Нешто загатнавме за симболизмот на Новиот почеток и во нашата мината колумна, драг читателу. Го нагласивме бројот осум во Библијата како отворање на новиот круг на создавањето, откако Господ одморил седмиот по шесте напорни денови обликување од хаосот на својот Opus mundi. Чудно, јас отсекогаш интуитивно сум бил приврзаник на осумката, па, така, втројувајќи ја 888 неа ја ставив и за шифра на мојата поема „Големото незнаење“ на анонимниот конкурс на „Детска радост“ пред десетина години.
И ја освоив наградата „Григор Прличев“. Интересно, кратко време потоа во самопослуга ме сретна еден пријател артист, ми честита и ми рече: „Браво, добро си ги суредил и насликал тие таму во владата и парламентот.“ Се воздржав да не прснам во смеење, оти чувај боже тие да ми бидат тема за поезија. Попрво би се убил. Тие се далеку од тоа. Големото Незнаење не ги означува тапиот ум и празниот дух на политичарите, туку тоа е, парадоксално, еден вид повисоко, највисоко знаење. Свето знаење чиј сопственик е Бог и делумно ангелите. Тоа е недофатливо за земниот човек.
Сепак до него се допираат и се проткајуваат одвреме-навреме само пророците и поетите. И некои научници од типот на Тесла, Ајнштајн и Њутн. Синтагмата Големото Незнаење кого, пак, го интересира може да ја најде во „Багават Гита“, светата книга на мудрите Индуси. Колку да не мислат егоцентричните христијани од триста вида и конфесии дека само тие имаат свети книги. Индусите, кои можеби повеќе од сите други народи на планетата се занимавале со тој тип божјо знаење. Махатма Ганди беше негов модерен спроводник и архетип.
И пророците и поетите се допираат до Големото Незнаење, драг читателу, ама нив нагло ги снема во ова безбожно време. Се измелезија, ги прифатија материјализмот, фарисејството и егоизмот што му ги понуди на човекот модерната и бездушна западна либералкапиталистичка цивилизација. Човекот кој веќе од поодамна, две столетија и кусур е исклучен од струјата на Бог и божественото, од Љубовта и Моралот што се основни супстанции на просветленото и од гope, а не од валканата политика, осветено битие. За жал, и ние по распадот на Југославија легнавме за да се преобликуваме во западниот евроамерикански калап. И се преобликувавме: станавме полакоми од кога било порано, посебични и поегоистични, дарвинистички затворени во тесниот круг на социјалниот, антиморалниот и општествениот крволочен, безмилосен канибализам.
Тој дарвинистички канибализам, почнувајќи од деведесеттите на минатиот век до денес, го предводеа новопечените тајкуни, бизнисмени со милиони прекуноќ, и политичари. Системот под кој тие молскавично, со методот на Хитлер блицкриг се богатеа дерејќи му ја кожата на народот, носеше наслов докапитализација. Тогаш кај нас првпат исплови тој поим, на кој јас му посветив еден есеј, но до денес необјавен. Гледам, збунет си, драг читателу. Прашуваш што означува точно тој поим. Ја означува фазата што во историјата на економијата се вика првобитна акумулација на капиталот во почетоците на капитализмот. Знам дека таа ни на Запад не била наивна по народот, но кај нас таа, реализирана од СC-елитата на СДСМ беше неверојатно сурова.
Дивјачка. Беше разграбано и опљачкано сè што беше вредно како општествено добро. И тоа беше почетокот на дерењето на социјалната кожа на народот. Докапитализација. Социјален пустош и пепел. Материјалните богатства отидоа кај еден отсто, а преостанатите 99, во разни социјални нијанси, се сведоа на голо преживување на останатиот народ. На најсиромашните за утеха им останаа само Бог и божествената правда, тема што е сјајно насликана на една фреска од Микеланџело во Сикстина во Рим. Имено, на неа св. Вартоломеј како претставник на сиромасите на Страшниот суд му ја покажува на Исус Христос својата одрана кожа што го симболизира страдањето на човекот. Конкретно на сиромасите.
Е, така нешто, и нашиот сиромашен народ е сличен со одрана кожа, на св. Вартоломеј во Сикстина. Таа кожа нему сè уште му ја дере ножот на докапитализацијата, на која како да не ѝ се гледа крајот (валкани тендери, корупција, купишта даноци…) и која не би можеле теориски да ја објаснат ни Маркс, ни Енгелс. А власта и на едните и на другите политички мангупи кај нас веќе триесет години енормно секој ден нè задолжува кон монструозните дебелогази западни либералкапиталистички банки. Со тоа се задолжуваат и тие што уште не се родиле, и тие што ќе ги родат потоа тие, без да знаеме дали некогаш воопшто ќе се затвори должничкиот круг.
Значи, сфати драг читателу дека социјалната слика и оваа година ќе биде иста како и минатата, оти Владата сè уште не нè дотаманила идентитетски докрај и само на тоа ги употребува своите сили, пумпани со кислород од Запад, кој исто така длабоко ќе настрада од неговите малоумни политичари и политбирократи. И за каква друга слика да зборувам. За здравството и културата? Сега убавите болници кај нас, како и во Америка, се само за богатите. Оние што останаа таканаречените државни за понискиот слој се полоши од бедни сиропиталишта. Одете ако сте срцево болен во клиничкиот на кардиологија и ќе добиете нов инфаркт уште во неописливата турканица на шалтерите, ако немате некоја врска да ви помогне. Итн.
За културата, пак, и да не зборуваме. Таа е мислена именка за премиерот и за оваа власт. Не знам дали тие во владата и елементарно знаат што означува тој поим и зошто културата му е потребна како насушен леб на човекот. Да знаат, и тие би ја поседувале барем во некој мал процент неа и би биле малку поумерени во своите анимални нагони за грабеж и измама на народот. Маркс тврдеше: прво база (материјална благосостојба), па надградба (култура). Но нашите тајкуни и политичари од гope до долу ја побија таа негова теза. Тие имаат толку многу база, а речиси никаков слој на култура. Затоа jac, драг читателу, одамна сум и ѝ се имам спротивставено на оваа теза на ингениозниот германски филозоф и економист, свртувајќи ја наопаку, дека прво е културата, а потоа базата овозможена од неа. Оти културата не нè тера кон материјалистичка лакомост, и таа знае како да ги произведе и распредели праведно материјалните добра, не пречекорувајќи ги границите на социјалната благосостојба за сите.
Заклучокот: ако се во лоша состојба здравството и културата во едно општество, тогаш народот во него е и физички и духовно болен. А кај нас е имено таква ситуацијата. Целото општество сè повеќе и повеќе заличува на сиропиталиште и на психијатриска клиника. Ми вели сосетката аптекарка дека никогаш порано како сега народот не пиел толку многу лекови, особено дијазепам, лекувајќи ги своите разни стресови, социјални и секакви други од психолошките притисоци со кои го угнетува власта. Особено со притисокот за идентитетско обезличување со преименувањето и срамот и понижението што ги доживува тој поради тоа. И уште што ведро да ти кажам на почетокот од оваа година, драг читателу? Нема. Да ти кажам ли дека, како и досега, ќе продолжи и понатаму расцепот на македонското колективно битие. Ќе продолжи суровиот политички (некогаш макар и фингиран) канибализам меѓу СДСМ и ДПМНЕ (нека ми простат за она ВМРО). Луцидниот Хобс, добар ученик на Дарвин, ја промовира суровата антрополошка теза само со еден молскавичен потег: „човекот на човека е волк“. Јас, пак, неа ја варирам на наш терен: „Македонецот на Македонецот му е волк“. Од тој, пак, „колеж“ меѓу Македонците кај нас, се разбира, најмногу профитираат Албанците. Од осамостојувањето досега тие ги држат Македонците во скут. Така ќе биде и оваа година, во која во Уставот се потиснува до деструкција AСНОМ, за да се смести удобно во него за Македонците понижувачкиот Охридски рамковен договор, а се со цел уште повеќе да се стигматизира македонското колективно битие, што е цел и на западните планери за негова конечна идентитетска смрт. А можеби и физичка. Со тие „мајстори на смртта“ човек никогаш не може да биде сигурен. Та зарем бомбардерите на Черчил, заедно со грчките монархофашисти не ја исчистија Егејска Македонија од Македонците во 1948 година. Европа од секогаш кон нас била повеќе фашистичка отколку хуманистичка. Особено денес.
Ништо посебно оптимистичко не можам да ти кажам, драг читателу, особено по мигот откако премиерот Заев, неговиот палеолитски министер Димитров и целата квислиншка полудива сурија во Собранието ја отчукаа со мртовечки звук камбаната за наша идентитетска смрт: северна Македонија. И така сега не е само Муртино смуртено. Сè смуртено и паднато во длабок очај и чемер во Македонија. Искрено, не гледам ни еден зрак што би можел посилно да ja осветли мртовечката дупка некаде на самиот ќош на вселената во која сега, како никогаш досега, нè спикале западните и балканските „мајстори на смртта“. Знам, велиш, ама сликите што ти ги давам не одговараат на симболизмот и митологемата Нов Почеток, што по дефиниција означува ренесанса. Да, се слагам, затоа и поднасловот на насловот на нашата колумна е песимистички: „Репресија и депресија“. Доволно. Во катастрофата што нè зафати нас, она што е високо, како што вели поетот, исчезнува, а она што е ниско ’рѓосува и се распаѓа, но кај нас тоа и такво трае преку политиката и политичарите како да е вечност. А има уште многу други тажни слики што ги отвора новиот црн почеток на ова лето господово 2019. Меѓу нив најтажна и најкатастрофична е навестениот попис во кој Македонците ќе се бројат како безлични глупави бројки, па така и Питагора, благодарение на нашата власт со нула коефициент на интелигенција и морал, доживеа да биде од неа апсолутно нивелирана неговата света теорија и симбологија на броевите. Таквиот попис, пак, драг читателу, не е ништо друго туку развејување во ветер на пепелта од урната на овој народ за ни за неговата смрт да нема повеќе никаков знак. Оти и смртта е меморија, и тоа моќна. И на таа меморија, значи, „мајсторите на смртта“ ни го одземаат правото. Странските и домашните.
А Европа? Таква каква што е таа денес, драг читателу, со темен канибалистички и колонијалистички нагон, подобро е таа да дојде во Македонија, отколку Македонија да појде во неа. Да дојде, да земе душа, оти си ја продала нејзината на Мефистофел (Сатаната) и да се облагороди. Ако тоа го стори и се облагороди, ние сме подготвени да ѝ простиме (такви сме) за целокупното нејзино варварство врз нас во минатото и сега.
Така, мој драг читателу. Не можам да се силам да бидам оптимист. Тоа не е реално и не би било чесно ни кон самиот себе. Попотребна е божја интервенција за да се случи некое чудо во оптимистички правец. Туку, чекај малку. За малку ќе заборавев. Сепак се вести еден оптимистички знак во сето македонско црнило, а тоа е дека ние во оваа година првпат можеби, како што тргнале работите од Пентагон преку Брисел до Скопје, ќе добиеме Македонец нобеловец. А кој друг, него нашиот славен, со балкански и светски ореол на миротворец премиер. Махатма Ганди ја немаше таа среќа да се овенча со таа награда, ни Толстој, ни (…), но детето голомеше од Муртино – да! Сфати ме како сакаш, драг читателу, иронично или саркастично, но тоа е важен факт, а ти ми велиш дека со таа Нобелова Македонија и Македонците или ќе воскреснат како ангели од историскиот мрак, или нема да остане повеќе ни прашинка од нивното Име и идентитет. Сеедно. Во секој случај, да беше жив Габриел Гарсија Маркез сигурно ќе го искористеше случајот Заев и Нобеловата за некој нов магичен роман на тема Македонија по „Сто години самотија“. Се разбира, доколку може и тој, така генијален, да го свари и обмисли во својата фантазија македонското, европско и универзално, планетарно чудо со име: Зоран Заев. Скратено ЗЗ. Толку за денес, драг читателу. Извини за депресивната нарација во оваа колумна, со исклучок на нејзиното ведро, Нобелово финале. До следната наша средба срдечни поздрави.