Ако слепо верувате во учебниците, кои по природата на работите (природата како што ја дефинира нашиот увезен образовен систем) се преписи од иднината (нашата политика е убедена дека Западот е метонимија за иднина), во нив за новинарството прво и основно правило е: ДОБРА ВЕСТ Е ЛОШАТА ВЕСТ! Илустрација: „Двајца подлегнаа на повредите, а тројца се борат за живот во катастрофалната несреќа……“ или „Извршен е атентат на претседателот на државата во непосредна близина но резултатите од истрагата се очекуваат да бидат…“ или… Но да се обидам со спротивното. Верувам дека моето новинарско искуство ми дава право на пристап до експериментот.
Значи, еве една добра но радосна вест. Во подготовка е книга: Сеопфатна историја на македонската дипломатија. И јас помислив дека станува збор за периодот 1991-2018 година и помислив дека ова и не е толку добра вест затоа што можеби авторот ќе заборави некое име или некого ќе дефинира несоодветно на очекуваното или едноставно може да биде како со енциклопедијата.
Имав можност да го видам ракописот (нема да верувате во с. Крупишта)… и дознав дека има копии и на други места (на сета етничка карта на Македонија) како проверка пред да дојде ред за печат. Овој настан и не би заслужувал особено внимание до неговата промоција, но би бил интересен по промоцијата. Го поместувам (фрагментарно) како гласно размислување сега, поради една задолжителна реченица, која средствата за јавно информирање ја користат како „крај на приказната“. Реченицата се повторува секојдневно на секои 30 минути и е неизбежна во вестите. Гласи: НЕМАДРУГОРЕШЕНИЕ (се пишува заедно)!
Станува збор за без сомнение ИСТОРИСКОТО распродавање на милениумската култура и цивилизација на Македонија. Станува збор за промоција на недоволно сериозно реализиран ИНТЕРЕС, на неподготвени играчи што влегуваат во ИГРА за која немаат доволно ни теоретска ни практична подготовка, станува збор за определено множество, кое за да поседи на власт неколку години е подготвено да отуѓи околу 5.500 години историски архитектонски и цивилизациски континуитет создавајќи одбрана преку прашањето: ОВА Е ЕДИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ – ИМА ЛИ ДРУГО РЕШЕНИЕ?… Кој на овој предизвик најдобро и најпрецизно би одговорил ако не сѐ уште неавторизираниот ракопис на СЕОПФАТНАТА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА. Нема да го злоупотребам скапоцениот простор што ми ги отстапува „НОВА МАКЕДОНИЈА“ за рекламирање нова историја, но ова е само потребна информација за да го изведам доказот. Македонската дипломатија во делото опфаќа период од Александар Први (498-454) до 1999 г. Си дозволувам одговорот на прашањето: „Има ли друго решение?“ да го пронајдам во минатото (како секој нормален истражувач) на македонската дипломатија. Многу често во рамките на континуитетот на еден народ историјата се повторува и воопшто историјата има силна тенденција кон повторување. Значи: ПОСТОИ ЛИ СЛИЧЕН ПРЕДИЗВИК ВО МАКЕДОНСКОТО МИНАТО И АКО ПОСТОИ КАКО Е РЕШЕН!? Изгледа како невозможен труд затоа што ваков апсурд…! Но вистината исто така многу често е апсурдна….
Еве на пример, неодамна една војска дојде во Македонија и со сила озакони дека ова не е Македонија и дека ние не сме Македонци. Потоа дојде друга војска и озакони дека Македонија не е Македонија и Македонците не се Македонци. Потоа заминаа и едната и другата војска и Македонија остана Македонија и Македонците останаа Македонци. Сличен пример приближно во исто време но веројатно со решение: Делови од Македонија и делови од Македонците според решение од повисоко им се доделуваат на окупатори, кои со закон забрануваат постоење на Македонија и Македонци. И во оваа варијанта Македонците остануваат Македонци и Македонија останува Македонија и покрај полициски геноцидни прогони и покрај уништување на црквите и градовите и покрај новите географски карти и новите топоними, хидроними… Ова историско решение се темели на сенароден отпор и е на спротивната страна од дипломатијата.
Не беше тоа одамна. Во сферата на Второто Македонско Царство, во државата што го измисли светскиот дипломатскиот јазик и светскиот правен поредок, по крајот на големата интелектуална расправа околу иконите, во процутот на македонската ренесанса (9 век н.е.) кога на власт е царот Михаил Трети, а поучена од последиците на иконоборството, сега е исправена пред уште посериозен проблем, кој расте. Треба да се земе предвид дека во македонската теолошка држава интелектуалните расправи имаат директно влијание на тоа кој ќе седне на престолот. Денес во демократска Македонија влијанието на интелектуалните расправи се димензионира според потребата на актуелната власт. НО проблемот на македонската власт од „мрачниот среден век“ е исклучително тежок. Интелектуалците подолго време водат расправа околу божјите јазици. Доколку политиката навреме не реагира тогаш на повидок е најголемата можна ерес од која закрепнувањето нема да трае само сто години како иконоборството!
За што станува збор. Христијанството следејќи ја инерцијата на соборот во Никеја признава три божји јазици врз основа на напорот на Птолемеј Филаделф од 2 век пр. н.е. и врз инерцијата на латинскиот коине: КОИНЕ, римската варијанта на КОИНЕ и ЕВРЕЈСКИ (со почит кон Стариот завет). Но, во државата што владее преку словото божје има витален интерес да го шири ТОА СЛОВО затоа што на таков начин не треба да ангажира воена сила за да владее со некоја територија. Понатаму најголемата територија, која е во гравитациското влијание на Цариград говори еден јазик – македонскиот изворен јазик (целиот македонски полуостров, Моравија, Панонија, Украина и Русија). Доколку успее да го востанови и МАКЕДОНСКИОТ како службен јазик покрај веќе „одобрените“ божји јазици…. Доколку таа реалност може да биде разбрана од апостолската црква во Рим… Царот разбира дека е потребно да најде дипломат што ќе може да ја понесе одговорноста за успех на оваа мисија и разбира дека за ваква специфична задача нема готов кадар и дека треба да го создаде до моментот кога ќе стигне божјиот знак. Од филозофите што се на располагање го одбира Ц’РКО од Солун, кој преку државниот образовен систем е преобразен во Константин Филозоф. Пред да го испрати на тешката дипломатска задача во апостолската црква во Рим, Константин е испратен на дипломатски тест од приближно таква тежина: оди да ги обезбеди христијаните меѓу Сарацените, да ги покрсти Хазарите, но и да подготви преку нив скапи подароци, кои во секој случај можат да помогнат околу дипломатската задача во Рим. Десет години филозофот е изложен на слични искушенија, заедно со брат му Страхота, кој е исклучителен воин, но преку замонашување се ПРЕОБРАЗУВА во Методиј ,како и со други дипломати од понизок ранг… и царот е подготвен да го испрати кај папата во седиштето на Апостолскиот собор. Се чека само БОЖЈИОТ ЗНАК.!…. Во 862 г. пристига барање во Цариград од кнезот на Моравија за потребата божјото слово да се слави на мајчиниот јазик….
Од овде натаму историската тема е позната. Дипломатската мисија на Константин брат му и на другите дипломатски придружници успева. Папата Адриан Втори го прифаќа македонскиот мајчин јазик како службен во теолошката империја односно во црковната служба како богоугоден и самиот организира богослужба на македонски во црквата „Св. Климент“ во Рим.
Би сакал уште само малку простор за да го изложам успешниот дипломатски проект на македонската династија од пред 1.100 год. како начин на решавање исклучително тешки проблеми обременети со тешко минато точно меѓу две страни, кои по многу основи се сметаат за наследници на исклучително богатство.
1. Предвидување на проблемот (најмалку 10 години пред да стане актуелен).
2. Одбирање вистински кадар, но кој бара тренинг за спецификата на проблемот.
3. Одбирање комплетен тим за поддршка со соодветен профил и тренинг.
4. Подготовка на протоколот и подготовка кон протоколот што се очекува.
5. Одбирање подарок што не се одбива и што обезбедува највисоко достоинство во режијата на расправата.
6. Специјален однос и протокол на владеење во периодот на преговарањето.
Македонската династија во 9 век предвидува дека државен интерес е да се воведе македонскиот јазик во службена употреба (црковно богослужење).
Македонската власт одбира најпочитуван учен во царштината за дипломатска мисија и го подготвува 10 години.
Тој патува и собира искуства и позитивни резултати поддржан од посветен професионален тим.
Режиран е патот на филозофот од пристигнувањето во Венеција до процесијата низ градот Рим.
Подготвени се најскапоцените дарови кон апостолската црква овоплотени како мошти на СВ. КЛИМЕНТ РИМСКИ, кои во позлатен ковчег се носат во Соборот на Св. Петар со што е предизвикан екстатичен шок кај папата и папската курија. Проценето е дека славата на Константин Филозоф однапред обезбедува почит на тркалезната маса. Аргументацијата и речникот на Константин е доминантен (сѐ уште Крстоносните војни се далеку од Второто Македонско Царство)
Власта во Цариград одложува некои воени судири (со Гобор) само за да се случи осветувањето на глаголицата.