Последниве две-три години домашни инвеститори почнаа да вложуваат во производни капацитети во стопанските комплекси „Зубовце 1,2 и 3“, а неколку од нив се во погон
и во нив се вработени околу 300 лица. Примери за почит. Младите стопанственици очекуваат помош од државата, особено од администрацијата да им помага, а не да им одмага во добивањето на потребната документација, која е обемна, сложена и
скапа. На тој начин преку изградба и ставање во функција на производниот капацитет, секако, ќе се спречи и ќе се намали сѐ поевидентниот бран на иселување на населението од државата и негова емиграција во другите земји
Деновиве започна да се урива големата производствена хала на „Алумусиликатна фабрика“, која работеше во рамките на фабриката „Силика“. Сопственикот што ја купи фабриката од државата, ја продал на нов сопственик, а овој се одлучил да гради станбена зграда. Исто така, првиот сопственик што од државатa го купил целиот имот, поголемиот дел од недвижниот имот го продал на нови сопственици, кои изградија голем маркет и станбена зграда. Од имотот на поранешната фабрика за производство на огноотпорни материјали функционира само „Доломитна фабрика“ во која се вработени околу 80 работници. Инаку, во овој гигант беа вработени околу 1.500 работници. Набрзо во заборав ќе замине и индустриската кланица „Горни Полог“, како што дознаваме, ќе престане да ја врши основната дејност, колење ситен и крупен добиток и нема да работи погонот за конзервирање. На просторот ќе се градат станбени згради што е во согласност на ДУП.
Охрабрува податокот што ќе се реактивираат погоните на фабриката за стаклени влакна и финални производи од некогашното т.н. големо гостиварско стопанство. Како што вели еден од сопствениците на „Монтенегро“, пред три години од државата ја купиле фабриката за да го пренаменат производство од безалкални влакна во конзервна индустрија за овошје и зеленчук при што се планира директно да се вработат 300 лица, а индиректно над 1.000. Овој производствен погон ќе го ублажи проблемот со невработеноста односно ќе влијае на зголемување на вработувањата.
Во меѓувреме лошото државно раководење, кое во минатото и во транзицијата уништи голем број производни капацитети во Гостиварско, ќе треба оваа грешка да ја исправи со стратегиски план и со помош на заинтересираните лица за изградба на производствени капацитети. Само за потсетување, на крајот на 80-тите години на минатиот век, во Гостивар и на поширокиот регион со успех работеа производствените гиганти, не само во Македонија, туку и во поранешната заедничка држава СФРЈ.
Фабриката за огноотпорни материјали „Силика“ со широк асортиман на огноотпорни материјали ги снабдуваше сите челичарници во Југославија и другите фабрики и производите ги извезуваше во Полска, Чешка СССР, Куба и во други држави, индустриската кланица „Горни Полог“ извезуваше над 350.000 шарпланински јагниња во Италија, Грција, во арапските држави. Успешно работеа и извозно беа ориентирани и текстилната фабрика „Готекс“, рудниците и индустријата за украсен камен „Мермери“, детската конфекција „Декон“, МЕГО „18 Ноември“, „Треска-Јавор“ текстилните комбинати „Единство“ – Скудриње и „Братство“ – Ростуше, а со успех работеа десетина сточарски задруги и уште толку услужни и занаетчиски претпријатија. Во таканареченото големо гостиварско стопанство пред транзицијата работеа околу 15.000 работници. Токму ова придонесуваше работоспособното население да остане дома, а не да оди на гурбет и да ја обезбедува егзистенцијата.
Последниве две-три години домашни инвеститори почнаа да вложуваат во производни капацитети во стопанските комплекси „Зубовце 1,2 и 3“, а неколку од нив се во погон и во нив се вработени околу 300 лица. Примери за почит. Младите стопанственици очекуваат помош од државата, особено од администрацијата да им помага, а не да им одмага во добивањето на потребната документација, која е обемна, сложена и скапа. На тој начин преку изградба и ставање во функција на производни капацитет, секако, ќе се спречи и ќе се намали сѐ поевидентниот бран на иселување на населението од државата и негова емиграција во другите земји.