во обид дури и тоа да го стават во функција на планот за нови прекројувања на границите на Балканот.
Обесхрабрува, па дури и загрижува тоа што наместо за реформи и за развојни проекти, и понатаму се зборува само за гаснење огнови. Некои, сосема очекувано, користејќи ги повеќе фарсичните отколку сериозни ситуации и слабиот лидерски потенцијал на овие простори, повторно обидувајќи се да ја конзервираат состојбата на безвластие и да го попречат ширењето на европските норми и вредности, успеваат да ја наметнат таквата реторика. Но тоа воопшто не треба да претставува изненадување
Но Белград немаше да биде Белград доколку и оттаму, повеќе или помалку гласно, но во континуитет, не стигнуваа и гласови на разум, па, така, умните луѓе убаво заклучија оти подобро е Србија да учествува на самитот во Софија отколку без неа да се разговара за клучните прашања што ја засегаат, вклучувајќи и за односите со Косово. Во подебела или во потенка сенка на исчекувањето на „големото финале“ помеѓу Белград и Приштина се другите територијални спорови помеѓу државите во регионот, проблемот со Изборниот законик во Босна и Херцеговина и, се разбира, спорот за името помеѓу Македонија и Грција. Поточно, „наследството од минатото“ низ отворените билатерални спорови, засилени со неброени дневнополитички ситуации, сѐ уште се влече низ Балканот без реални изгледи наскоро да биде депонирано некаде во архивите.
И со тоа повторно сме на почетокот од овој текст, застанати веќе кај првите редови од нацрт-документот што треба да биде усвоен во Софија, се враќаме во Солун. Вистина, домаќинот на претстојната средба, бугарскиот премиер Бојко Борисов, вложува голем напор да не остане така, па веќе има најави дека шефовите на држави и влади ќе присуствуваат само под своите имиња и дека нема да се истакнуваат имиња на земји, нема да има знамиња, дека на крајот може да излезе само со заедничка изјава, а не декларација, со што би се одбегнало именување на Косово како држава. Борисов пред некој ден испрати и мошне позитивна порака дека сите на Балканот мора да покажат добра волја, бидејќи последиците од неодговорното однесување и предизвикувањето нови конфликти ќе ги трпи само Балканот.
Иако настапот на Борисов охрабрува, обесхрабрува па дури и загрижува тоа што пред ваквиот многу значаен настан, наместо за реформи и за развојни проекти, и понатаму се зборува само за гаснење огнови. Некои, сосема очекувано, користејќи ги повеќе фарсичните отколку сериозни ситуации и слабиот лидерски потенцијал на овие простори, повторно во обидот да ја конзервираат состојбата на безвластие и да го попречат ширењето на европските норми и вредности, успеваат да ја наметнат таквата реторика. Но тоа воопшто не треба да претставува изненадување. Изненадува и повторно обесхрабрува тоа што европските челници, и покрај многубројните досегашни искуства, не само што го толерираат тоа туку и самите безглаво се втурнуваат во спиралата на крајно паушални оцени и прогнози за голем потенцијал на запаливоста (експлозивноста) на регионот и повторно си дозволуваат прогнози со катастрофални исходи. Ниту упорноста на првите ниту наивноста и површноста на вторите не се за потценување.